Финале за Оливера Наковска Бикова

  • PDF

Ekipa1Вториот натпреварувачки ден (05.05.2011) на Светскиот Куп во стрелаштво во Аликанте се стрелаше дисциплината малокалибарски пиштол слободен избор. Со оглед на тоа дека стрелиштето има 26 употребливи стрелачки места за оваа дисциплина, а беа пријавени 55 стрелци, согласно правилата на ИССФ најнапред се одржаа елиминаторни борби кои воедно беа и натпревар за екипен пласман.

Се стрелаше во три елиминаторни групи и во секоја од нив се наоѓаше по еден наш натпреварувач. Првопласираните осум натпреварувачи од групите директно се квалификуваа за натпреварот во оваа дисциплина кој се одржа третиот натпреварувачки ден на 06.05.2011 година. Од нашите спортисти во квалификациите се пласираа од првата елиминаторна група Ванчо Каранфилов со 523 кругови, од втората Оливера Наковска-Бикова со 512 кругови, додека Бранимир Јовановски во третата елиминаторна група имаше слаб старт и со 500 круга не успеа да ги помине квалификациите. Екипно, репрезентацијата на Република Македонија го зазеде 6-то место, а интересен е податокот дека бронзениот медал ни „побегна” за само 5 круга, а сребрениот за само 8 кругови. Но, токму во тоа е убавината на спортот, неизвесноста која трае до последните секунди од настапот, буквално до последниот истрел.

На 06.05.2011 година со почеток во 8,00 часот започнаа борбите за квота во дисциплината малокалибарски пиштол слободен избор. Нашите натпреварувачи стартуваа во конкуренција на 26 натпреварувачи и на крајот на основниот дел Ванчо Каранфилов со резултат од 518 кругови го зазеде 15-то место, додека Оливера Наковска-Бикова со 528 кругови колку што имаа 4 натпреварувачи помеѓу шестото и деветото место се пласира на 8-то место. Меѓутоа, согласно пропозициите на ИССФ, во случај кога повеќе натпреврувачи имаат ист резултат, а не може сите да влезат во финалните 8 позиции, се стрела shoot-off, 5 елиминаторни истрели од кои на крајот се собира резултатот по децимали, како во финалето. По исстреланите 5 елиминаторни истрели, Оливера се избори за настап во финалето како осмопласирана, а борбата за влез во финале ја загуби Живко Папаз од Србија.

Во финалето ниту среќата ниту концентрацијата не беа на страната на Оливера и настапот го заврши како осмопласирана со вкупен резултат од 612,6 кругови. Ова преставува голем успех за Оливера во подготвителниот период за следните Параолимписки игри во Лондон 2012 година. Финале во оваа силна конкуренција е голем успех и секој натпреварувач кој ќе избори пласман во финале на вака силен спортски настан заслужува потполна почит.

Утре (07.05.2011) се стрела дисциплината воздушен пиштол. Жените стартуваат во 08:00 часот, додека мажите од 11:00 часот, откако ќе заврши комплетната дисциплина кај жените и ќе биде познат пласманот. Очекуваме нашите натпреварувачи да имаат значајни постигннувања на утрешниот настап.

You are here