НФСРИСМ – ПКСМ

Национална федерација за спорт и рекреација на инвалиди на Северна Македонија – Параолимписко комитет на Северна Македонија

ТОКИО 2020, ВОЗДУШЕН ПИШТОЛ 10М, ШЕСТО МЕСТО ЗА ОЛИВЕРА НАКОВСКА БИКОВА

Денес, 31.08.2021 година, најдобрата македонска стрелачка во пиштолски дисциплини Оливера Наковска Бикова, настапи на олимпиското стрелиште во Асака, Токио, во дисциплината П2-воздушен пиштол-жени 10 метри.
Во конкуренција на 18 врвни натпреварувачки, Оливера во квалификациите го освои 8-то место со резултат од 557 кругови, што е резултат далеку од нејзините реални можности, меѓутоа резултат кој повеќе се должи на недоволно спортска среќа, отколку на некакви грешки во настапот. Едноставно од почетокот на натпреварот „не ја сакаше центарот“, како што велат стрелците. Погодоците се вртеа на дел од милиметар од десетката, но никако да ја „закачат“ и да го направат резултатот повисок, а настапот помалку стресен за стрелецот. Како и да е, со лавовска борба и без никакви намери за откажување, Оливера полека се качуваше во пласманот и на крај успеа да се пласира на осмото место и да влезе во финалната борба.
Финалето го започна коректно, меѓутоа мала деконцентрација во четвртиот истрел од првата серија од пет истрели, како и во петтиот истрел од втората серија, ја спуштија на дното од табелата. Секако дека осмото место не ја задоволуваше амбицијата на Оливера и таа продолжи да се бори за што поуспешен пласман, успеа да се извлече во следните два истрела избегнувајќи го осмото место и препуштајќи и го на Ајсел Озган од Турција, потоа и седмото кое и припадна на младата Рубина Францис од Индија, но на крај киксевите од почетокот на финалето беа преголеми за да се надополни разликата и Оливера, иако во продолжението од натпреварот стрелаше коректно, мораше да ја напушти огнената линија како шестопласирана.
Секако ова шесто место е голем успех како за неа, така и за Параолимпискиот комитет на Северна Македонија. Таа петти по ред Параолимписки игри влегува во финалните борби, што е доказ за седумнаесет годишен континуитет на врвни спортски перформанси.
Се надеваме дека на следните два настапи ќе има повеќе спортска среќа, оти знаењето и борбеноста сигурно не и недостасуваат.
Одиме понатаму, следниот натпревар е на 02.09.2021, дисциплина П3-Спорт пиштол на 25 метри.
Како потсетување, Оливера Наковска Бикова на денешен ден (31.08.2012) пред девет години го освои златниот медал на Параолимписките игри во Лондон.