НФСРИСМ – ПКСМ

Национална федерација за спорт и рекреација на инвалиди на Северна Македонија – Параолимписко комитет на Северна Македонија

НОВА МАКЕДОНИЈА – ИНТЕРВЈУ СО ТРЕНЕРОТ БРАНИМИР ЈОВАНОВСКИ ПО ГОЛЕМИОТ УСПЕХ НА МАКЕДОНСКИТЕ ПАРАОЛИМПИЈЦИ НА ЕП ВО НОРВЕШКА

Македонските параолимпијци со години постигнуваат забележливи резултати, подобруваат рекорди и носат медали од големите натпреварувања во стрелаштво, како што се параолимписките игри (ПОИ), светските и европските првенства (СП и ЕП), светските купови (СК) и многубројни турнири. Потврда за сето тоа е последниот успех на стрелачите на ЕП во Хамар (Норвешка), каде што Оливера Наковска-Бикова освои злато поединечно во дисциплината воздушен пиштол од 10 м и бронза екипно заедно со Ванчо Кранфилов.
На што се должи овој континуитет на успеси и медали од 1973 година, во разни спортови, за плановите и што сѐ е потребно за уште подобри резултати, разговаравме со селекторот на македонската параолимписка репрезентација во стрелаштво, Бранимир Јовановски, носител на злато од ПОИ во Барселона 1992.
– Континуитетот на освојување медали од големите спортски настани, секако, најмногу се должи на исклучителниот спортски квалитет на Оливера Наковска-Бикова и посветеноста на тренажниот процес. Уште од почетокот на својата спортска кариера, Оливера ги почитуваше и применуваше советите за усвојување правилна техника, а подоцна и за тактика на спортската стрелба, тренираше вредно и неуморно низ годината, а имаше и поддршка од нас како искусни стрелци во тоа време, кои на свои плеќи го преземавме товарот за освојување на медали. Но тој период траеше кратко, таа веќе во својата втора година на меѓународна сцена ја освои европската титула во 2001 година и го најави својот потенцијал. Поминавме многу тренажни денови, натпревари на кои таа го „калеше“ својот стил на стрелба, јакнејќи ја притоа и својата ментална страна во обидите да се избори со психолошкиот притисок на кој се подложени сите спортисти од кои се очекува врвен настап и освојување медал.

Но спортистите не се роботи, тие се суштества со емоции, па таа борба и справување со психолошкиот товар е помалку или повеќе успешна. Низ годините, Оливера успешно се бореше и освои грст медали, впишувајќи се и неколкупати на листата на светски и параолимписки рекордерки – вели Јовановски.
Следуваат настапи за освојување квоти за ПОИ во Париз во 2024 година.
– Изминатиот петок, Интернационалниот параолимписки комитет ги објави критериумите за остварување квота за учество на ПОИ 2024. Годинава на СК во Шатеро, Франција, во јуни ќе бидат поделени четири квоти во пиштолски дисциплини, само за првопласираните, а на СП во Ал Аин, ОАЕ, ќе бидат поделени 12 квоти во пиштолски дисциплини и тука ја гледаме можноста Оливера да освои директна квота за учество. Оваа можност ќе ја имаат уште Александар Јовановски и Каранфилов – вели Јовановски, член на Клубот на великаните на Македонскиот олимписки комитет од 2002 година.

Што е потребно за продолжување на успешните настапи?
– Прво треба да се обезбедат просторни услови за тренинг. Во Скопје тренираме во импровизирани услови, па редно е државата да изгради соодветно стрелиште од модерен тип со електронски цели и пристап за тренинг. Треба да се обнови оружјето со доволно муниција, како и средства за заеднички подготовки, пред сѐ во Охрид, каде што има стрелиште на кое ќе ги тренираме сите дисциплини (на 10 м, 25 м и 50 м). Треба да се предвиди и соодветна мотивација за спортистите, односно да се пропишат еднократни награди за високи спортски резултати, нешто што недостига само кај нас, во однос на државите од регионот и пошироко. Врвни резултати не се постигнуваат без врвни тренинзи и без многу потрошено време и труд од спортистите, но и на нивните тренери, едуцирани спортски професионалци и педагози, кои будно ги следат сите фази на развојот на спортистите, од усвојување на техниката, преку изградба на соодветна тактика за секој настап, па сѐ до последните совети во текот на натпреварот за постигнување врвен резултат и пласман. И овие луѓе, иако во сенка, треба да бидат соодветно мотивирани за вложениот труд и време – вели Јовановски, кој во 2012 година е избран за најдобар тренер на Македонија.

НАСТАН        ЗЛ.      СР.           БР.
ПОИ                    2            1              2
СП                       2            4              5
ЕП                       4            3              4
ВКУПНО           8            8              11

дел од медалите се со параолимписки или со европски рекорд

Извор: www.novamakedonija.com.mk