НФСРИСМ – ПКСМ

Национална федерација за спорт и рекреација на инвалиди на Северна Македонија – Параолимписко комитет на Северна Македонија

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА МЕЃУНАРОДНИОТ ПАРАОЛИМПИСКИ КОМИТЕТ, ЕНДРЈУ ПАРСОНС (ANDREW PARSONS), ВО РАБОТНА ПОСЕТА НА МАКЕДОНСКИОТ ПАРАОЛИМПИСКИ КОМИТЕТ

Претседателот на Меѓународниот параолимписки комитет, Ендрју Парсонс (Andrew Parsons)од 24-27.03.2025 година е гост на Параолимпискиот комитет на Северна Македонија, во рамките на посетата на земјите од Југоисточна Европа. Неговата турнеја започна пред три дена во Црна Гора, а после нашата држава, ќе ги посети Параолимписките комитети на Србија и на Босна и Херцеговина.
Во мошне пријателска и пред се работна атмосфера, веднаш по пристигнувањето на претседателот Парсонс, одржавме работен состанок на кој дискутиравме за воочените проблеми со кои се соочува македонскиот параолимписки комитет за масовно вклучување на млади лица со инвалидност во спорт и во рекреативни активности, а едни од водечките се:
– непристапност на спортски објекти поради архитектонски бариери;
– недостаток на опрема и специфични спортски реквизити;
– недостаток на адаптиран јавен превоз, градски и меѓуградски;
– недостаток на посебни образовни програми за работа на часови по физичко образование со деца и младинци со инвалидност;
– недоволно едуцирани тренери за работа со спортисти со инвалидност;
– недоволни финансиски средства.
Истакнавме дека во повеќе наврати имаме организирано тркалезни маси на кои присуствувале претставници на нашите клубови, претставници на институциите, спортски работници, и на истите беа донесени повеќе заклучоци во однос на реализирање на посебни мерки за надминување на оваа состојба и подобро вклучување на младите со инвалидност во физичките активности, како што се:
-Целосно спроведување на законските одредби во сите области, а особено правилата за непречена пристапност и градење средина еднаква за сите;
-ЗЕЛС (Заедница на единиците на локалната самоуправа) да апелира до единиците на локалната самоуправа во Македонија, по примерот на Град Скопје, да дизајнираат достапни училишни спортски сали, да ги опремат со неопходна спортска опрема и специфични уреди за да овозможат непречено изведување на вежбите и обуката на младите со инвалидност;
-Факултетот за физичко образование, спорт и здравје да воведе дополнителна едукација за своите студенти за пристапот и методите при работа со различни видови и степени на инвалидност во одредени спортови;
-Вклучување на различни профили на професионалци (тренери/тренери, психолози, педагози, дефектолози, лекари, физиотерапевти, нутриционисти) во тимови кои ќе работат на вклучување на младите со инвалидност во физичките вежби и спортот;
-Воспоставување база на податоци за лицата со инвалидност;
-Министерството за социјална политика, демографија и млади да ја зајакне поддршката за социјална инклузија на младите со инвалидност преку физички вежби и спортување, преку финансиска поддршка на соодветни програми;
-Министерството за спорт да продолжи со континуирана и зајакната финансиската поддршка на програмите за аматерски и врвни спортови за спортисти со инвалидност;
-Институциите да поддржат и иницираат кампањи, јавни настапи и форуми за подигање на свеста за потребите на лицата со инвалидност за физичка активност и нивно социјално вклучување во општеството преку физички вежби и спорт;
Во тек на денешниот ден во раните утрински часови беше организиран интервју на претседателот Парсонс, но и претседателите на Параолимписките комитети на Хрватска, Ратко Ковачиќ, и на Црна Гора, Игор Томиќ, кои исто така се во дводневна посета на македонскиот параолимписки комитет, за печатени и електронски медиуми, а потоа работен состанок со министерот за спорт, Борко Ристовски, во просториите на министерството. Во една отворена и конструктивна дискусија за потребата од занимавање со спорт за лицата со инвалидност, министерот Ристовски истакна дека министерството се обидува да пружи максимална поддршка на спортските федерации, клубовите и индивидуалните спортисти на транспарентен начин со барање на отчет и постигнати резултати, за почеток не во смисол на постигнување на екстра врвни спортски резултати, што не е и невозможно, туку со масовно вклучување на децата и младите во спортските клубови и менување на навиките на пасивност, неактивност и поминување на голем дел од времето на социјални мрежи и видео игри. Таква поддршка му е дадена и на македонскиот параолимписки комитет, на дел од неговите здружени клубови и на врвните параолимпијци и таа поддршка ќе продолжи и во иднина. Претседателот на ИПЦ, Парсонс истакна дека инклузијата на лицата со инвалидност преку спорт е мошне важна работа и дека очекува максимална поддршка од државата кон македонскиот параолимписки комитет, не само за финансирање на врвниот спорт, туку и за одредени програми за промоција на вредностите на параолимпизмот и масовно вклучување на лицата соинвалидност во спорт преку обезбедување на соодветни услови и финансии за тоа. Министерот Ристовски побара македонскио параолимписки комитет во најскоро време да изготви конкретно барање, а тие како министерство ќе го разгледаат и подржат во рамките на можностите.
Потоа нашите гости се сретнаа со преседателот на Олимпискиот комитет на Северна Македонија, Даниел Димовски, на која беше истакната исклучителната соработка помеѓу двата комитета, но и предложени конкретни идеи за аплицирање на заеднички проекти за афирмација на спортот на лицата со инвалидност преку програмата на Ерасмус+.
Претседателот наМакедонскиот параолимписки комитет, Бранимир Јовановски им врачи плакети на ценетите гости за долгогодишната успешна соработка на полето на развој на спортот на лицата со инвалидност, со надеждека таа и понатаму ќе трае и ќе се надоградува.
Исто така во салата „Јане Сандански“ присуствувавме на тренингот на кошаркарите во колички, каде претседателот Парсонс имаше можност да се запознае со активностите на параолимпискиот комитет и желбата еден ден овие натпреварувачи да заиграат во NLB WILL Лигата.
Голема чест на нашиот комитет е посетата на претседателот на ИПЦ, Ендрју Парсонс, ова е за прв пат така значајна личност да го посети комитетот и нашата држава и искрено се надеваме дека нема да биде и последен пат и дека укажувањата за време на работните средби ќе вродат со плод. Благодарност и до колегите од НПК на Хрватска, Ратко Ковачиќ и на претседателот на НПК на Црна Гора, Игор Томиќ за несебичното залагање за подобрување на состојбата и инклузија на младите спортисти во спортски активности.