НФСРИСМ – ПКСМ

Национална федерација за спорт и рекреација на инвалиди на Северна Македонија – Параолимписко комитет на Северна Македонија

Настап на Параолимпијада во Лондон 2012

Настап на македонските спортисти на Параолимписките игри во Лондон 2012

– Златен медал за Оливера Наковска-Бикова

Од 29.08-09.09.2012 година во Лондон се одржаа најголемите до сега Параолимписки игри со учество на 4.200 спортисти од 164 држави, меѓу кои и од Република Македонија. Македонскиот параолимписки комитет го претставуваа: Драган Дојчиноски – шеф на мисија, Бранимир Јовановски – тренер на спортистите, Оливера Наковска-Бикова и Ванчо Каранфилов – спортисти.

Македонскиот параолимписки комитет организира прес конференција на 20.08.2012 година во просториите на ДХО „Даре Џамбаз“ на кој присуствуваа голем број на новинари од пеќатените и електронски медиуми. Министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристевски и амбасадорот на Велика Британија во Македонија, неговата екселенција Кристофер Ивон со желби за добар пласман и достојна презентација на Република Македонија го испратија параолимпискиот тин на пат за Лондон.

По низа перипетии, македонскиот параолимписки тим пристигна во Олимпиското село во Лондон доцна вечерта на 22.08.2012 година. Веќе утредента, на 23 август во 10:30 часот во Олимпиското село од страна на градоначалникот на селото Ms. Eva Loeffler, ќерка на основоположникот на параолимпизмот Dr. Ludwig Guttmann, свечено беше поздравен македонскиот тим предводен од шефот на мисија Драган Дојчиновски, со кој разменија подароци. Во продолжение на церемонијата на добредојде на македонските спортисти официјално беше интонирана химната и кренато знамето на Република Македонија. На поздравната церемонија присуствуваа и претставници на Македонската амбасада во Лондон предводени од вршителот на должност Амбасадор, г-дин Миле Прангоски, придружуван од вработените во амбасадата: Драги Ѓошевски, Фросина Костовска, Цветанка Димов и Габриела Ѓошевска. Организаторот приреди прекрасна програма, а на поздравната церемонија во исто време присуствуваа и тимовите на Ангола, Јапонија и Тајван.

На 29.08.2012 година во 21 часот по локално лондонско време во амбиент на целосно исполнет стадион, со присуство на 80.000 гледачи, започна церемонијата на отворање на четиринаесеттите Параолимписки игри Лондон 2012. Во церемонијата на отворањето учествуваше најпознатиот физичар на денешницата, инаку лице со телесен инвалидитет, Stephen Hawking кој во младоста заболел од амиотрофична латерална склероза (ATS) пренесувајќи му ја на светот пораката: „Немојте да гледате во земја, во своите стопала, гледајте во небото и звездите, бидете радознали“. Темата на свеченото отворање беше борбата за правата на лицата со инвалидност, наречена „Просветување“, презентирана преку мноштво на идеи кои се испреплетуваа на сцената изведени од 3.000 волонтери од кои голем број лица со инвалидност. Прекрасно беше да се присуствува во четиричасовното шоу на бои, звуци и енергија со постојано праќање пораки за поддршка и подобрување на  правата на лицата со инвалидност, повик на рамноправност и еднаквост.

Олимпискиот факел се спушти од небото носен во рацете на маринецот Joe Townsend кој ги изгубил двете нозе во Авганистан, а олимпискиот огин на стадионот го запали 84 годишната Margaret Maughan, првата носителка на златен медал за Велика Британика во стреличарство на параолмписките игри одржани 1960 година во Рим.

На церемонијата во Кралската ложа присуствуваа: Британскиот премиер David Cameron, градоначалникот на Лондон, Boris Johnson, принцот William, неговата сопруга Kate, а игрите за отворени ги прогласи лично кралицата Елизабета втора.

Знамето на Република Македонија на свеченото отворање на игрите го носеше Бранимир Јовановски, носител на златен параолимписки медал од Барцелона 1992 година, а во Лондон за медали се бореа Оливера Наковска-Бикова и Ванчо Каранфилов под тренерската палка на Бранимир Јовановски. Двајцата спортисти настапија во по три дисциплини во спортско стрелаштво.

По завршување на подготовките во месец август, тренерот Бранимир Јовановски согласно извршената анализа на постигнувањата на нашите спортисти во подготвителниот период направи градација на дисциплините во кои настапија нашите спортисти и во разговорите со нив договорија тактика за што поуспешен настап на игрите. Согласно градацијата, најуспешна дисциплина, од која секако најмногу се очекува, за Оливера Наковска-Бикова беше воздушен пиштол-жени, потоа пиштол слободен избор и на крај спорт пиштол. За Ванчо Каранфилов дисциплина број еден беше спорт пиштол, потоа пиштол слободен избор и на крај воздушен пиштол-мажи.

Првиот настап на игрите го имаше Ванчо Каранфилов во дисциплината воздушен пиштол – мажи на 30.08.2012 година со почеток во 11,45 часот. Онака како што одеа тренинзите, на сличен начин се одвиваше и самиот настап. На крај со резултат од  553 кругови Ванчо го освои 22-то место во конкуренција на 31 натпреварувач.

Истиот ден во попладневните часови започна официјалниот тренинг на Оливера. Во текот на тренингот се договор со тренерот Бранимир да направат извесна корекција во ставот што резултираше со подобри погодоци и во еден момент таа исстрела максимални десет десетки по ред во една серија. Тренингот го заврши доста убедливо. Во воздухот се чувствуваше нејзината моќ, но и доза на нервоза испреплетена со решителност да истрае. Чудна беше атмосверата и во тимот и на стрелиштето. Таа вечер и утрото пред настапот поминаа во долготрајни разговори со тренерот, бодрење и укажување да биде свесна за сопствените спортски вредности и да не и се препушти на слабоста, сомнежот и недовербата, туку одлучно да ги следи советите и да го постигне резултатот кој го има во раце. Ако успее во тоа, медалот нема да и побегне.

На 31.08.2012 година во 11,45 часот Оливера го започна одот кон триумфот. После неколку пробни истрели јас бев изненаден од нејзината одлучност и брзина на реакција. Оливера функционираше како машина. Веднаш го зазеде договорениот став, одлучно го креваше оружјето, опалуваше на време, едноставно се она што го трениравме во 15 годишната нејзина кариера, дента одеше со невидена координација и одлучност. За тоа придонесоа и советите на тренерот кој секогаш кога ќе почувствуваше колебливост или пад на концентрација благовремено интервенираше со конкретни совети. Погодоците се редеа како на филмска лента, истрел по истрел, серија по серија, 94, 97, 95, 95 = 381 кругови….Оливера постави нов светски рекорд во квалификациите. Во македонскиот тим еуфорија, врисоци, насмевки, прегратки, бакнежи…честитки и од судиите, колешките стрелци, нивните тремери…а Оливера смирена, со насмевка на лицето свесна дека се уште не ја завршила борбата за златниот медал започна да размислува за финалето кое следуваше. По поминатите контроли на оружје, неопходни да се верифицира светскиот рекорд, со тренерот и шефот на мисијата се упатија кон финалната сала. А таму, во претсобјето, во просторијата во која се одвиваат последните подготовки сите осум натпреварувачки и нивните тренери во необична тишина се одвиваа последните подготовки и се делеа последните совети. Оливера беше свесна дека медалот се уште не е на нејзините гради, дека треба уште многу работа труд и енергија за да се постигне целта. Се договоривме да не брани никаков медал, бидејќи се уште го нема освоено, така да нема ни што да се брани. Да не чува никаква резултатска разлика, туку да напаѓа исто онака како што правеше и во квалификациите. Трите круга предност пред втората и петте пред третата се доволна залиха доколку умно го одработи финалето. За нејзина среќа, неколку дена претходно, токму во таа финална хала имаше симултација на финале со што имаше и можност да се запознае со светлото, амбиентот и условите кои ги нуди финалната дворана. Се испреплетуваа со филмска брзина слики и чувства, совети и сомнежи, меѓутоа Оливера беше цврста и одлучна, таа веќе го гледаше медалот на своите гради. И одеднаш, официјалниот спикер започна да ги најавува финалистките. Во преполната сала, финалистките им отпоздравија на гледачите и ја започнаа борбата за медали. Оливера стрелаше сигурно, од истрел до истрел ја зголемуваше разликата. Последен истрел во финалната серија…. во гледалиштето молк, се слуша само гласот на судијата и командите за последен истрел. Оливера има голема предност, потребен и е најмалку истрел 4-ка за да го освои златниот медал, таа никогаш не стрелала толку слаб истрел, ама којзнае, параолимпијада е ова, притисокот е огромен…. тренерот со рацете  нервозно ја трла косата, стиснати песници, скаменети лица, македонскиот тим во очекување на последниот истрел и одеднаш….на екранот се појавува 8,9…врисок од публиката, аплаузи, развиорени македонски знамиња, насмевка и гордост во тимот, си честитаат меѓусебно, а Оливера…неколку секунди гледа кон својот тим, се уште не им верува на своите очи и одеднаш….. експлозија, скока и се затрчува во прегратките на својот тренер, го обмотува змането на РМ околу своето тело, камери, фоторепортери, честитки…моменти на слава и самоактуелизација, Оливера се вивна на врвот на спортската пирамида освојовајќи го златниот медал и притоа срушувајќи го параолимпискиот рекорд во финалето. По примените честитки од конкурентите, започна церемонијата на доделување на медали. Знамето на највисокиот јарбол, звуците на македонската химна ја исполнија салата, македонскиот тим со песна, солзи и воздишки го испрати овој момент на слава. Потоа следуваше допинг контрола, заради верификација на златниот медал и параолимпискиот рекорд, безброј јавувања и честитки од Претседателот на РМ, Ѓорге Иванов, Премиерот Никола Груевски, директорот на Агенција за млади и спорт Лазе Поповски, Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, новинари, пријатели, роднини…..Бевме горди што сме македонци, а Оливера се уште не беше свесна за големината на успехот кој го постигна. Наеднаш стана македонска хероина, гордоста на Македонија. Заедно со нашите асистентки во апартманот во олимпиското село со песна и навивачки реквизити го прославивме големиот успех. И толку, и само таа вечер. Останатите денови се вративме на строгиот режим на тренинзи во очекување на настапот на нашите спортисти во другите дисциплини.

На 03.09.2012 година нашите спортисти настапија во дисциплината спорт пиштол. Ова беше дисциплина број еден за Ванчо Каранфилов. Натпреварот го започна супериорно, по првите 3 серии (15 истрели) водеше на табелата во својата група, се одеше како што се договоривме и како што очекувавме. Целта беше Ванчо да влезе во финалето, а потоа ќе видиме дали ќе се атакува и на повисок пласман. Ванчо погледна кон семафорот, беше свесен за почетниот успех и високиот пласман, меѓутоа прецизниот дел се уште не беше завршен, напротив, беше на половина. Се случи мала деконцентрација, пад на концентрација веројатно од желбата да се задржи лидерската позиција и да се направи доволна залиха пред почетокот на брзата стрелба. Токму тие последни 3 серии од прецизната стрелба го покварија резултатот и пласманот 96, 92, 90 вкупно 278 кругови во прецизниот дел, не е ниту добро, ниту лошо, но се уште имаше добра шанса да влезе во финалето. Започна брзата срелба. И во неа првата серија беше одлична 96, меѓутоа останатите нешто послаби 90 и 92, и повторно резултат од 278 кругови. Вкупниот резултат од 556 кругови на Ванчо Каранфилов беше доволен за освојување на десето место од 21 натпреварувач и ова беше најдобриот пласман на Ванчо на Параолимписките игри во Лондон. Во оваа дисциплина Оливера стрелаше добро иако јас имав чувство дека не можам да ја вратам стопостотно во функција по освојувањето на златниот медал. Застанавме некако на 70-80 проценти и тука останавме до крајот на игрите. Со 277 кругови во прецизниот дел и 276 во брзиот дел, или со вкупен резултат од 553 кругови таа го освои дванаесеттото место во оваа дисциплина.

Последен настап нашите спортисти го имаа на 06.09.2012 во дисциплината пиштол слободен избор. На подготовките во Сремска Митровица во оваа дисциплина Оливера стрелаше 539 кругови ( трет резултат на Параолимписките игри во Лондон) и со оправданост очекував и јас и македонската јавност уште едно финале и можен медал. Меѓутоа, како и обично, желбите и реалноста не се совпаднаа. Оливера стрелаше просечно и со резултат од 515 кругови го освои седумнаесеттото место, додека Ванчо со резултат од 492 кругови го освои дваесет и седмото место од дваесет и девет натпреварувачи. Со ова заврши официјалниот настап на македонските спортисти во Лондон.

Вечерта по завршувањето на настапот бевме гости во Македонската амбасада во Лондон, а потоа и на заедничка вечера со вработените од амбасадата предводени од в.д. амбасадорот Миле Прангоски. Тогаш и ја дознавме веста дека се прават напори да се врати репрезентацијата неколку дена порано во Македонија за да биде дел од програмата на одбележувањето на 21 годишнината од осамостојувањето на Република Македонија која се одржа на арената Филип втори на осми септември. По низа перипетии и нервози околу транспортот на оружјето и обезбедување на билети, македонскиот тим слета на аеродромот Александар Велики во Скопје на осми септември во пладневните часови. Параолимпијците беа пречекани од министерката Гордана Јанкуловска, министерот Спиро Ристовски, директорот на агенцијата за млади и спрт Лазе Поповски, градоначалникот на Битола, Владинир Талески, како и стотици роднини, пријатели и членови на Мобилност Македонија опремени со навијачки реквизити. Песна, радост, прегратки, интервјуа, сликање, овековечен успехот на параолимпијката Оливера и новата страница што таа ја испиша во историјата на македонскиот спорт. Вечерта уморни од долгото патување, но и среќни заради успехот и грижата која им се даваше, параолимпијците излегоа на бината пред шеесетилјадната публика на арената Филип Втори во Скопје, која ги поздрави со песната „Излези момче право на тераса“. Тоа беше шлаг на тортата наречена златен параолимписки медал, а подоцна следуваа многу приеми, награди, интервјуа, тв емисии….