На 29.04.2020 со почеток во 14:30 часот беше одржан видео состанок со претседателите на Параолимписките комитети на југоисточниот субрегион на Европските параолимписки комитети.
На состанокот беа поканети претставници на Параолимписки комитети на: Хрватска, Црна Гора, Северна Македонија, Романија, Србија, Словенија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Косово и Молдавија.
Учество зедоа претседатели и генерални секретари на 6 комитети и тоа: Хрватска, Црна Гора, Северна Македонија, Романија, Србија и Словенија, а состанокот го водеше претседателот на Европскиот параолимписки комитет, Ратко Ковачич.
Тема на состанокот беше состојбата во пооделните држави од регионот во врска со пандемијата на КОВИД-19, начин на управување со кризата во оваа тешка состојба и како да продолжиме понатаму, како и состојбата во однос на тренингот на спортистите, нивната здравствена состојба и видувањата на комитетите за продолжување на активностите во оваа и следната година.
Во своето обраќање истакнав:
„Параолимпискиот комитет на Северна Македонија ги следи препораките и мерките на Владата на Република Северна Македонија за справување со корона вирусот. Ширењето на страотниот коронавирус ги погоди сите спортисти, особено оние што се подготвуваа за Параолимпијадата во Токио 2020 година. Со прекинатата севкупна спортска активност ширум светот, плановите и подготовките на оние кои се подготвуваа за Параолимписките игри во Јапонија беа исфрлени од употреба и нивните програми за тренинг ќе забележат тотална промена. Државите ги затворија своите граници. Во нашата држава немаме случај некој од нашите спортисти да бил во странски земји и да не е во можност да се врати дома. Сите наши спортисти се свесни за состојбата. Разбираат дека нивното здравје е поважно од одржувањето и учеството на Параолимписките игри. За среќа до денес немаме спортист со инвалидност кој бил инфициран со коронавирусот. Мора да видиме што е најдобро за земјата и како најдобро да се избегне овој вирус. Според препораките и мерките на Владата на Република Северна Македонија, како и на Агенцијата за млади и спорт, сите објекти за тренинг и натпревари во Северна Македонија сега се затворени, и не е дозволено спортистите и нивните тренери да ги користат истите. Никој не знае што ќе се случува следните недели. Се разбира, се надеваме на најдоброто, но сепак постои елемент на висок ризик. Како параолимписки комитет, ги одложивме сите спортски активности на национално ниво за втората половина од годинава, секако ако ситуацијата со вирусот СОВИД-19 биде подобра и ако се создадат услови за непрекинато и пред се заштитено здравје на нашите спортисти.
Нашите врвни спортисти имаат домашен тренинг во последните 6 недели, но тоа ни приближно не е исто како тренинг на спортските борилишта. Како комитет, немаме ниту објект, ниту пак доволно средства да ги собереме сите наши врвни спортисти и да им обезбедиме квалитетен програмиран тренинг и интерни натпревари. Во моментот, тие веќе не се на високо ниво на тренинг. Се плашам дека и доколку ситуацијата со КОВИД-19 значително се подобри и се овозможат натпревари, дека нашите спортисти нема да бидат доволно подготвени за да постигнат високи резултати и пласмани на истите. Свесни сме дека во следниот период веројатно ќе имаме натпревари на кои нема да учествуваат странски учесници заради стравувањата од КОВИД-19, туку само натпревари меѓу клубските соиграчи. Се разбира, тоа е значително различно во однос на меѓународните натпревари. Тоа повеќе ќе личи на интензивна тренинг сесија, отколку на натпревар. Кога се натпреварувате против вашите соиграчи, нивото на вознемиреност и интензитет не се премногу високи, меѓутоа свесни сме дека тоа е сè што можеме да направиме во моментот.“
Ова е приближно ситуацијата во Параолимпискиот комитет на Северна Македонија.
Се договоривме и во иднина периодично да одржуваме вакви видео конференции и да ги споделуваме информациите врзани со олабавување на мерките во однос на КОВИД-19 со надеж дека наскоро се ќе се врати во нормала и дека спортистите ќе добијат можност за учество на натпревари од највисок ранг.
Поврзани објави
НА ПРИЕМ ВО МАКЕДОНСКАТА АМБАСАДА ВО ПАРИЗ
ВО ВРСКА СО СВЕЧЕНОТО ОТВАРАЊЕ НА ПОИ ПАРИЗ 2024
НА ПАТ ЗА ПАРИЗ