НФСРИСМ – ПКСМ

Национална федерација за спорт и рекреација на инвалиди на Северна Македонија – Параолимписко комитет на Северна Македонија

Светски куп во стрелаштво во Франција 2010

Светски куп во стрелаштво за инвалиди – Волмеранж Ле Мин, Франција 25 – 29.05.2010

На Светскиот куп во стрелаштво за инвалиди во Волмеранж ле Мин во Франција учествуваат 190 стрелци од 30 држави.

ПОЕДИНЕЧНО: Првиот натпреварувачки ден (26.05.2010) се стрелаше дисциплината малокалибарски пиштол слободен избор.

Во конкуренција на 47 натпреварувачи, првото место го освои нашиот стрелец Ванчо Каранфилов со резултат од 622,7 (531) кругови, второто Живко Папаз од Србија со резултат од 622,5 (530) кругови, а третото Корхан Јамак од Турција со резултат од 619,4 кругови. Бранимир Јовановски со резултат од 516 кругови го освои 9-то место, додека Оливера Наковска Бикова со резултат од 513 кругови се пласира на 13-то место. Сите наши стрелци стрелаа резултати над минимум параолимписката норма која за оваа дисциплина изнесува 505 кругови.

ЕКИПНО: Во екипен пласман беа пријавени 9 репрезентации. Првото место и златниот медал со резултат од 1560 кругови го освои репрезентацијата на Република македонија во состав: Ванчо Каранфилов, Бранимир Јовановски и Оливера Наковска-Бикова, второто Русија со резултат од 1542 круга и третото репрезентацијата на Азербејџан со 1541 круга.

Нашите спортисти уште еднаш го потврдија високиот рејтинг што го имаат во овој спорт освојувајќи 2 златни медали.

СПОРТ ПИШТОЛ

Вториот ден се стрелаше дисциплината Спорт пиштол. Во конкуренција на 6 екипи, СРЕБРЕН медал за Република Македонија (Ванчо Каранфилов, Оливера Наковска-Бикова и Бранимир Јовановски)со испукани 1654. Првото место и припадна на Русија (ни вратија за вчера за слободен избор) со 1700 кругови, а третото на Германија со 1635 кругови.

Поединечно: Ванчо Каранфилов е 7-ми со 558 кругови, Оливера Наковска-Бикова го освои 13-то место со 548 кругови, Бранимир Јовановски го освои 14-то место исто така со 548 кругови но со една помалку внатрешна десетка. Сите стрелци стрелаа над минимум олимписка норма која за оваа дисциплина изнесува 540 кругови.