НФСРИСМ – ПКСМ

Национална федерација за спорт и рекреација на инвалиди на Северна Македонија – Параолимписко комитет на Северна Македонија

Светски Куп “Hessenpokal 2010” 19-24.05.2010

Македонските параолимпијци – стрелци, успешно ги започнаа квалификациите за учество на Светското првенство во стрелаштво Загреб и за Параолимписките игри во Лондон 2012.  На Светскиот куп во стрелаштво во Бад Орб, Германија кој се одржа од 19-24.05.2010 година нашите докажани параолимпијци го започнаа новиот циклус со освојување на еден медал и осум резултати над минимум олимписка норма.

Во Бад Орб беа присутни преку 200 натпреварувачи од 27 држави, а Република Македонија ја претставуваа: Бранимир Јовановски – селектор, тренер и стрелец, Ванчо Каранфилов – стрелец, Оливера Наковска-Бикова – стрелец, Лидија Крстеска – стрелец, Далибор Јовановски  – асистент и Драган Дојчиноски – Генерален секретар на Македонскиот параолимписки комитет.

За жал, иако беше уредно пријавен, стрелецот Тони Митровски не учествуваше на Светскиот куп, бидејќи неговиот работодавач не го ослободи од работа заради зголемен обем на работа и со самото тоа Тони ја изгуби можноста да се натпреварува и да постигне норма за учество на Светското првенство. Навистина штета за овој наш перспективен стрелец кој вредно тренира и трпеливо ја чека својата шанса.

Единствениот медал и воедно највреден резултат од нашите спортисти постигна Оливера Наковска-Бикова која во дисциплината воздушен пиштол – жени во конкуренција на 16 натпреварувачки со истрелани 372 кругови го освои второто место и сребрениот медал. Имаше еднаков резултат колку и првопласираната Мариа Клименченко од Русија но русинката имаќе повеќе внатрешни десетки, правило кое од 2009 година се применува во случај на еднаков резултат. Третото место го освои Јелена Таранова од Азербејџан со исстрелани 370 кругови. Во оваа дисциплина настапи и нашата втора претставничка Лидија Крстеска која стрелаше резултат од 350 кругови со кој го зазеде единаесеттото место, но тој резултат е повисок од пропишаната норма за учество на Светското првенство во Загреб. И двете спортистки во оваа дисциплина стрелаа над минимум олимписката норма за Лондон 2012. Во истата дисциплина кај мажите, во конкуренција на 43 спортисти, Бранимир Јовановски со резултат од 556 кругови беше 9-ти, додека Ванчо Каранфилов со резултат од 541 кругови се пласира на 27-то место. Во оваа дисциплина само Бранимир Јовановски стрелаше над минимум олимписката норма.

Во дисциплината спорт пиштол настапија 34 натпреварувачи. Оливера Наковска-Бикова со резултат од 557 кругови се пласира на 5-то место, Бранимир Јовановски  со само еден круг помалку и резултат од 556 кругови се пласира на 7-то место, додека Ванчо Каранфилов со резултат од 552 кругови го освои 13-то место. Во ова дисциплина сите наши спортисти стрелаа над минимум олимписката норма.

Во дисциплината малокалибарски пиштол слободен избор во конкуренција на 38 натпреварувачи најдобар пласман постигна Оливера Наковска-Бикова која со 520 кругови се пласира на 9-то место, Бранимир Јовановски со резултат од 516 кругови го освои 11-то место, додека Ванчо Каранфилов се пласира на 21-то место со резултат од 495 кругови. Во оваа дисциплина Оливера Наковска Бикова и Бранимир Јовановски стрелаа над минимум олимписката норма.