Пекинг ги отвори вратите за параолимпијците на 28.08.2008 година, само еден ден откако официјално беше затворено олимпиското село за олимпијците кои пак претходно еден месец имаа можност да бидат првите станари во елитната пекингшка населба составена од пет блока по шест деветкатни згради наменски изградени за потребите на сместување на учесниците на олимписките и параолимписките игри. Уште при изградбата на олимпиското село, 70% од стамбениот простор кој зафаќа површина од десетина квадратни километри наречен “Dream World 2008” бил продаден за сума од 2.000 евра по метар квадратен.
Останатите 30% од апартманите беа наменети за награди на кинеските спортисти кои на олимписките и параолимписките игри ќе се закитат со медал. Убава стимулација за постигнување на врвни резултати и вистинска грижа на државата кон своите врвни спортисти. А самите стамбени блокови изобилуваа со зелени површини, мини паркови, фонтани, маркети, трим патеки, подземни гаражи, фонтани, електронски влезни капии, централно ладење и греење, соларни улични осветлувања и што уште не. Целото олимписко село беше оградено заради безбедоносни причини со неколкуредна жичана ограда, меѓутоа внатре во самото олимписко село одделните блокови од згради беа оградени со луксузни огради кои се слеваа кон неколкуте величанствени капии, а на влезот на секоја капија прекрасна фонтана и многу цвеќе, клупи и зеленило. Навистина свет од соништата.
Само еден ден разлика меѓу учесниците на олимписките и параолимписките игри, а веќе се’ беше во знакот на Параолимписките игри, сите попатни обележја, знамиња, транспатенти, билборди, плакати, се што само еден ден пред тоа потсетуваше на олимписките игри беше заменето со симболите на параолимпизмот. Секоја чест на BOCOG за организираноста.
Нашата пет члена делегација која учествуваше на 13-те Параолимписки игри во Пекинг ја сочинуваа: Драган Дојчиноски – Шеф на мисија, Бранимир Јовановски – претседател на Македонскиот параолимписки комитет, овој пат во улога на селектор и тренер на стрелците, Далибор Јовановски – асистент и спортистите Оливера Наковска-Бикова и Ванчо Каранфилов.
На пат за Пекинг тргнавме на 30.08.2008 година во утринските часови, а на аеродромот во Пекинг слетавме на 31.08.2008 година во 13,30 часот. Долго и напорно патување со многу часови чекање во Истанбул (дури 9 часа на одење и 5 на враќање) кои на заминувањето кон Пекинг решивме да ги премостиме со посета на центарот на градот.
По десетчасовен непрекинат лет, на новоизградениот терминал на аеродромот за потребите на олимписките и параолимписките игри во Пекинг бевме пречекани од страна на организаторите уште на самиот излез од авионот, бргу ги завршивме аеродромските формалности, подигањето на багажот и предавањето на оружјето во полиција, и по едночасовно возење пристигнавме во олимпиското село. Веднаш по пристигнувањето во приемниот центар, бевме пречекани од нашата координаторка Аделин, со која интензивно комунициравме во изминатата година за сите апликации, формулари и неопходни документи за акредитација на нашите учесници на игрите, јас и нашиот шеф на мисија Драган Дојчиноски, го одржавме однапред договорениот состанок и ги извршивме неопходните регистрации на спортистите и делегацијата и набргу се сместивме во нашиот апартман кој се наоѓаше на втори кат во блокот Б6, во истата зграда во која претходно беа сместени и нашите олимпијци, само на осми кат. Апартманот беше комфорен, со шест спални соби и четири купатила, секој од нас имаше засебна соба и купатило (јас и Далибор делевме едно купатило). Од страна на организаторот ни беа доделени два мобилни телефони, а во канцеларијата која се наоѓаше во самиот апартман ни инсталираа компјутер, печатар, факс, копир машина, фиксни телефони, телевизори, едноставно се’ што е потребно за добра комуникација, а имавме и на располагање и две возила Волксваген Сагитар (кинеска верзија на Џета) со професионални возачи кои ни беа на располагање од 07-23 часот секојдневно.
На 02.09.2008 година во 11 часот во олимпиското село на “Плоштадот на знамињата” беше спроведена церемонија на добредојде за нашата репрезентација, заедно со репрезентациите на Кипар и Зимбабве, и за време на свечената церемонија на која беше подигнато нашето знаме со интонација на химната на Република Македонија, нашиот шеф на мисија размени поклони со градоначалникот на олимпиското село.
Свеченото отварање на Параолимписките игри се одржа на националниот стадион “Птичјо гнездо” на 06.09.2008 година во 20 часот. Знаменосец на нашиот тим беше Ванчо Каранфилов, а во дефилето учествуваа Драган Дојчиноски, Оливера Наковска-Бикова и Далибор Јовановски, придружувани од нашите два кинески асистенти Денси и Леин. Јас останав во апартманот и на телевизија го следев отварањето бидејќи оценив дека тоа дефиле ќе биде пренапорно за мене и дека нема да можам да издржам толку стоење и одење, а не успеав да обезбедам инвалидска количка. Церемонијата на отварањето помина беспрекорно, ништо посиромашно од церемонијата на отварање на олимписките игри, многу атрактивни сценски точки, огномет, а олимпискиот оган беше запален од страна на еден кинески спортист кој само со силата на своите раце, прикачен со јажиња заедно со својата инвалидска количка, се крена до подножјето на пламеникот и го запали огинот. Импресивно, но за мене веќе видено бидејќи слично беше запален и огинот за време на церемонијата на отварање на Параолимписките игри во Атланта 1996 година.
Пекинг е главен град на Народна Република Кина и има 17,5 милиони жители кои возат околу 4,5 милиони автомобили. За да се ублажи загадувањето на воздухот, меѓу другото беше воведен рестриктивен режим на возење пар-непар. Градот изобилува со широки патишта, а една коловозна лента беше обележана и резервирана за движење само за возилата кои ги превезуваа учесниците на олимписките и параолимписките игри. Централното градско подрачје се протега во круг од 40 км, додека со периферијата Пекинг зафаќа простор од 160 км, за малку па колку целата наша држава. Модерни хотели од домашни и светски брендови, банки, прекрасни повеќекатници, како архитектите да се натпреварувале кој ќе креира поубаво и полуксузно здание, но и сочувани градби кои сведочат за повеќемилениумската историја и култура на древната Кина, денес познати храмови, музеи и капии. Големиот број на паркови и зелени површини, модерни обиколници не ви даваат впечаток дека се наоѓате во толку голем град. Ултра-модерно метро на повеќе нивоа го сече градот во сите правци меѓутоа главната трансверзала е од исток кон запад. И замислете се’ е прилагодено за непречено движење на лицата со инвалидност.
Откако завршија натпреварите на нашите спортисти, остатокот од престојот во Пекинг го искористивме за посета на мал дел од културно историски споменици во Пекинг како што се “Кинескиот Ѕид”, “Забранетот Град”, “Летната Палата”, “Зоолошката градина”, во друштво со нашите волонтери кои навистина беспрекорно ја завршија својата работа. На мистер Јанг Јуан, поранешен дипломат во амбасадата на НР Кина во поранешна Југославија, на младите асистенти Денси, Стефани и Леин, најсрдечно им се заблагодаруваме за се’ што сторија нашиот престој во Кина да биде перфектен.
При запознавањето на Пекинг, најпрво направивме една обиколка со автомобил при која нашите волонтери кои беа со нас ни ги покажаа попатно главните древни и модерни знаменитости. Застанавме на неколку места за да можеме од надвор да ги видиме: новата Опера која личи на метална желка и околу која има појас од вода, зградата на Централниот комитет која има 10.000 седишта, “Забранетиот Град” а поред него и резиденцијата на сегашниот претседател на НР Кина Ху Џинтао, и секако познатиот плоштад Тиананмен на кој може да се соберат милион луѓе.
Потоа ја посетивме “Летната Палата” која се наоѓа во централното градско подрачје и во која се наоѓа вештачко езеро со пречник од неколку километри и длабочина од 2,5 метри кое е копано рачно во 17-18 век. На мое прашање како успеале да ископаат толкава површина во време кога немало механизација како денес, мистер Јанг ми одговори кратко: “Не има многу”. Како и да е, палатата е правена за одмор на императорите, изобилува со паркови, пешачка патека околу целото езеро, стари згради, летниковци, острови поврзани со мостови со копното, идеално место за мир и одмор од градскиот метеж.
Секако дека она што сакавме да го посетиме беше големиот Кинески ѕид. Во близина на Пекинг, на само 60 км се наоѓа едно од најпосетените места на “Кинескиот Ѕид” кое е претворено во туристичка атракција. Река од луѓе секојдневно се движи низ овој древен монументален споменик кој сведочи за војните кои се воделе за обединувањето на Кина. Неговата градба започнала во 770 година пред новата ера, а е граден од големи камени блокови кои ја пратат конфигурацијата на теренот, меѓусебно врзувани со мешавина на природни материјали и оризова вода бидејќи во тоа време цементот и малтерот не биле познати градежни материјали. Како и да е, ѕидот повеќе милениуми му пркоси на времето и навистина изгледа импресивно.
По враќањето од Кинескиот ѕид, ја посетивме “Гробницата на 13 Императори од династијата Минг”. Таму всушност е откопана само гробница на еден император, од неа се извадени мноштвото на златни предмети кои можат да се видат во музејот кој е сограден во непосредна близина, а другите гробници не се откопани иако денешната модерна технологија може прецизно да открие каде се наоѓаат, од причина што кинеските власти сакаат да ја сочуваат мистиката која како магнет ги привлекува туристите, а од друга страна не сакаат да се уништат дел од материјалите кои се закопани во гробиците при допир со воздух. Мистер Јанг вели, сите се отприлика исти, доволно е да се види една и да имате претстава за сите. А во самата гробница се влегува преку еден храм и истата се наоѓа длабоко под земја и до неа водат стотици скали.
“Забранетиот Град” е приказна за себе. Се протега на простор од 70 хектари и во него има повеќе традиционални зданија и околу 8.000 соби. Целиот е ограден со висок ѕид, а внатрешно е граден во три појаси и тоа веднаш по влезот каде се наоѓаат три храма во кои императорите ја покажувале својата моќ, прекрасно украсени и опшиени со златни клинови, врати и други декорации од злато и скапоцени камења. Вториот ред го сочинуваат исто така три храма во кој императорите се одмарале и забавувале со своите жени и деца, додека третиот ред го сочинуваат мноштв о на мали градби во кои била сместени чуварите, послугата и конкубините.
Неколку зборови и за спортските објекти. Сите спортски објекти беа изградени во модерен стил и со најсовремени материјали. Главниот спортски објект секако е националниот стадион популарно наречен “Птичје гнездо” (Бирд’с Нест) кој има капаситет од 90.000 гледачи. Во градбата на стадионот за неговата конструкција, која му дава карактеристичен изглед на птичје гнездо, се употребени 50.000 тони челик. Однадвор гледано стадионот не изгледа така голем бидејќи вниманието ви го одзена умешно испреплетената челична конструкција, меѓутоа кога ќе влезете внатре во објектот можете да ја почувствувате неговата грандиозност. Сите места на трибините се покриени, мноштвото на влезови на трибините овозможуваат стадионот да се наполни или испразни за само еден сат. Свечени ложи, ВИП ложи и внатрешни простории за одмор кои се покриени со црвени теписи и фотелји во стил на конструкцијата на стадионот до кои се доаѓа по скали, но и преку повеќе монтирани лифтови, надвор патеки и зелени површини со светилки кои исто така се изработени во стил на гнездо прават една глетка од која ви се одзема здивот. Во непосредна близина се наоѓа популарно наречената “Големата коцка” или Акватик Центарот, базенот кој навечер се пресликува во мноштво на бои, а за чија изработка е користен материјал кој не гори. Идеја за дизајн на конструкторот му дал обликот кој меурчиња од сапуница го прават на ѕидовите на чаша. Прекрасна глетка, особено ноќе.
Посебно сакам да го истакнам и контактот со нашата амбасада во Пекинг и целовечерното дружење и заедничката вечера што нашиот амбасадор ја организира во еден италијански ресторан во Пекинг со нашиот параолимписки тим.
Знаменосец на церемонијата на затварањето на Параолимписките игри одлучивме да биде Оливера Наовска-Бикова, а јас од познати и напред наведените причини и затворањето на параолимписките игри го следев на телевизија.
И сосема за на крај, Одборот за организација на летните Олимписки и Параолимписки игри во Лондон беше во право кога официјално изјави дека нема да се натпреварува со Кина што се однесува до гламурозноста во организацијата на Олимписките и Параолимписките игри 2012 година. Верувајте ми тоа навистина едноставно е невозможно.
Поврзани објави
НА ПРИЕМ ВО МАКЕДОНСКАТА АМБАСАДА ВО ПАРИЗ
РЕЗИМЕ ПОИ ПАРИЗ 2024
УШТЕ ЕДНО ФИНАЛЕ И УШТЕ ЕДНО ОСМО МЕСТО