НФСРИСМ – ПКСМ

Национална федерација за спорт и рекреација на инвалиди на Северна Македонија – Параолимписко комитет на Северна Македонија

Успешен настап на нашите спортисти во Пекинг

Нашите спортисти успешно ги завршија натпреварите на 13-те Параолимписки игри кои од 06-17.09.2008 година се одржаа во Пекинг, бидејќи Оливера Наковска-Бикова освои едно 5-то и две 15-ти места, додека Ванчо Каранфилов 13-то, 22-ро и 27 место. Меѓутоа тоа беше само ставање шлаг на тортата наречена Параолимписки игри, која не така лесно и едноставно се готвеше подолго време.

Пред заминувањето за Пекинг нашите спортисти, пред се благодарение на наменските средства обезбедени од страна на Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија, имаа 25 дневни завршни подготовки од кои 10 дена беа сместени во гарсоњерата во населбата “Охридати” во Охрид во сопственост на СТИЛМ кои пак бесплатно им ја отстапија на користење за што во оваа прилика јавно им се заблагодаруваме, додека останатите петнаесет денови параолимпијците беа сместени во хотелот “Парк” во Охрид, а тренинзите ги извршуваа на стрелиштата на стрелачкиот клуб Охрид кои во оваа прилика им ги отстапија на параолимпијците без надоместок, гест за кој исто така најискрено им се заблагодаруваме.
Нашите спортисти за време на подготовките тренираа напорно и со максимална концентрација стрелајќи секојдневно и по неколку натпревари, тренирајќи помеѓу 6-8 часа. За 15 дена имавме слободни само еден и половина ден, што кажува дека обемот на работа беше исклучително голем.
По извршените анализи на крајот од подготовките, се потврди дека примарна дисциплина на Оливера Наковска-Бикова беше воздушен пиштол каде што од вкупно 12 натпревари дури 5 пати стрелаше над актуелниот светски рекорд, два пати само еден круг под светски рекорд и пет пати коректни резултати за борба за медал на Параолимписките игри. Нејзин среден резултат во оваа дисциплина беше 376,9 кругови, само еден круг под актуелниот светски рекорд. Секундарна дисциплина и беше спорт пиштол во која од 8 контролни натпревари дури 6 пати стрелаше над резултатот потребен за влез во финале со среден резултат од 560,66 кругови, додека најслаба дисциплина и беше пиштол слободен избор каде што континуирано го креваше својот резултат, но вредноста на највисокиот нејзин постигнат резултат 523 кругови е низок за да се очекува финале, додека средниот резултат во оваа дисциплина и изнесуваше 516 кругови.
Кај стрелецот Ванчо Каранфилов се покажа дека примарна дисциплина му е пиштол слободен избор каде 3 пати стрелаше над резултат потребен за финале, додека најдобар резултат му беше 545 кругови што е резултат за медал. Негов среден резултат во оваа дисциплина беше 524,66 кругови, неколку кругови под очекуваното финале. Секундарна дисциплина на Ванчо Каранфилов беше спорт пиштол каде што исто така од 8 контролни натпревари 6 пати стрелаше над очекуваниот резултат потребен за финале, со среден резултат од 562,16 кругови, додека најслаба дисциплина беше токму онаа во која Ванчо 2004 година го освои сребрениот медал, воздушен пиштол. Во ова дисциплина Ванчо само еднаш од 12 пати стрелаше добар резултат и тоа над актуелниот светски рекорд, но другите резултати беа со среден резултат од 556,11 кругови, ни оддалеку доволен за претпоставуваното финале. Интересно е што во ова дисциплина која Оливера инаку не ја стрела имаше просечен резултат од 564,88 кругови што е над очекуваниот резултат за влез во финале, а дури два пати стрелаше над актуелниот светски рекорд. Тоа само уште еднаш докажува во каква форма беше Оливера Наковска-Бикова пред заминувањето за Пекинг.
За потребите на тренажниот процес во Охрид беа понесени и потрошени: 4.000 МК зрна, 3.500 дијаболи, 120 прец + 50 брза МК мети, 1.500 мети воздушен пиштол, потоа 1 боца со компримиран воздух, 1 боца со ЦО2, прибор за чистење и подмачкување на оружје, тегови за мерење на окинувањето на пиштолите, посебно изработена кутија за мерење на дебелина на ракохватите на воздушните пиштоли, специјални мети за 25 метри со светлосна сигнализација, маркери за ветер, со еден збор материјали и опрема за непречено изведување на тренажниот процес и приближување на условите на оние кои не очекуваа во Пекинг.
Непосредно пред заминувањето за Пекинг, на 29.08.2008 година во просториите на Агенцијата за млади и спорт од страна на ФСРИМ-МПК беше одржан прес на кој беа присутни преку 20 новинари и сниматели на пишани и електронски медиуми што навистина претставуваше огромно задоволство и афирмација на ФСРИМ-МПК. Од страна на претставниците на медиумите бевме испратени со искрени честитки и желби за голем успех. На сите нив морам да им се заблагодарам за покриеноста и честата комуникација што ја имав со нив за време на тренинзите и натпреварите на нашите спортисти во Пекинг. Но притоа и да изразам разочарување што на пресот непосредно по нашето пристигнување во Скопје се одзва само новинарот на Македонски Спорт, Диме Генчевски. Дали го утнавме терминот (сабота во 12,30 часот) или беше некоја друга причина, ниту ден денес незнам.
По првичното запознавање на олимпиското село, го посетивме стрелиштето, не трениравме, само се запознавме со локацијата на стрелиштата, магацините за оружје и муниција, засебната соба за одмор на нашиот тим, санитарните чворови, соба за контрола на оружје и опрема, светло, колоритет и ентериер на самите стрелишта и се уверивме дека се е направено беспрекорно. Вториот ден веќе започнавме со тренинг на олимпиското стрелиште и почнавме да се подготвуваме за претстојните натпревари. Тренинзите течеа одлично и го потврдуваа она што како заклучок го извлеков од завршните подготовки. Меѓутоа, силно се чувствуваше напнатоста кај нашите спортисти, преголемата желба да дадат свој максимум и да се вмешаат во борба за медалите. Цело време со разговор се обидував да ги насочам спортистите да не размислуваат на резултат и на ветените награди, да се сконцентрираат на она што тие знаат да го прават а тоа е правилна изведба на елементите на стрелба, бидејќи тие двајцата се мајстори стрелци, прекалени борци кои многупати се наоѓале во слични ситуации кои со успех ги надминувале. За жал тие останаа под притисок се до карајот на натпреварите.
А сега хронологија на настапите на нашите спортисти.
Прв на огнената линија се појави Ванчо Каранфилов на 07.09.2008 година во дисциплината воздушен пиштол. Натпреварот започна во 11,45 часот по локално време или 05,45 часот по македонско време. По потрошени 20 минути во кои истрела 18 пробни истрели, Ванчо влезе во меч. Првата серија ја стрелаше 24 минути и со две врзани осумки и две десетки ја заврши со 90 кругови. Втората серија ја стрелаше во негов ритам, онака како треба, за10 минути и ја заврши со освоени 93 поени, за да во следната, трета серија, повторно се стегне и ја започне со 4 кикса од 5 истрели. По неколку разменети реченици во кои се обидов да го посоветувам дека треба да внимава на елементи на изведба, изедначен стисок на ракохват и да не ја форсира оваа дисциплина, бидејќи навистина не му оди, и не успеа да го совлада држањето на новиот пиштол, му остана проблемот на “залепена мушица” во лево, да се сконцентрира и погрижи да не ја квари сликата за себе бидејќи самодовербата ќе му биде потребна за следните натпревари. Таа серијата ја заврши со 88 кругови. Со најбрго темпо ја истрела последната шеста серија и во неа постигна најмногу, 94 кругови и со вкупен резултат од 549 кругови го освои 27-то место од 34 натпреварувачи. Во оваа деисциплина беше постигнат нов светски рекорд од рускиот стрелец Валериј Понамаренко од фантастични 578 кругови (стариот рекорд изнесуваше 572 кругови и траеше 8 години), а за влез во финале беше потребен резултат од 563 кругови, кој всушност претставува минимум олимписка норма за здрави во оваа дисциплина.
Утредента, на 08.09.2008 година во 12,15 часот по локално време, односно 06,15 часот по македонско време, настапи Оливера Наковска-Бикова во дисциплината воздушен пиштол жени, во конкуренција на 17 натпреварувачки. Сите очекувавме медал, јас искрено и резултат над светски рекорд. Незнам што требаше да се случи па Оливера да не освои медал. Но сепак се случи. Оливера влезе на огнената линија под силен притисок. На почетокот направи серија некарактеристични потези за нејзин стил и начин на стрелање. Потроши само 11 минути во проба, за само 7 пробни истрели. Си помслив добро е, одлучна е, ја контролира ситуацијата, меѓутоа не беше така. Првата серија ја стрелаше 17 минути, првиот истрел го испука после 4 спуштања на пиштол, а меѓу првиот и вториот истрел потроши 5 минути и еден куп одлагања. Серија во која имаше 9 деветки и една осумка и конечни 89 кругови. Не се сеќавам, а веројатно ни таа, кога последен пат стрелала серија под 90 кругови. За втората серија потроши 12 минути и по истреланиот 6-ти истрел и еден кокс седумка, ја повикав надвор од огнената линија. Разговаравме неколку минути, ја убедував дека ништо не е завршено, дека треба да заборави на претходните истрели и да продолжи онака како што таа знае да одработи. Иако е спротивно од тренерските начела, ја натерав да ги погледне семафорите на конкурентките за да се увери лично дека и останатите стрелаат слабо и дека се уште ништо не е изгубено. Таа серија ја заврши со 91 поен, но дури по четвртиот истрел од третата се опушти и до крајот на мечот ја гледавме вистинската Оле. Сериите ги заврши по 94 кругови и со вкупен резултат од 368 кругови го зазеде 4-то место со само еден круг помалку од местото кое носеше бронзен медал. Разработивме тактика за финале, но за жал и во десетте финални истрели беше просечна и на крајот со 462,1 круг го освои 5-то место, за само 0,4 круга помалку од резултатот за 3-то месо и бронзен медал или само 1,4 кругови до второто место и сребрениот медал. Толку блиску, а сепак толку далеку. Тоа е тоа, таков е спортот, и честитавме за високиот пласман макар никој од нас, а најмногу таа самата не бевме задоволни од постигнатиот резултат. Но сепак петто место е висок пласман и за тоа најискрени честитки.
Следната дисциплина на програмата беше спорт пиштол на 10.09.2008 година. Прецизниот дел двајцата наши стрелци го започнаа во 09 часот по локално време или 03,00 часот по македонско време. Јас имав чувство дека за целиот престој во Кина ние не успеавме добро да се аклиматизираме. Меѓутоа прецизниот дел и двајцата го одработија перфектно. Оливера со 287 кругови (нејзин личен рекорд) се пласира на делба на 3-то место, додека Ванчо со одлични 283 кругови се пласира на 10-то место. Ме облеа радост, знам дека и двајцата пукаат одлично брза стрелба и искрено очекував да влезат во финалето, па можеби и да се вмешаат во борба за медал. Се функционираше одлично и по првата серија брза стрелба, Оле 94 кругови, Ване 91 па 95 кругови. И тогаш Оливера во последните три серии по 5 куршуми направи еден куп грешки стрелајќи недозволено ниски серии од 85 и 87 кругови и со конечни 553 кругови се пласира на 15-то место, додека Ванчо во последната серија стрела 85 кругови и со конечни 554 кругови се пласира на 13-то место од вкупно 26 натпреварувачи. Штета, не издржаа до крај. Оливера немаше објаснување, и јас во таква ситуација знам да кажам дека спортистот се исплашил од висок резултат, додека Ванчо истакна дека дефектот на батеријата во петтата серија од пет истрели брза стрелба на трите стрелци пред него го исфрлила од концентрација и подоцна до крај не можел да се соземе. Така е, ама тоа кажува колку деконцентриран бил Ванчо, и колку не ги прател светлата на својата мета без да води грижа што се случува со другте стрелци. Штета за пропуштената огромна шанса за финале и од двајцата стрелци.
Последна дисциплина беше малокалибарски пиштол слободен избор која се стрелаше на 12.09.2008 со почеток во 11,00 часот по локално време, односно 05,00 часот по македонско време. Ова беше најсилната дисциплина на Ванчо и затоа одлучив да седам зад него, додека Оливера беше оддалечена десетина метри од мене, но имавме добар визуелен контакт. Пред почетокот со спортистите се договаравме да влезат во натпреварот релаксирани, да не мислат на резултат, туку да ги одработат елементите онака како што умеат и тоа на крајот ќе биде добро. Олевера, со оглед на тоа дека во подготвителниот период ова и беше најслаба дисциплина, успеа во тоа. Натпреварот го водеше совршено, два пати ја извлекував од огнената линија кога ќе западнеше во криза, ги слушаше советите и 58 истрели од вкупно 60 ги стрелаше перфектно и имаше одлични серии 87, 89, 90, 85, 87 кои ветуваа дури и финале, и тогаш 59-от метак стрела 6-ка, за да во последниот истрел испука 5-ка на спротивна страна на метата!!!. Наместо можно финале, со конечен резултат од 518 кругови го освои 15-то место од 30 натпреварувачи. Повторно не издржа до крај. Подоцна во дискусијата по завршениот меч за претпоследниот истрел ми рече дека потонала со оружјето, што се случува, ама за последниот истрел нема претстава како го испалила. Таа навистина постигна најдобар резултат во последните 4 години во оваа дисциплина и од тоа треба да бидеме задоволни, ама наместо да постигне 525 кругови и комотно 10-то место, таа истрела два лоши истрели и заработи пласман пет места подолу. Навистина во иднина ќе треба повеќе да се работи со неа на психолошки план.
За разлика од неа, Ванчо и во овој меч влезе со големо оптоварување. Беше свесен дека ова е негова примарна дисциплина, но исто така и дека ова е последна шанса да се вмеша во влез во финале или пак во борба за медал. Долго стрелаше проба и кога влезе во меч продолжи со неодлучност, серии со многу киксеви, тотално некарактеристични за него во подготвителниот период. Стрелаше во првите три серии 84, 83, 81 а во следните три серии 84, 88, 87 и со вкупно постигнати 507 кругови, го освои конечното 22-то место.
Завршија Параолимписките игри во Пекинг.
Сега преостанува да се сконцентрираме на квалификациите за следните Параолимписки игри во Лондон 2012 каде што согласно новите правила кои ќе важат од 01.01.2009 година, престои уште потежок и помачен пат на квалификации кој дополително е оптоварен и со задолжително учество на Азиските шампионати во стрелаштво кои финансиски силно ќе ја обременат ФСРИМ-МПК. Да се надеваме на потполно разбирање и поддршка на нашата Програма за работа од страна на Министерството за труд и социјална политика, Министерството за финансии и Агенцијата за млади и спорт, кои се директни Владини институции од кои зависи финансирањето на спортот на лицата со инвалидност. Ние докажавме повеќепати дека заслужуваме таков третман.