НФСРИСМ – ПКСМ

Национална федерација за спорт и рекреација на инвалиди на Северна Македонија – Параолимписко комитет на Северна Македонија

ОЛИВЕРА ГО ЗАВРШИ НАСТАПOТ НА ПАРАОЛИМПИСКИТЕ ИГРИ ТОКИО 2020 СО ДИСЦИПЛИНАТА МК ПИШТОЛ СЛОБОДЕН ИЗБОР 50м

На 04.09.2021 година на стрелиштето Асака се одржа последната пиштолска дисциплина П4-Малокалибарски пиштол слободен избор на 50 метри. Претходниот ден се одржа официјалниот тренинг (ПЕТ) и уште на стартот приметивме дека има проблем со испалување на куршумите. Мислевме дека е до муниција, променивме 3 врвни производители, меѓутоа проблемот си остана актуелен, пиштолот не испалуваше. Веднаш го однесов до сервисот и добивме одговор дека тие сервисираат само воздушно оружје, не и малокалибарско и дека немаат никакви делови. Но ние имаме, јас носев и сами ја променивме ударната игла и опругата, се вративме назад на стреланата… и повторно ништо, пиштолот не испалуваше ниту една муниција. Појдов до колегите од српската и босанската репрезентација за да побарам дали имаат цел затварач со ударна игла, меѓутоа србите користат друг модел на пиштоли, а босанецот ги има деловите како и јас и не вршеа работа. Тогаш се обратив до колегата тренер на руската репрезентација. Тој ми кажа дека немаат цел затварач, но имаат мајстор со нив кој може да го погледне пиштолот. По прегледот, мајсторот констатира дека има проблем во цевката, во делот каде што влегува зрното има сплескан метал и не му дозволува на зрното да влезе целосно во цевката за да испали. Јас тоа не можев да го решам на лице место, но тој се понуди доколку сакаме да се обиде да го израмни и дека тогаш најверојатно ќе функционира, можеби не на секој истрел, но сепак ќе функционира. Секако дека се сложивме, човекот донесе брусалка, работеше едно 30 минути и на крај кога го склопивме пиштолот… студен туш, заврши тренингот и немаше можност да се испали ниту еден куршум. Се спакувавме и си заминавме од стрелиштето и решивме пробата дали ќе работи да ја извршиме на самиот натпревар. Ако работи ОК, ако не, ќе се откажеме од настапот.
Оливера пробата ја започна оптеретена дали воопшто пиштолот ќе функционира, крена и… ништо, муницијата ЕЛЕЈ ТЕНЕКС, една од најквалитетните, не функционираше ниту после неколку куршуми. Се обидовме со друга муниција, ЛАПУА МИДАС +, и пак ништо… дури третиот пат испали. И така, 2-3 кревања, едно испалување.
Ја прашав Оливера дали може физички и ментално да го издржи ова или да пријавиме дека го откажуваме настапот. Таа не сакаше ниту да слушне да се откаже и влезе во мечот свесна дека целосно ќе ја исцрпи. Ако другите пукаа меч од 60 истрели, Оливера подигна најмалку 150 пати за ист број на истрели. Тоа ја исцрпи и физички и ментално, но го заврши мечот со 509 кругови и се пласира на 26-то место.
Претстои набавка на ново оружје за новиот циклус за Париз 2024 година.
Македонската делегација тргнува за дома на 06.09.2021 година и пристигнува на аеродромот во Скопје на 07.09.2021 после полноќ.