На 11.12.2023 година, претседателот на Параолимпискиот комитет на Северна Македонија, Бранимир Јовановски, заслужен спортист на Македонија и врвен тренер во стрелаштво, во амфитеатарот на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје во Скопје, одржа инклузивен параолимписки час на студентите од четврта година на тема “Потребата од спорт и спортска рекреација на лицата со инвалидност, предизвици и бенефити”, во рамките на часот по рекреација кај проф. д-р Горан Никовски.
Во излагањето беа опфатени повеќе аспекти на потребата од организирана телесна вежба за лицата со најразличен вид и степен на инвалидитет, за дефиницијата на лицата со инвалидност, терминологијата што се употребува, категоризација според видот и степенот на попреченоста, дека спортот и телесната вежба не се резервирани само за здравите лица, туку дека лицата со инвалидност имаат еднаква потреба (ако не и поголема) да се бават со некоја организирана форма на физичка вежба, тренинг, спорт и спортска рекреација во обидите да го намалат ризикот од таканаречените модерни болести (стрес, дебелина, дијабетес, нервози, анксиозност, болести на срцето и крвните садови и многу други), дека за нив занимавањето со спорт и спортска рекреација претставува многу повеќе од здрава разонода, преземените активности на ова поле придонесуваат во нивното психофизичко прилагодување, во нивната победа врз сопствените чувства на помала вредност и неспособност, социјална интеграција и чувство на радост кон враќање во живот, како и сознание дека инвалидноста не значи и неспособност.
Беше дискутирано за аеробното вежбање со сите негови физиолошки карактеристики, индикатори на оптеретување (внатрешни и надворешни), и бенефитите што ги носи истото за благосостојба на организмот на физичко, психолошко и социјално поле.
Потоа за најголемите недостатоци за ефективно и ефикасно учество на лицата со инвалидност во разни форми на спорт и спортско рекреативни активности (пред се непристапни спортски објекти, недостаток на адаптиран превоз, обележан паркинг простор, недостаток на специфична спортска опрема и стручни кадри, како и недоволно финансиски средства за организирање и спроведување на овие активности).
Беа презентирани специфични ортопедски помагала (протези, ортози, инвалидски колички за разни спортови) кои ги користат спортистите со инвалидитет, а беа презентирани и повеќе врвни домашни и меѓународни спортисти, носители на медали од највисок ранг на натпревари.
Поврзани објави
НА ПРИЕМ ВО МАКЕДОНСКАТА АМБАСАДА ВО ПАРИЗ
ВО ВРСКА СО СВЕЧЕНОТО ОТВАРАЊЕ НА ПОИ ПАРИЗ 2024
НА ПАТ ЗА ПАРИЗ