НФСРИСМ – ПКСМ

Национална федерација за спорт и рекреација на инвалиди на Северна Македонија – Параолимписко комитет на Северна Македонија

НОВИ САД – СРЕБРЕНИ МЕДАЛИ ЗА ОЛИВЕРА НАКОВСКА БИКОВА И ВАНЧО КАРАНФИЛОВ

Македонските параолимпијци-стрелци, од 21-25.08.2019 година учествуваа на WSPS Grand Prix Novi Sad Srbija -2019, натпревар во стрелаштво на кој настапија спортисти од 7 држави. Во состав на екипата настапија: Бранимир Јовановски (тренeр и натпреварувач), Оливера Наковска-Бикова, Ванчо Каранфилов и Александар Јовановски (натпреварувачи) и Драган Дојчиноски (тим лидер).

Девет настапи, пет финални борби, два сребрени медали е билансот на нашите спортисти.

Првиот натпреварувачки ден,во дисциплината Спорт пиштол (П3),настапија четворицата наши спортисти. Во квалификациите, во конкуренција на 12 натпреварувачи, Оливера Наковска Бикова со резултат од 555 кругови се пласира на 5-то место, Ванчо Каранфилов со резултат од 542 круга на 6-то место, со што и двајцата обезбедија настап во финалните борби, додека Бранимир Јовановски со 524 кругови се пласира на 9-то место, а Александар Јовановски со резултат од 514 кругови на 11-то место. Најдобар резултат во квалификациите во оваа дисциплина постигна Растко Јокиќ од Србија со 566 кругови. Во финалето се пласираа 8 натпреварувачи, а нашите спортисти на крајот го зазедоа 7-то место Оливера Наковска Бикова и 8-то место Ванчо Каранфилов.

Вториот натпреварувачки ден во дисциплината пиштол слободен избор (П4), во конкуренција на 9 натпреварувачи настапија Ванчо Каранфилов кој со резултат од 495 кругови во квалификациите се пласира на 6-то место и обезбеди настап во финале, додека Александар Јовановски со резултат од 453 кругови го освои конечното 9-то место. Најдобар резултат во квалификациите во оваа дисциплина постигна Сергеј Малишев од Русија 543 кругови. Во финалето, Ванчо Каранфилов со резултат од 112,9 кругови го освои конечното 7-мо место.

Најголем успех нашите спортисти постигнаа последниот натпреварувачки ден, во дисциплината воздушен пиштол (П1 и П2).

Оливера Наовска Бикова во квалификациите стрелаше резултат од 572 кругови (втор најдобар резултат во светот), и по финалните борби меѓу пет натпреварувачки го освои конечното второ место и сребрен медал со резултат од 225,6 кругови. Првото место го освои Изи Бејли од Велика Британија со резултат од 227,1 круг.

Ванчо Каранфилов во квалификациите стрелаше 547 кругови и го зазеде 4-то место, додека Александар Јовановски со резултат од 526 кругови се пласира на 8-то место. Најдобар резултат во квалификациите во оваа дисциплина постигна Растко Јокиќ од Србија 568 кругови. Со оглед на тоа дека во конкуренција беа осум натпреварувачи, сите влегоа во финалните борби. По финалето, Ванчо Каранфилов го освои конечното второ место и сребрен медал со резултат од 229,7 кругови, додека Александар Јовановски се пласира на 5-то место со резултат од 167,8 кругови.

Ова беше последен официјален меѓународен натпревар на нашите спортисти пред учество на Светското првенство во Сиднеј, Австралија во месец октомври. Следува период на подготовки и се надеваме успешен настап на нашите спортисти на светското првенство.