EPC SOUTH EASTERN SUBREGION ZOOM MEETING
На 02.07.2020 година под раководство на претседателот на Европскиот параолимписки комитет, Ратко Ковачич, беше одржан состанок на претставниците на параолимписките комитети на Југо-Источниот подрегион на ЕПЦ.
На состанокот беа поканети претставници на параолимписки комитети од: Албанија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Бугарија, Црна Гора, Северна Македонија, Романија, Србија и Словенија, но на истиот активно учество зедоа претставници на комитетите од: Северна Македонија, Црна Гора, Словенија, Хрватска и Романија.
Во однос на агендата, сите учесници ја опишаа состојбата со КОВИД-19 во нивните држави и како таа се манифестира на спортот на лицата со инвалидност во однос на одложени натпревари, прекината тренинг програма, забрана на користење на спортски објекти, програма за тренинг од дома и друго.
Беше споделена информација дека Европските пара игри за млади се одложени за 2022 година, а беше и дискутирана и состојбата со вклученост во спортско-рекреативни активности на млади спортисти со инвалидност до 18 години во пооделни држави, како и проблемите и причините за нивна недоволна застапеност кои се разликуваат од држава до држава.
Потоа стана збор за очекувањата во однос на организација и учество на меѓународни натпревари во тековната година, при што беше констатирано дека сите големи натпревари се откажани, пооделни држави внимателно се определуваат за одржување на национални првенства со почитување на одредени протоколи за безбедност на учесниците на манифестациите. Претставникот од Словенија истакна дека меѓународниот квалификациски натпревар во пинг понг за Токио 2020 дефинитивно е пролонгиран за идната година, како и меѓународниот турнир во Лашко, додека организацијата на Европското првенство во стрелаштво дефинитивно ќе биде одлучена во август, засега шансите се 50-50 проценти, меѓутоа се ќе зависи од состојбата со епидемијата на КОВИД-19.
Беше дискутирано и за учество на заинтересирани лица на вебинарот на тема „Спорт и инвалидност – Преминување од најосновното ниво на активност до учество на Параолимписки игри“, кој ќе се одржи на 14.07.2020 година од 10:00-11:30 часот. Параолимпискиот комитет на Северна Македонија го пријави своето учество на вебинарот преку претседателот на комитетот, Бранимир Јовановски.
На крај од состанокот сите учесници посакаа успех во справување со епидемијата на корона вирусот на светско ниво, како би можеле вратите на спортот да бидат широко отворени за оние на кои им недостасува силно во моментов, а тоа се спортистите, нивните тренери и спортската публика која со нетрпение ги очекува новите спортски успеси на своите миленици.
Поврзани објави
НА ПРИЕМ ВО МАКЕДОНСКАТА АМБАСАДА ВО ПАРИЗ
РЕЗИМЕ ПОИ ПАРИЗ 2024
УШТЕ ЕДНО ФИНАЛЕ И УШТЕ ЕДНО ОСМО МЕСТО