НФСРИСМ – ПКСМ

Национална федерација за спорт и рекреација на инвалиди на Северна Македонија – Параолимписко комитет на Северна Македонија

АРИГАТО ТОКИО

Македонскиот параолимписки тим слета на аеродромот на 07.09.2021 година во 00:10 часот после долгиот пат од 28 сати. Уморни и исцрпени, што од патот, што од самиот настап на Параолимписките игри, на аеродромот не пречекаа нашите најмили.
Зад нас останаа спомените на едни, видно изменети Параолимписки игри, како последица на пандемијата на Ковид-19, безброј мерки за спречување на ширење на епидемијата, секојдневни тестирања, носење на маски, избегнување на дружење, прегратки, поздравувања, честитања… се она што претставува убавина на спортот, блискост на спортистите во радување по победите и тагување по поразите.
А ние, параолимпискиот тим на Северна Македонија, со подигната глава и гордо се вративме од игрите, најважно е што сме здрави, што ги избегнавме изолациите и компликациите од Ковид-19, имавме едно финале, освоено шесто место на 10м, потоа за малку финале и конечно девето место на 25м и сериозен проблем на 50м со оружјето кој потполно ја исфрли од игра нашата натпреварувачка Оливера Наковска Бикова.
Тоа беа тешки 14 дена на престој ограничени на движење во олимпиското село, таканаречен „балон“, а надвор од него, единствено до стрелиштето кое се наоѓа на четириесетина километри оддалеченост, што беше единствена можност да се види дел од метрополата, прекрасните облакодери, совршената инфраструктура, чистотата на градот и беспрекорното негово функционирање. Среќа што шоферите, кои секојдневно се менуваа, возеа по делумно различни рути, па колку толку можевме да го запознаеме Токио.
Полека им се враќаме на секојдневните обврски, од Токио ќе останат спомени и пригушена тага што немавме малку повеќе спортска среќа да се вратиме со освоен медал, но и мотив да се продолжи понатаму со сериозни тренинзи и надеж дека пропуштеното ќе го надокнадиме во Париз 2024.
Голема благодарност до волонтерите, особено до нашиот асистент Мр. Чига, до судиите на стрелиштето за разбирањето и помошта, на жителите на Токио кои дури и во раните утрински часови стоеја на улиците со транспаренти на поддршка, со искрени насмевки, ракоплескања и поздрави кога поминувавме поред нив со службените возила. За жал таа интеракција не можеше да биде директна, на спортските борилишта, но така е – како е, се беше подредено на почитување на мерките за заштита.
Благодарност и до Агенцијата за млади и спорт, до Министерството за труд и социјална политика, кои финансиски го поддржаа нашето учество на игрите, подготовките и набавката на соодветна опрема.
Шоуто мора да продолжи, веќе од денес нашите мисли се насочени кон Париз 2024.
Аригато Токио, ќе останеш засекогаш во нашите сеќавања.