НФСРИСМ – ПКСМ

Национална федерација за спорт и рекреација на инвалиди на Северна Македонија – Параолимписко комитет на Северна Македонија

РИЧАРД ПАУНД ТВРДИ ДЕКА ДАВАЊЕТО НА ПРИОРИТЕТ НА СПОРТИСТИТЕ ДА БИДАТ ВАКЦИНИРАНИ СО ВАКЦИНА ЗА ЗАШТИТА ОД КОВИД-19 Е „НАЈРЕАЛНИОТ НАЧИН“ ЗА ОДРЖУВАЊЕ НА ИГРИТЕ ВО ТОКИО 2021

Високиот член на Меѓународниот олимписки комитет (МОК), Ричард Паунд, тврди дека давањето на приоритет на спортистите за примање на вакцината КОВИД-19, би бил „најреалниот начин“ за одржување на Олимписките и Параолимписките игри во Токио 2021 година. На помалку од 200 дена пред свеченото отворање на игрите, останува неизвесноста дали воопшто годинава Олимписките и Параолимписките игри во главниот град на Јапонија ќе бидат одржани.
Игрите беа одложени во 2020 година поради пандемијата КОВИД-19, но се чини дека здравствената криза се влошува по откривањето на новата варијанта на вирусот, за која се смета дека е до 70 проценти попренослива од претходната.
Земјата домаќин, Јапонија, е една од нациите што ја потврди новата варијанта на вирусот на својата територија и сега е на врвот на вонредната состојба откако весникот Кјодо денес објави рекордни 6.004 дневни случаи на коронавирус.
Постои надеж дека развојот на бројни вакцини против COVID-19 ќе овозможат игрите во Токио 2020 да се одвиваат безбедно, сепак, вакцината Pfizer-BioNTech која во моментов се применува во земјите како на пример Велика Британија и САД, истата чека одобрување за примена во Јапонија.
Паунд негираше дека давањето на приоритет на спортистите да ја примат вакцината КОВИД-19 со цел да се осигура игрите да бидат одржани, ќе предизвикаат негодување во општата јавноста.
„Во Канада, каде би можеле да имаме 300 или 400 спортисти, да искористиме 300 или 400 вакцини од неколку милиони вакцини што ќе ги добие Канада со цел државата да биде застапена на меѓународен настан од ваков ранг, карактер и ниво – мислам дека нема да предизвика јавно негодување заради тоа “, изјави Паунд за Sky News.
„Тоа е одлука која секоја држава ќе треба да ја донесе и секако дека ќе има луѓе кои ќе велат дека се скока преку редот, но мислам дека тоа е најреалниот начин да се оди напред и игрите да бидат одржани“.
Претседателот на МОК, Томас Бах, претходно ги охрабруваше спортистите да се вакцинираат со КОВИД-19 вакцината пред Токио 2020 година, но истакна дека тоа нема да биде услов за учество на истите. Тој откри дека МОК разговарала со производителите на вакцините и други здравствени експерти, но рече дека организацијата нема да ја прескокне редицата пред оние кои имаат поголема потреба од вакцинација.
„Од самиот почеток јасно ставивме до знаење дека првите приоритети се медицинските сестри, лекарите и сите оние што го одржуваат нашето општество во живот, во услови на кризата со коронавирусот. Ова се луѓето кои заслужуваат првите да бидат вакцинирани“, рече Бах за време на посетата на Националниот стадион во Токио во ноември.
Предвидено е Олимписките игри во Токио 2020 година да се одржат од 23 јули до 8 август 2021, а Параолимписките игри треба да следат од 24 август до 5 септември 2021 година. Организаторите планираат да преземат голем број контрамерки за COVID-19 доколку се одржат Игрите.