НФСРИСМ – ПКСМ

Национална федерација за спорт и рекреација на инвалиди на Северна Македонија – Параолимписко комитет на Северна Македонија

ЗАНИМЛИВОСТИ ОКОЛУ ПРЕТСТОЈНИОТ НАСТАП НА НАШИТЕ СТРЕЛЦИ-ПАРАОЛИМПИЈЦИ НА СП СИДНЕЈ 2019 ВО БОРБА ЗА ДИРЕКТНИ КВОТИ ЗА УЧЕСТВО НА ПАРАОЛИМПИСКИТЕ ИГРИ ВО ТОКИО 2020

На Светското првенство во стрелаштво во Сиднеј, Австралија ќе настапат нашите спортисти Оливера Наковска-Бикова во дисциплините П2, П3 и П4, Ванчо Каранфилов во дисциплините П1, П3 и П4, и Александар Јовановски во дисциплините П1,П3 и П4.

Тимот ќе го предводи селекторот и тренер на спортистите Бранимир Јовановски, и тим лидерот и асистент на спортистите, Драган Дојчиноски.

На Светското првенство во Сиднеј вкупно ќе бидат поделени 13 директни квоти во пиштолски дисциплини. Нашите спортисти (Ванчо и Александар) ќе бидат во конкуренција за добивање на една од 9 квоти кои се на располагање (по 3 во П1, П3 и П4), бидејќи Оливера Наковска Бикова уште минатата година освои директна квота за Токио и согласно пропозициите не може да се бори за втора квота за државата.

Националните параолимписки комитети (НПЦ) може да освојат максимално 12 квоти (збирно од сите дисциплини во пушка и во пиштол), односно максимално 8 квоти по ист пол. Досега најмногу квоти има освоено Кореја, вкупно 10, од кои 8 во машка и 2 во женска конкуренција, што значи дека нивните спортисти можат да се борат само за уште 2 квоти во женска конкуренција (пушка или пиштол), бидејќи во машка конкуренција го исполниле условот. Следна по број на освоени квоти е репрезентацијата на Кина со освоени 9 квоти, од кои 6 машки и 3 женски, што значи можат да се борат за уште максимум 3 квоти од кои максимум 2 машки и една жена, или 1 машко и 2 жени или само 3 жени (математика). На трето место е Украина со освоени 7 квоти од кои 5 машки и 2 жени. Тие секако имаат шанса да се борат за уште максимално 5 квоти.

Нашите спортисти Ванчо Каранфилов и Александар Јовановски најсериозни противници во борбата за квоти ќе имаат во спортистите од Русија на кои во март годинава им ја симнаа суспензијата и до сега во циклусот кој започна минатата година во мај, немаат освоена ниту една квота, потоа спортистите од Кина, Индија, Турција, Србија, Велика Британија, Унгарија и Чешка, кои имаат квалитетни натпреварувачи во пиштолски дисциплини, меѓутоа ништо подобри од нашите спортисти, кои согласно постигнатите резултати во подготвителниот период навистина имаат сериозни шанси да се вмешаат во борбата за квоти.

На параолимписките игри во Токио, НПЦ може да пријави максимално 3 стрелци во една дисциплина. НПЦ може да освои максимално 3 квоти по дисциплина од сите квалификациски натпревари

На Светското првенство во Сиднеј во пиштолски дисциплини ќе бидат поделени следните квоти:

-Во дисциплината П1 (воздушени пиштол мажи 10м): 3 квоти на првопласираните 3 стрелци кои претходно немаат освоено квота. Квотите се сопственост на нивните Параолимписки комитети.

-Во дисциплината П2 (воздушени пиштол жени 10м): 2 квоти на првопласираните 2 натпреварувачки кои претходно немаат освоено квота. Квотите се сопственост на нивните Параолимписки комитети.

-Во дисциплината П3 (спорт пиштол микс 25м): 2 квоти на првопласираните 2 машки стрелци, 1 квота за најдобро пласирана жена стрелец и 1 квота за најдобар следен натпреварувач без оглед на пол, кои претходно немаат освоено квота. Квотите се сопственост на нивните Параолимписки комитети.

-Во дисциплината П4 (пиштол слободен избор микс 50м): 2 квоти на првопласираните 2 машки стрелци, 1 квота за најдобро пласирана жена стрелец и 1 квота за најдобар следен натпреварувач без оглед на пол, кои претходно немаат освоено квота. Квотите се сопственост на нивните Параолимписки комитети.

Доколку ја пропуштиме оваа шанса, Ванчо и Александар остануваат во борба за уште 4 квоти на располагање од Светскиот куп во мај 2020 во САД и тоа 1 во дисциплината П1, 1 машка и 1 без оглед на пол во П3 и 1 без оглед на пол во П4.

Следуваат завршни подготовки на нашиот тим на кои ќе работиме на подигање на натпреварувачката форма и искрено се надевма дека ќе ја израдуваме македонската спортска јавност од настапот на Оливера Наковска Бикова, Ванчо Каранфилов и Александар Јовановски на Светското првенство во Сиднеј, Австралија.