НФСРИСМ – ПКСМ

Национална федерација за спорт и рекреација на инвалиди на Северна Македонија – Параолимписко комитет на Северна Македонија

Успешно започнат циклус

Параолимпијците успешно го започнаа олимпискиот циклус

на 2 меѓународни натпревари параолимпијците освоија 5 златни и 2 бронзени медали

Македонските стрелци – параолимпијци, успешно го започнаа новиот олимписки циклус. Благодарение на средствата добиени од Агенцијата за млади и спорт за реализација на меѓународен спорт, параолимпијците учествуваа на два големи меѓународни натпревари и тоа на Светскиот куп во стрелаштво за инвалиди “Hessenpokal 2009” што се одржа во Бад Орб, Германија од 13-17.05.2009 година на кој учествуваа: Бранимир Јовановски, тренер и стрелец, Оливера Наковска Бикова, Ванчо Каранфилов, Тони Митровски и Лидија Крстеска стрелци, придружувани од асистентот Далибор Јовановски и генералниот секретар на ФСРИМ-МПК Драган Дојчиноски. Ова беше петнаесеттото издание на „Хессенпокал“ и за прв пат како Светски куп на кој учествуваа преку 160 стрелци од 22 држави од Европа и пошироко бидејќи беа присутни спортисти од САД, Кореа, …

Најголемиот успех на светскиот куп од нашите учесници го постигна стрелецот Оливера Наковска-Бикова, која во дисциплината воздушен пиштол го освои првото место со резултат од 376 кругови, што е само за два круга под светски рекорд во оваа дисциплина. Голем успех постигна и стрелецот Ванчо Каранфилов кој во дисциплината спорт пиштол со испукани 560 круга го зазеде третото место и бронзениот медал.

Непосредно по завршувањето на Светскиот куп во Германија, од 20-24.05.2009 година се одржа силен меѓународен турнир во Франција во малото градче на самата граница со Ликсембург, Волмеранж Ле Мин, наречен „3-rd Grand Prix“. На овој натпревар учествуваа спортисти од 23 држави. Наши претставници беа: Бранимир Јовановски, тренер и стрелец, Оливера Наковска Бикова и Ванчо Каранфилов стрелци, придружувани од асистентот Далибор Јовановски. Македонските параолимпијци блеснаа освојувајќи 5 медали од кои 4 златни и 1 бронзен. Оливера Наковска Бикова стандардно добра во воздушен пиштол, златен медал со резултат од 368 кругови, еднаков резултат со оној што го постигна во Пекинг 2008. Како течеа настапите, со нив се нижеа и медалите кои ги освојуваа нашите спортисти. Ванчо Каранфилов освои златен медал во дисциплината спорт пиштол со испукани 563 кругови, а екипно репрезентацијата на Република Македонија (во состав Бранимир Јовановски, Оливера Наковска Бикова, Ванчо Каранфилов) го освои првото место со испукани 1660 кругови. Второ пласирана Германија со 1630 кругови, трета Франција со 1587 кругови. Успехот на нашата репрезентација беше надополнет во дисциплината малокалибарски пиштол слободен избор во која ванчо Каранфилов со резултат од 610,2 (526) кругови го освои третото место, додека екипно репрезентацијата на Република Македонија (во состав Бранимир Јовановски, Оливера Наковска Бикова, Ванчо Каранфилов) со резултат од 1534 кругови го освои првото место пред реперезентацијата на Италија која го освои второто место со 1510 кругови, а трета беше Унгарија со 1506 кругови.
„Очигледно е дека одлично ја темпиравме формата за учество на овие мошне силни и значајни меѓународни натпревари. Стрелците ги исполнија очекувањата, дури и повеќе од тоа ако се земе во предвид фактот дека во подготвителниот период во малокалибарските дисциплини имавме на располагање само 3.000 зрна, недоволно за рекреација, а камо ли за сериозен тренинг. Набавката на муницијата останува сериозен проблем и за тоа треба да се обезбеди доволна сума и количина која ќе ги задоволи потребите на параолимпијците за целиот олимписки циклус. Искрено се надевам дека таков договор и разбирање ќе постигнеме со Агенцијата за млади и спорт со која имаме исклучително позитивна соработка и разбирање. Она што мене како тренер ме исполнува се исклучително високите резултати на моите спортисти, особено на Оливера Наковска-Бикова која во Германија стрелаше скоро во висина на светски рекорд. Таа стана препознатлив бренд на нашата репрезентација и нејзина слика во стрелачка поза излезе на насловна спортска страна на дневен весник во Франција. Ова е уште еден придонес на параолимпискиот тим за афирмацијата на спортот на Република Македонија надвор од нејзините граници.“
Кои се следните настапи на стрелците?
„Македонските параолимпијци требаше да се учествува на отвореното европско првенство во Полска што требаше да се одржи од 04-10.07.2009 година. Од овој настап очекувавме големи резултати бидејќи напорно трениравме меѓутоа, за жал Европското првенство е откажано, наводно заради финансиската криза и рецесија што ја зафатила Полска. Подоцна дознавме дека причината најверојатно лежи во конфликтот меѓу ИПЦ и ИСЦД околу надлежностите на организација на натпреварите и начинот на распределба на средства и трошоци. Тоа е долга приказна која нема да ја објаснувам сега, важно е дека лошо се манифестира врз самите натпреварувачи, како и на спортот во целина. Тоа ќе беше добра шанса победниците по дисциплини да освојат квота за учество на Параолимписките игри во Лондон 2012 година. За жал поправка нема, останува до крајот на годината да се обидеме да обезбедиме дополнителни средства за учество на меѓународниот натпревар во Аликанте, Шпанија заради одржување на континуитет во тренажниот процес и да се надеваме дека слична судбина нема да не снајде 2010 година и дека Светското првенство кое е планирано во Загреб, ќе се одржи. Тогаш би требало да се очекува да ги добиеме првите параолимпијци со квота за Лондон, а до тогаш на стрелците им останува да тренираат, а на Параолимпискиот комитет да изнајде средства за непречено спроведување на тренажната програма” – изјави Бранимир Јовановски, тренер на македонските параолимпијци.