НФСРИСМ – ПКСМ

Национална федерација за спорт и рекреација на инвалиди на Северна Македонија – Параолимписко комитет на Северна Македонија

УНИВЕРЗИТЕТСКАТА КЛИНИКА „СВЕТИ НАУМ ОХРИДСКИ“ ПОНУДИ МЕДИЦИНСКА ГРИЖА ЗА ПАРАОЛИМПИЈЦИТЕ

Претседателот на Параолимпискиот комитет на Северна Македонија, Бранимир Јовановски, генералниот секретар Драган Дојчиноски и лекарот на репрезентацијата д-р Елвис Алексовски, остварија работна средба со д-р Љубен Арсенков, медицински директор на ЈЗУ Универзитетска клиника по хируршки болести „Свети Наум Охридски“ Скопје.
На средбата го запознавме директорот Арсенков со тимот кој ќе настапи на Параолимписките игри Токио 2020, се заблагодаривме за разбирањето да му се овозможи на д-р Елвис Алексовски да патува со екипата и да се грижи за нивното здравје. Потсетивме на успесите на нашите параолимпијци кои во минатото освоија 5 параолимписки медали од кои 2 златни (Бранимир Јовановски 1992 и Оливера Наковска Бикова 2012), 1 сребрен (Ванчо Каранфилов 2004) и 2 бронзени (Вангел Жабев 1980), како и за моменталната форма и очекувањата на нашиот единствен претставник во Токио, Оливера Наковска Бикова во спортско стрелаштво.
Д-р Арсенков истакна дека како клиника, отсекогаш имале разбирање и соработка со спортските клубови и репрезентации. Во моментот д-р Небојша Настов, исто така вработен на клиниката, се наоѓа во Токио и се грижи за здравјето на олимпискиот тим на Северна Македонија. Посака успешен настап на нашата спортистка и понуди медицинска грижа за нејзиното здравје, но и здравјето на останатите параолимпијци преку соодветни прегледи во клиниката пред заминување на игрите, но и понатаму со започнување на новиот олимписки циклус за Париз 2024.
Параолимпискиот комитет на Северна Македонија искрено му се заблагодарува на д-р Арсенков за разбирањето и пружената рака за соработка за обезбедување на медицинска грижа за параолимпијците.