На 28.05.2021 година се одржа вебинар за медицинските услуги на Националните олимписки и параолимписки комитети, на кој од Параолимпискиот комитет на Северна Македонија учествуваа докторот на репрезентацијата, Елвис Алексовски и претседателот на Одборот за параолимписки игри при НФСРИСМ-ПКСМ, Бранимир Јовановски.
Беа презентирани контрамерките за заштита од ширење на Ковид-19, медицинските услуги, правилата на однесување за време на игрите опишани во Плејбукот за спортисти и официјални лица, начинот на спроведување на допинг контролата во услови на Ковид-19, медицински истражувања за време на игрите, а беше одговорено и на голем број на поставени прашања од страна на претставниците на комитетите. Организаторот на вебинарот повеќепати потенцираше дека ова се моменталните препораки и мерки, а нештата може да се променат на подобро или на полошо непосредно пред почетокот и за време на игрите, за што ќе бидеме благовремено известени.
Беа поставени многу прашања од учесниците на вебинарот, меѓу кои: Како сметате да ја одржувате температурата во апартманите со клима, ако на секои 30’ треба да се проветрува? Дали не сметате дека секојдневно масовно тестирање на сите учесници на едно место во олимпиското село не ги нарушува мерките на социјална дистанца? Повторните скрининг тестови на антиген обично се изведуваат наутро. Дали спортистите / персоналот треба да чекаат резултат на тест за антиген пред да можат да патуваат на натпревар / тренинг или да можат да користат транспорт? Во случај на натпревар во раните утрински часови, кога и каде ќе се изврши дневниот тест на корона? Колку клиники и медицински персонал ќе имате во олимпиското село за да поминете низ повеќе од 11 000 тестови дневно? Бидејќи медицинскиот тим редовно ќе биде во „близок контакт“ со спортистите, дали и тие треба да се скринираат секој ден? Кога снимката од овој веб-семинар ќе стане достапна за споделување со другите членови на нашиот медицински тим? Ако спортист носи маска и е поблизу од 1 метар повеќе од 15 минути до спортист со КОВИД-19 кој не носи маска, дали ќе се смета за близок контакт? ….
Едно од интересните прашања беше токму за тоа што се смета за близок контакт во случај на позитивен наод на Ковид-19 кај некој учесник? Беше одговорено дека доколку лицето било на растојание пократко од 1 метар, без маска во период од најмалку 15 минути се смета за близок контакт, а на дополнителното прашање како мислат да го регулираат тоа прашање за време на транспортот кога патниците се блиску еден до друг и се превезуваат подолго од 15 минути, беше кажано дека во Јапан, додека се возите со јавен транспорт, доколку носите маска и се воздржувате од зборење и вие и вашите сопатници, тогаш не се смета за близок контакт. Значи, поред тоа што ќе бидеме ограничени во движењето, ќе мора и да молчиме при транспортот.
Правила, правила…
Поврзани објави
НА ПРИЕМ ВО МАКЕДОНСКАТА АМБАСАДА ВО ПАРИЗ
РЕЗИМЕ ПОИ ПАРИЗ 2024
УШТЕ ЕДНО ФИНАЛЕ И УШТЕ ЕДНО ОСМО МЕСТО