Светски куп во стрелаштво за инвалиди “France 2010” 25-29.05.2010
Непосредно по завршувањето на Светскиот Куп во Германија, во Волмеранж ле Мин, Франција од 25-29.05.2010 година се одржа Светски куп на Франција во стрелаштво за инвалиди. Нашите параолимпијци и на овој голем спортски настан имаа тријумфален настап со освојување на 3 медали од кои 1 поединечен и 2 екипни.
Во Волмеранж ле Мин настапија преку 200 натпреварувачи од 30 држави, а Република Македонија ја претставуваше репрезентацијата во состав: Бранимир Јовановски – селектор, тренер и стрелец, Ванчо Каранфилов – стрелец, Оливера Наковска-Бикова – стрелец, Лидија Крстеска – стрелец, Далибор Јовановски – асистент и Драган Дојчиноски – генерален секретар на НФСРИМ-МПК.
Успехот е извонреден и вреди да се напише хронолошки.
Во дисциплината воздушен пиштол – жени, Оливера Наковска-Бикова во конкуренција на 19 натпреварувачки со истрелани 462,7 (370) кругови го освои четвртото место. Лидија Крстеска стрелаше 344 кругови што беше доволно за освојување на 15-то место. Во оваа дисциплина само Оливера ја потврди минимум олимписката норма. Во истата дисциплина кај мажите во конкуренција на 49 спортисти, Ванчо Каранфилов со резултат од 550 кругови се пласира на 20-то место, Бранимир Јовановски со резултат од 533 кругови беше 40-ти. Во оваа дисциплина Ванчо постигна резултат над минимум олимписка норма.
Во дисциплината спорт пиштол со резултат од 558 кругови во конкуренција на 35 натпреварувачи Ванчо Каранфилов го освои 7-то место. Во оваа дисциплина Оливера Наковска-Бикова и Бранимр Јовановски, со идентичен резултат од 548 кругови се пласира на 13-то односно 14-то место. Во ова дисциплина сите наши спортисти стрелаа над минимум олимписката норма.
Екипно во дисциплината Спорт пиштол со вкупно 1654 кругови репрезентацијата на Македонија во состав Ванчо Каранфилов, Оливера Наковска-Бикова и Бранимир Јовановски го освои второто место, зад репрезентацијата на Русија која постигна 1700 кругови, а пред репрезентациите на Германија која постигна 1635 кругови.
Во дисциплината малокалибарски пиштол слободен избор во конкуренција на 47 натпреварувачи Ванчо Каранфилов со резултат од 622,7 (531) кругови го освои првото место и златниот медал, Бранимир Јовановски со резултат од 516 кругови го освои 9-то место, додека Оливера Наковска-Бикова која со 513 кругови го освои 13-то место. Сите наши стрелци стрелаа над минимум олимписката норма во ова дисциплина.
Во екипна конкуренција во дисциплината Малокалибарски пиштол слободен избор имаше пријавено 9 репрезентации, а нашата репрезентација во состав: Ванчо Каранфилов, Оливера Наковска-Бикова и Бранимир Јовановски го освои првото место со 1560 кругови, втора беше репрезентацијата на Русија со 1542 кругови, додека третото место го освои репрезентацијата на Азербејџан со 1541 кругови.
Поврзани објави
ОДРЖАНО ДРЖАВНО ПРВЕНСТВО ВО СТРЕЛАШТВО СО ВОЗДУШНО ОРУЖЈЕ 2024
РЕЗИМЕ ПОИ ПАРИЗ 2024
УШТЕ ЕДНО ФИНАЛЕ И УШТЕ ЕДНО ОСМО МЕСТО