НФСРИСМ – ПКСМ

Национална федерација за спорт и рекреација на инвалиди на Северна Македонија – Параолимписко комитет на Северна Македонија

Светски куп во стрелаштво – Сиднеј 2011 Ден 2

На 16.11.2011 година, нашата репрезентација се натпреваруваше во досциплината Малокалибарски пиштол слободен избор (Р4 free pistol). Во основниот дел, кој се стрелаше по доста ветровито време (значи за сите натпреварувачи беа исти условите) и кое драстично знае да ги намали резултатите, особено на стрелците кои подолго го задржуваат пиштолот пред испалување, нашите репрезентативци се пласираа: Оливера Наковска Бикова – на третото место со 528 кругови, Ванчо Каранфилов со 515 кругови и Бранимир Јовановски на седмото со 511 кругови.

Со оглед на тоа дека на првото место се наоѓаше кореанецот, директна квота за Лондон се обезбедуваше со пласман на првото или второто место, само доколку кореанецот остане прв. По финалните 10 истрели, Оливера падна на четвртото место и за малку и’ побегна медалот и тоа во последните 2 истрели. Бранимир Јовановски се искачи за две места погоре (освен првиот истрел, останатите беа одлични), додека Ванчо падна на осмото место, бидејќи во осмиот истрел пиштолот му испали на спуштање, пред да влезе во нишанско поле и тоа се санкционираше со 0 (нула).

Во Сиднеј, на стрелачкиот ринг се велеше дека во финалето се натпреварува Македонија против останатиот свет и беше убаво да се слушне тоа. Штета што настапот не го крунисавме со медал, кој како и вчера ни погна за малку.

Се надеваме дека на 18-ти, кога е последниот настап во дисциплината воздушен пиштол, ќе се израдуваме и во таа смисла, а тогаш е и последната шанса за Ванчо и Бранимир за обид за освојување на директна квота за Лондон 2012. Нашите репрезентативци се под притисок – императивот квота е силен, но под раководството на селекторот Бранимир Јовановски, веруваме дека ќе останат „ладни“ за овој натпревар. Во стрелаштвото е доволна мала деконцентрација во било кој дел од натпреварот кој трае 2 часа, и се’ да се промени и да се наруши резултатот. Веруваме дека нашите репрезентативци ќе го постигнат токму обратниот ефект и дека во последниот настап ќе се закитат со медал и ќе освојат квоти за Лондон 2012.

Од досегашните 2 настапи, македноската репрезентација има 4 финални борби: две четврти места, едно петто и едно осмо место. Според мислењето на селекторот, резултатите се коректни со оглед на околностите, желбите, притисокот, временската зона…