Крајот на годината е проследен со повеќе манифестации кои го сумираат стореното во изминатата година и одлична можност уште еднаш да се потсетиме на врвните достигнувања и да ги наградиме најуспешните.
Во спортот, таква врвна манифестација е „Спортскиот Оскар“ во организација на Агенцијата за млади и спорт, a во коорганизација со Сојузот на спортските федерации на Македонија.
Годинава манифестацијата се одржа во преполната Универзална сала во Скопје на 25.12.2010 година со директен пренос на телевизијата Канал 5 и со присуство на повеќе министри, пратеници, луѓе од јавниот живот на Република Македонија, великани на македонскиот спорт, спортисти и спортски работници од веројатно сите спортски федерации во државата и секако најмладите спортисти од повеќе спортови за кои ова беше несекојдневно доживување и силен мотив да истрајат во спортот.
Беа прогласени најдобрите во повеќе категории, а ледот го „скрши“ Оливера Наковска-Бикова која беше прогласена за најдобар спортист со инвалидитет за освоениот бронзен медал на Светското првенсво во стрелаштво во Загреб, како и за освоената квота за учество на Параолимписките игри во Лондон 2012 година. Во оваа категорија беа номинирани и: Ванчо Каранфилов кој освои 1-во место на Светски куп во стрелаштво во Волмеранж ле Мин, како и Андреј Петровски кој го освои 5-то место на Европското првенство во пливање за глуви и наглуви лица.
„Чест е да се држи вакво признание во раце, јас ветувам дека и во годината која следи ќе постигнувам вредни резултати кои конечно ќе ме приближат кон освојување на златниот медал во Лондон 2012 година. Им се заблагодарувам на Агенцијата за млади и спорт за прекрасната организација на овој настан и за финансиската подршка заедно со Националната федерација за спорт и рекреација на инвалидите на Македонија – Македонски параолимписки комитет, потоа на мојот тренер Бранимир Јовановски за планирање и реализација на мојата тренажна програма, на моето семејство за севкупната поддршка, како и на спонзорот „Макпрогрес“ од Виница кој се погрижи да не опреми со спортска опрема за меѓународните настапи“- изјави лауреатот Оливера Наковска-Бикова.
Ова нејзина изјава беше пропратена со бурни аплаузи од присутните.
Спортски оскари за 2010 година беа доделени во следните категории:
- Најуспешен спортист на годината – Атанас Николовски
- Најуспешна спортистка на годината – Наташа Илиевска
- Најуспешен млад спортист на годината – Бранко Манев
- Најуспешна млада спортистка на годината – Наташа Андонова
- Најуспешен македонски спортист во странство – Горан Пандев
- Најуспешна машка репрезентација – Кошаркарска федерација
- Најуспешна женска репрезентација – Ракометна федерација
- Најуспешна спортска федерација – Карате федерација
- Најуспешен тренер-селектор – Марин Докузовски
- Најуспешен спортист со инвалидност – Оливера Наковска-Бикова
- Најуспешен спортски клуб од основните училишта – ОУ. Блаже Коневски – Прилеп
- Најуспешен спортски клуб од средните училишта – Гимназија Орце Николов – Скопје
- Најуспешен спортски клуб од универзитетите е карате-ката тимот од универзитетот Св. Кирил и Методиј
- Оскар за животно дело – Кирил Дојчиновски
Во годината која е пред нас не очекуваат многу силни натпревари, се очекува освојување на многу вредни медали и квоти за Лондон 2012 година. НФСРИМ-МПК и за идната година ќе има сериозен кандидат за ова престижно признание.
Поврзани објави
ОДРЖАН ПРВИОТ ИНИЦИЈАЛЕН СОСТАНОК НА ПАРТНЕРИТЕ НА ПРОЕКТОТ VIEWS (Volunteering for Inclusion and Empowerment with Sports)
ОДБЕЛЕЖАНИ 15. ГОДИНИ ОД МЕЃУНАРОДНОТО ПРИЗНАВАЊЕ НА ПАРАОЛИМПИСКИОТ КОМИТЕТ НА ЦРНА ГОРА
ОДБЕЛЕЖАН ЈУБИЛЕЈ, 60 ГОДИНИ ХРВАТСКИ ПАРАОЛИМПИСКИ КОМИТЕТ