Петто место за Оливера Наковска Бикова
Македонските параолимпијци, Ванчо Каранфилов и Оливера Наковска Бикова, стартуваа на Параолимписките игри во Пекинг во дисциплината воздушен пиштол.
На 07.09.2008 година во 11,45 часот по локално време во Пекинг (05,45 часот по македонско време) на стартната линија во конкуренција на 34 натпреварувачи се појави Ванчо Каранфилов. Меѓутоа проблемот кој подолго време е присутен во оваа дисциплина при нишанењето со “лепењето” на мушицата на лева страна, како и желбата за постигнување на висок пласман направија преголем притисок и со испукани 549 круга го освои 27 место. (Конечни резултати)
Денес (08.09.2008) во 12,15 часот по локално време (06,15 часот по македонско време) на огнената линија се појави Оливера Наковска Бикова. Во конкуренција на 17 натпреварувачки во основниот дел, исто така притисната од желба токму тука да ги постигне своите високи спортски перформанси, и да ја дополни својата богата колекција на медали и со параолимписки, во првите две серии не беше на висината на нејзините можности и со испукани вкупно 368 кругови во финалето влезе како четвртопласирана. Во десеттиот финален истрел, Оливера Наковска Бикова имаше голема шанса да го освои бронзениот медал. Конкурентките испукаа осумки и доколку Оливера испукаше најмалку 9,5 ќе се закитеше со бронзениот медал. Меѓутоа, за несреќа и Оливера им се придружи на конкурентките стрелајќи 8,9 исто така слаб погодок во последната серија и на крајот со постигнати 462,1 кругови го освои конечното петто место. Жалиме за пропуштената шанса да се освои медал, но во исто време искрено се радуваме на овој нејзин успех, влез во финалето и освојување на високото петто место. (Конечни резултати)
Нашите спортисти ќе се натпреваруваат уште во две дисциплини од која првата, спорт пиштол, на 10.09.2008 година во 09,00 часот по локално време (03,00 по македонско време).
Бранимир Јовановски
Поврзани објави
НА ПРИЕМ ВО МАКЕДОНСКАТА АМБАСАДА ВО ПАРИЗ
РЕЗИМЕ ПОИ ПАРИЗ 2024
УШТЕ ЕДНО ФИНАЛЕ И УШТЕ ЕДНО ОСМО МЕСТО