НФСРИСМ – ПКСМ

Национална федерација за спорт и рекреација на инвалиди на Северна Македонија – Параолимписко комитет на Северна Македонија

Настап во дисциплината спорт пиштол

Настап во дисциплината спорт пиштол која се стрела на 25 метри и е поделена во два дела, 30 истрели (поделени во 6 серии по 5 истрели) прецизна стрелба и 30 истрели брза стрелба, малку недостасуваше да ни донесе уште некое финале и борба за медал.

Имено по завршување на првиот дел од 30 истрели прецизно, Оливера Наковска-Бикова со резултат од 287 кругови (што е нејзин личен рекорд) се пласира на делбата на третото место, додека Ванчо Каранфилов со 283 кругови се пласира на десеттото место, исто така со изгледни шанси за влез во финале. Почетокот на брзата стрелба исто така ветуваше многу се до половината од натпреварот и испуканите 15 истрели. И тогаш се случи деконцентрација кај обата стрелци и во две од трите последни серии од по 5 куршуми не беа на висината на своите можности, така да на крај Ванчо Каранфилов со 554 кругови го освои 13-то место, додека Оливера Наковска-Бикова со 553 кругови го освои конечното 15 место.

“Морам да истакнам дека во подготвителниот период средниот резултат на нашите спортисти во оваа дисциплина беше во висина на финале на Параолимписките игри. Не сакам да звучи како било какво оправдание, оти моите спортисти можат да се носат со успеси и неуспеси, но ова навистина е специфична дисциплина која бара огромна количина на муниција за тренинг, нешто што ние како стрелци и како федерација никогаш не сме го имале. Затоа во ова дисциплина секогаш малку повеќе одиме на среќа отколку на подготвеност”-истакна тренерот на спортистите Бранимир Јовановски.

Денес е роденден на Ванчо Каранфилов. Спортскиот директор на стрелиштето го изненади на самата пукална со прекрасен букет цвеќе, интервју за телевизија, а нашата делегација со нашите асистенти му приреди мала забава во нашиот апартман во олимпиското село. Исто така и од раководителот на олимпиското село му беше врачен мал поклон.

На ред е последната дисциплина малокалибарски пиштол слободен избор. Согласно резултатите од подготвителниот период ова е најсилната дисциплина на Ванчо Каранфилов. Да се надеваме на добри вести на 12.09.2008 кога завршува настапот на нашите спортисти на 13-те Параолимписки игри. (Резултати)