НФСРИСМ – ПКСМ

Национална федерација за спорт и рекреација на инвалиди на Северна Македонија – Параолимписко комитет на Северна Македонија

Оливера Наковска-Бикова на Гран при на Белград 2011

Оливера Наковска-Бикова на Гран при на Белград 2011

Од 09-21.11.2011 година беа одржани два меѓународни натпревари и тоа на 10.12.2011 година „Трофеј на Белград“ и на 11.12.2011 година „Гран при на Белград“. Нашата спортистка Оливера Наковска-Бикова, за прв пат во својата спортска кариера, настапи на еден официјален спортски натпревар во конкуренција на спортисти неинвалиди и тоа од две причини: прва, за да им докажеме со практичен пример на дел од раководството на Македонската спортска стрелачка федерација дека одредени луѓе ангажирани во федерацијата со години ја држат во заблуда истата дека Оливера Наковска-Бикова со својата инвалидност ги крши правилата на светската стрелачка организација и дека нема право на учество на натпревари за неинвалиди, што секако не е точно и втора, заради потребата од учество на силни меѓународни натпревари во тренажниот процес за што поуспешен настап на Параолимписките игри во Лондон 2012, за што конечно и Агенцијата за млади и спорт препорача да се троши дел од доделените наменски средства на НФСРИМ-МПК.

Поред Оливера Наковска-Бикова, на тој натпревар од страна на МССФ учествуваа уште 7 стрелци и тоа: две натпреварувачки во пиштолски дисциплини, еден натпреварувач во дисциплината пиштол мажи, две натпреварувачки во пушка, и двајца натпреварувачи во пушка. Со својот настап Оливера постигна убедливо најдобри резултати и пласмани, со што докажа дека во моментот е најдобриот стрелец во Република Македонија и од редот на инвалидите и од редот на неинвалидите.

Првиот ден на 10.12.2011 година на „Трофеј на Белград“ во конкуренција на 55 натпреварувачки, меѓу кои и светската легенда Јасна Шекариќ, Оливера го освои 14-то место со резултат од 376 кругови. Доколку претпоследниот истрел го стрелаше повнимателно (испали седумка) и доколку во првата серија не влезеше со толкав грч, Оливера ќе се најдеше меѓу осумте финалистки, што ќе значеше најдобар пласман и за прв пат настап во финале на стрелец од Македонија во поновата историјата на македонското стрелаштво, ако не и воопшто. За жал, таа прилика ќе се обидеме да ја искористиме во наредната година. Од македонските спортисти, Надица Апостолова стрелаше во рамките на своите просечни резултати и се држеше околу средината на табелата, додека останатите спортисти забележаа пласмани во долниот дел на табелата.

Вториот ден на 11.12.2011 година за време на одржување на „Гран при на Белград“, Оливера доби сугестии за настапи кои водеа кон подобар резултат во првата серија, која знае да и биде честопати послаба од очекуваното. Оливера ја исполни својата задача, меѓутоа се доведе во цајтнот и мораше побргу да ја стрела последната серија и на крај постгна ист резултат како и претходниот ден, 376 кругови со кој го освои 15-то место од 53 спортистки. Резултат и пласман вреден за почит и одлично искуство во конкуренција на врвни светски натпреварувачки.

Настапот на меѓународните натпревари во Белград во целост ги исполни очекувањата, натамошниот тренажен процес во функција на подготовки за учество на Параолимписките игри во Лондон 2012 ќе биде планиран согласно практичните согледувања и анализа на нејзините настапи на Светскиот куп во Сиднеј и на меѓународниот настап во Белград.