НФСРИСМ – ПКСМ

Национална федерација за спорт и рекреација на инвалиди на Северна Македонија – Параолимписко комитет на Северна Македонија

Интервју со Оливера Наковска-Бикова

Параолимписките игри во Лондон беа најголемите до сега  Параолимписки игри на кои учествуваа 4.200 спортисти од 165 држави. Исто така за првпат и Олимписките и Параолимписките игри целосно ги  организираше еден организациски комитет предводен од Себастијан Коу.

Оливера Наковска Бикова го освои златниот медал во дисциплината воздушен пиштол притоа поставувајќи нов светски и параолимписки рекорд во квалификациите, како и параолимписки рекорд во финале на ова дисциплина. За импресиите и изодениот пат кон медалот и поставивме неколку прашања:

Дали медалот го очекувавте и колку го посакувавте?

Долги години се наоѓам во самиот врв на светското стрелаштво за лица со инвалидност. Освоив многу медали, станав европска шампионка 2001, светска вицешампионка 2006, победив на многу светски купови и други меѓународни првенства, учествував на Параолимписките игри во Атина 2004 и во Пекинг 2008, каде ги освоив шестото, односно петтото место, но длабоко во себе чувствував дека мојот спортски пат не е изоден до крај и дека силно ми недостасува токму тој, параолимписки медал. Секако дека го посакував медалот, знаев дека имам квалитет рамноправно да се носам со најуспешните светски стрелачки во мојата дисциплина, меѓутоа, поучена од претходните два настапа на параолимписки игри, немав никаква гаранција дека ќе го освојам медалот.

По што се разликуваше вашиот настап на овие игри во Лондон?

Бев цврсто убедена дека за разлика од претходно, овојпат ќе бидам максимално концентрирана на елементите на изведба на истрел, на нивната правилна координација и ритмика и дека целосно и без било каква резерва ќе ги спроведам тактичките планови и совети од мојот тренер Бранимир Јовановски. Ние во подготвителниот период повеќе месеци наназад, големо внимание му посветивме на менталниот тренинг и на градење на позитивна слика за моите спортски перформанси, во детали ги анализиравме тренинзите и контролните натпревари, трпеливо градевме стратегија за успешен настап на Параолимписките игри. За моја среќа, на денот на настапот собрав сили да ги надминам сите стравови и сомнежи и целосно да им се предадам на советите на тренерот и како одминуваше натпреварот, бев се повеќе сигурна дека ќе издржам до крј и дека ќе постигнам силен спортски перформанс.

Поставениот светски и параолимписки рекорд во квалификации сигурно ве возбуди. Како успеавте да се смирите пред започнување на финалните борби?

Да, беше прекрасно чувството да ви приоѓаат колеги стрелци, тренери, судии со насмеани лица да ви го честитаат успехот. Меѓутоа јас знаев дека медалот се уште не е освоен и дека ме чека уште еден исклучително тежок дел од натпреварот, уште 10 истрели за кои имате чувство дека траат цела вечност. Тренерот во ниту еден момент не ми дозволи да се опуштам. Влеговме во финалната дворана и за време на контрола на оружјето и опремата ја договоривме тактиката за настап во финале. Знаев дека конкурентките се блиску со резултатот и дека немам преголема предност за да се чувствувам сигурна на врвот. Знаев дека еден мал кикс може значително да ја намали мојата шанса за освојување на златниот медал, особено заради фактот дека и конкурентките беа  исклучително искусни спотристки, освојувачки на медали од параолимписки игри, светски и европски првенства. Меѓутоа тоа само ми даваше дополнителна сила да го завршам натпреварот успешно и да го освојам толку посакуваниот златен медал. Некако чувствував дека го имам во рацете и не сакав во ниеден миг да го испуштам. Почетокот на финалето беше одличен, меѓутоа како се ближевме кон крајот почна да се јавува мала несигурност. Кога во седмиот истрел погодив осумка, се појави мала нервоза, меѓутоа токму во тој истрел и конкурентките за медал стрелаа осумки, така да состојбата на табелата воопшто не се промени и тогаш за првпат во мислите ми се појави сликата со златниот медал на градите. Успешно го довршив финалето и после десетиот истрел за прв пат погледнав во мониторот. Неколку секунди и не бев свесна за пласманот, како времето да застана, и одеднаш ги видов насмеаните лица на мојот тим, се затрчав и скокнав во прегратките на тренерот. Одеднаш во рацете ми се најде знамето на Република Македонија, се покрив со него и следуваа честитки, прегратки, моменти на вистинско воодушевување и чувство на добро завршена работа. Веста набргу се прошири и започнаа телефонски јавувања, од новинарите, роднините, но и од политичкиот врв на Република Македонија, од Претседателот Ѓорге Иванов, Премиерот Никола Груевски…Неможам да ви објаснам колку бев среќна во тие моменти.

Колкава беше улогата на вашиот тренер за освојување на медалот?

Голема, од непроценлива вредност, и јас искрено многу му благодарам за трудот кој го вложи при освојувањето на овој медал. Со тренерот Бранимир Јовановски соработувам од почетокот на мојата спортска кариера, од далечната 1997 година. Во моментите кога ќе се појавеше било каква неодлучност или нарушување на договорената тактика и ритмика, тој влегуваше на огнена линија и ми даваше благовремени и мошне корисни совети како да продолжам понатаму. Такви интервенции имаше четири-пет пати за време на квалификациите кои траеа 1 час и 15 минути. И сите беа благовремени, ми даваа поголема сила и одлучност да издржам до крај. Убаво е чувството зад себе да имате тренер кој е со докажана стручност и кој во секој момент има решение за вашата евентуална неодлучност, деконцентрација или неспроведување на договорената тактика. И не само за време на натпреварот. Неговите совети беа од голема корист и во деновите пред самиот настап, во деновите кога се јавуваше доза на несигурност, кога очекувајќи го самиот настап и дилемата ќе успеете да го постигнете својот резултат или не одеднаш губите апетит, добивате стомачни тегоби, чувство на вознемиреност и нелагодност, токму тогаш советите и искуството на тренерот е од пресуден карактер да се вртите во стварноста и да ја извадите од себе сета енергија да ја надминете состојбата и да бидете максимално подготвени за натпревар.

Какво беше чувството да се стои на највисокото место на пиедесталот под знамето и химната на Република Македонија?

Прекрасно чувство, силно задоволство, чувство на самоактуелизација и гордост што мојата држава ја искачив на највисоко место на пиедесталот и што ја впишав во листата на држави освојувачи на медали. Во тие мигови душата ви трепери, ви наидуваат солзи радосници, низ мислите ви поминуваат сите позитивни и негативни моменти кои на било каков начин придонеле и ви дале силина да истраете во тренажниот процес. Им посакувам на сите спортисти во Република Македонија да го доживеат тоа чувство бидејќи сите вредно тренираме, најчесто во тотална анонимност и во не така добри тренажни услови со години за да добиеме шанса да ги браниме боите на нашата држава.

Каков беше пречекот по вашето враќање во Државата?

Морам да истакнам дека нашата репрезентација во Македонија се врати порано од предвиденото заради учество на прославата на арената Филип II. Бев изненадена и почестена што на самот аеродром бев пречекана и срдечно поздравена од директорот на Агенцијата за млади и спорт, Лазе Поповски, министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, градоначалникот на Битола, Владимир Талески. Им благодарам за вниманието кое ми го дадоа. Кога излеговме од аеродромот не пречека група од стотина роднини, пријатели, навијачи со развеани знамиња и со навивачки песни. Мноштво на камери, фотоапарати, прегратки и честитки, прегратките од сопругот Златко и ќеркичката Викторија кои многу ми недостасуваа, појавувањето на арената Филип втори и тоновите од песната „Излези момче…“ од грлата на шеесетилјадната публика се импресии кои вечно ќе останат врежани во моето срце.