Македонската репрезентација во стрелаштво за инвалиди во состав: Оливера Наковска Бикова, Ванчо Каранфилов, Тони Митровски и Лидија Крстеска, предводени од тренерот и селектор Бранимир Јовановски, на 08-09.12.2007 година настапија на 32-то Интернационално првенство на Белград. Ова првенство има долга традиција, но оваа година за прв пат на првенството учествуваа и спортисти со инвалидност.
Натпреварот се одвиваше во два дена, првиот наречен “Трофеј на Белград” на кој настапија натпреварувачи во воздушна пушка и воздушен пиштол поделени во категории мажи и жени, јуниори-ки и сениори-ки, додека вториот натпреварувачки ден наречен “Гранд-при на Белград” се стрелаше микс категорија (мажи и жени заедно) поделени во две дисциплини: пушка и пиштол. За жал во делот на натпреварот што се организираше за лицата со инвалидност поред нашите натпреварувачи, настапија само по неколку спортисти од Србија и Грција. Без оглед на тоа конкуренцијата беше силна, а натпреварот од исклучителна важност да се согледа моменталната форма на нашите стрелци и да се планираат подготовки за следниот период.
Првиот натпреварувачки ден во категоријата воздушен пиштол жени, во конкуренција на 4 натпреварувачки, Оливера Наковска Бикова го освои првото место со резултат од 368 кругови, Лидија Крстеска беше втора со 332 кругови, додека третото и четвртото место и припаднаа на натпреварувачките од Грција. Во категоријата воздушен пиштол мажи, во конкуренција на седум натпреварувачи, првото место му припадна на Александар Јанда од Србија со 556 кругови, второто на Живко Папаз од Србија со 553 кругови, а третото на Ванчо Каранфилов од Македонија со 539 кругови, додека Тони Митровски со 524 кругови го освои шестото место.
Мораме да напоменеме дека нашата делегација имаше доста непријатни случки околу спорот со името по реакцијата на претставниците од Грција, бидејќи нашите спортисти на грбот го носеа називот на нашата држава “Македонија” без додавката FYR of. Грците, инсистираа да се користи кратенката MKD или кратенката FYROM на грбот на маиците и на тренерките на нашите натпреварувачи за настап, на што остро се спротивстави селекторот Бранимир Јовановски истакнувајќи дека ќе ги повлече своите спортисти од настап, на што доби контра одговор од Грците дека во обратен случај, доколку не се постапи по правилникот на ISSF, тие ќе ги повлечат своите спортисти. Со оглед на тоа дека натпреварот е влезен во календарот на светската стрелачка Федерација ISSF, делегатот од ISSF, но и директорот на натпреварот на кој настапија преку 300 стрелци од 15 држави, инсистираше да се користи кратенката FYROM, на што Бранимир истакна дека единствена отстапка може да биде на дресовите да стои името Македонија, а над името на мало парче хартија да се додаде FYR of. По инсистирање на делегатот на ISSF, а во интерес на спортот ова беше прифатено како солуција. Секако дека сето ова остави трага на концентрацијата на нашите спортисти, внесе немир на почетокот на натпреварот воздушен пиштол мажи, па затоа и постигнувањата првиот натпреварувачки ден беа пониски од очекуваното.
Следниот натпреварувачки ден се стрелаше единствена категорија од 60 истрели за мажи и жени, и во конкуренција на 11 натпреварувачи во дисциплината воздушен пиштол, нашата Оливера Наковска Бикова го освои првото место со резултат од 568 кругови (378 во женскиот дел што претставува изедначен светски рекорд), второто место го освои Живко Папаз од Србија со 558 кругови, третото место Александар Јанда од Србија со 553 кругови, четвртото Ванчо Каранфилов со 548 кругови, седмото Тони Митровски со 531 круг и осмото место Лидија Крстеска со 521 круг (343 кругови во женскиот дел). Организаторот најави дека е во план овој натпревар да го организира традиционално и дека се надева од идната година на истиот да настапат поголем број на стрелци од повеќе држави. Вечерта на 08.12.2007 година беше организирана свечена заедничка вечера во ресторанот “Језеро” на Ада Циганлија, и беа доделени медали и благодарници. Оливера Наковска Бикова со освоени 2 златни медали беше прогласена за најуспешен стрелец на првенството.
Поврзани објави
ОДРЖАНО ДРЖАВНО ПРВЕНСТВО ВО СТРЕЛАШТВО СО ВОЗДУШНО ОРУЖЈЕ 2024
РЕЗИМЕ ПОИ ПАРИЗ 2024
УШТЕ ЕДНО ФИНАЛЕ И УШТЕ ЕДНО ОСМО МЕСТО