Параолимписките игри во Пекинг уште на старт срушија повеќе рекорди. Преку 4.000 спортисти од до сега рекордни 147 држави учествуваа на игрите, од кои пак пет за прв пат и тоа: Црна Гора, Бурунди, Грузија, Габон и Хаити. Исто така околу 2.500 тренери, придружници и други технички лица од националните параолимписки комитети беа сместени во олимпиското село, околу 5.600 претставници на медиумите ги следеа игрите кои директно ги опслужуваа повеќе од 30.000 волонтери.
Рушењето на рекордите продолжи и низ текот на деновите на одржувањето на Параолимписките игри. Од страна на WADA, светската анти-допинг асоцијација беа направени рекордни 1.000 допинг тестови од кои само три беа позитивни и тоа сите три кај кревачите на товар.
Беа срушени 279 светски и 339 параолимписки рекорди. Беа продадени преку 1.900.000 влезници, како и поделени дополнителни 600.000 влезници на децата и младите. Влезниците за церемониите на свеченото отварање и затворање на игрите беа веднаш распродадени, како и влезниците за натпреварите во атлетика и пливање.
Факелот со параолимпискиот пламен го носеа 850 спортисти низ градовите на “стара” и “модерна” Кина. Пред да влезе на олимпискиот стадион, олимпискиот пламен преноќи во “Храмот на Небото” кој се наоѓа во Пекинг.
На програмата на игрите беа 20 спортови кои се одржаа на борилиштата во Пекин освен едрењето кое се одржа во Чинтао и коњичките спортови кои се одржаа во Хонг Конг. За време на Параолимписките игри беа поделени 472 комплети на медали од кои 262 комплети во машки дисциплини (од кои пак 59 комплети во дисциплини за спортисти со потешка инвалидност), 176 комплети на медали во женски дисциплини (од кои 34 комплети во дисциплини за потешка инвалидност), како и 34 комплети на медали во мешани дисциплини (од кои 22 комплети во дисциплини за потешка инвалидност).
Интересно е што дури 3539 спортисти или околу 88,72% од вкупно акредитираните спортисти во трите олимписки села (Пекинг, Хонг Конг и Чинтао) зедоа учество во гласањето за избор 6 од предложените 14 кандидати за избор на членови на Бордот на спортисти при Меѓународниот параолимписки комитет. Во Атина 2004 година тој процент беше 47,67% од бројот на пријавените спортисти.
Поврзани објави
НА ПРИЕМ ВО МАКЕДОНСКАТА АМБАСАДА ВО ПАРИЗ
РЕЗИМЕ ПОИ ПАРИЗ 2024
УШТЕ ЕДНО ФИНАЛЕ И УШТЕ ЕДНО ОСМО МЕСТО