НФСРИСМ – ПКСМ

Национална федерација за спорт и рекреација на инвалиди на Северна Македонија – Параолимписко комитет на Северна Македонија

ТОКИО 2020: ОНЛАЈН СОСТАНОК ВО ВРСКА СО ВЕРЗИЈА 2 ОД ПЛЕЈБУКОТ ЗА СПОРТИСТИ И ОФИЦИЈАЛНИ ЛИЦА

Денес, 06.05.2021 година, во организација на Меѓународниот параолимписки комитет и Организацискиот комитет на Олимписките и Параолимписките игри на Токио 2020, се одржа онлајн состанок на кој беа презентирани измените и дополненијата во верзија 2 од Плејбукот за спортистите и официјалните лица, а со цел дефинирање на мерки и стандардите за заштита на спортистите, официјалните лица и жителите на Јапан од Ковид-19.
На состанокот присуствуваа преку 160 назначени лица од Националните параолимписки комитети, а меѓу најважните измени и дополненија беа:
-Спортистите пред заминување за Јапан ќе мора да поседуваат 2 негативни ПЦР тестови, направени во период од најмногу 96 часа пред заминување.
-По пристигнување на аеродромот во Токио најнапред им се прави нов, брз тест на плунка, и доколку истиот е негативен, го подигаат багажот и со специјално возило заминуваат за олимписко село, каде повторно им се зема тест. Доколку тестот е позитивен, им се прави втор брз тест, а доколку и тој е позитивен, им се зема класичен ПЦР тест и во зависност од тоа дали ќе биде негативен или позитивен, лицето или оди во олимписко село, или во изолација.
-Понатаму спортистите и тренерите ќе имаат обврска за секојдневно тестирање со брзи тестови, а официјалните лица во зависност од контактите кои ги имаат со своите спортисти. Ако имаат секојдневни контакти и тие ќе се тестираат дневно, доколку не, на 3, односно на 7 дена.
-Инсталираните апликации на мобилните телефони ќе дефинираат можни блиски контакти, а за близок контакт се смета доколку лицето било на растојание од помалку од 1м без маска во траење од најмалку 15 минути, и тоа во период од два дена пред појавување на симптомите кај лицето кое е позитивно.
-За цело време ќе мора да се носат маски, освен при спиење, јадење и пиење, како и на тренинг и натпревар но само спортистите, останатите лица (тренерите, судиите, другите официјални лица) постојано мора да носат маска на борилиштата.
-Пред заминување за Јапан, официјалното назначено лице за спроведување на мерките од секој параолимписки комитет (во нашиот случај Бранимир Јовановски) мора да направи и испрати листа на дневни активности на која ќе бидат назначени местата и сатниците на дневните движења на сите членови на тимот. Доколку нешто се пропушти, нема да биде можно да се исправи, затоа многу е важно да се направи добра координација со членовите на тимот, но и со термините за тренинг и натпревари на спортистите.
-Нема да има можност за посета на места вон олимпиското село (излетнички места, туристички места, ресторани и сл.), нема да може да се користи јавен превоз, туку само доделеното возило од организаторот, а се апелира на вакцинирање пред одење на игрите за што ќе бидат понудени екстра количини на вакцини на Националните параолимписки комитети.
-Со оглед дека нашата делегација ќе брои помеѓу 4 и 8 члена, апсурдно е да се бара донација на вакцини, убеден сум дека институциите на нашата држава ќе најдат можност за ставање на приоритетна листа на учесниците кои ќе ги бранат боите на нашата држава на игрите во Токио 2020, за што впрочем пред извесно време поднесовме и писмен допис (барање) до Министерството за здравство.
-Covid-19 Liaison Officer (CLO), службеникот за врски за Ковид-19, доби многу нови задолженија, од првичната обврска да им ги презентира мерките и да им го објасни Плејбукот на сите учесници на игрите, преку следење на нивната здравствена состојба и контактите 14 дена пред заминување за Јапан, и за цело време на престојот и заминувањето од Јапан, закажување на дневни тестирања на сите учесниците, пријавување на сомнителни симптоми, соработка со здравствените власти на Јапан во случај на позитивни тестови и уште еден куп задолженија, се со цел да се постигне целосна контрола над ситуацијата и ништо да не се препушти на случајност.
-Важно е да се каже дека непочитувањето на мерките пропишани во Плајбукот води кон автоматска дисквалификација и поништување на акредитацијата на учесникот или на целиот тим, така да сето ова мора да се свати максимално сериозно и целосно да се почитуваат мерките од страна на секој учесник на игрите, без оглед на неговата функција во тимот.
Целосната содржина на Плејбукот за спортисти и официјални лица (верзија 2) веќе ја објавивна на нашата веб и фејсбук страница. Можете лесно да ја најдете и препорачувам внимателно да ја прочитате, а јас секако им стојам на располагање на сите членови од нашиот тим за детални појаснувања, доколку е потребно.
« на 2 »