НФСРИСМ – ПКСМ

Национална федерација за спорт и рекреација на инвалиди на Северна Македонија – Параолимписко комитет на Северна Македонија

11-то Меѓународно првенство на Хановер во стрелаштво 2017

11-то Меѓународно првенство на Хановер во стрелаштво 2017

Македонската репрезентација во стрелаштво во состав: Бранимир Јовановски – стрелец и тренер, Ванчо Каранфилов, Лидија Крстеска и Александар Јовановски – стрелци, и Драган Дојчиноски – шеф на делегација, од 05-12.05.2017 година учествуваа на меѓународното првенство во стрелаштво на Хановер, благодарејќи на средствата добиени од Агенција за млади и спорт и Министерството за труд и социјална политика.

Прв настап на нашите спортисти имаше во дисциплината P3-Sport пиштол кој се стрела на 25 метри. Прв меѓународен настап за нашите спортисти после една година, додека АСлександар во оваа дисциплина имаше само 5 тренинга во кариерата и покрај неискуството, му се случија и 2 застои на пиштолот (само еден е дозволен па му впишаа многу нули), така да со 460 кругови го зазеде 28-то место. Оваа дисциплина бара многу тренинг, многу муниција, Александар е млад и нов стрелец и сигурно веќе за следната година ќе биде поконкурентен.

Во оваа дисциплина норма за следното Светско првенство во Кореја изнесува 537 кругови. Пласман за идното Светско првенство во оваа дисциплина обезбедија 15 стрелци меѓу кои и нашите стрелци Бранимир Јовановски и Ванчо Каранфилов (ја потврди уште еднаш нормата). Всушност Ванчо и Оливера нормите за Светското првенство веќе ги обезбедија во Рио 2016 година.

Вториот ден се стрелаше во дисциплината Малокалобарски пиштол – слободен избор на 50 метри. Од нашите натпреварувачи настапија Бранимир Јовановски и Ванчо Каранфилов.

Во конкуренција на 30 натпреварувачи, по квалификациите, Бранимир Јовановски со 520 круга беше на делба на 8-10 место, но заради помалку внатрешни центри 3 (додена конкурентите имаа 5 и 8), не влезе во финалето и зазеде конечното 10-место. Штета, вистинска спортска несреќа, но таков е спортот, затоа е и интересен.

Ванчо Каранфилов со 518 кругови го освои 12-тото место од 30 натпреварувачи.

Она што е важно е дека двајцата стрелаа над минимум норма за Светско првенство во Гванзу – Кореја идната година (нормата беше поставена на 504 кругови).

По распукување дополнителни 24 куршуми во финалето, првото место го освои Растко Јокиќ од Србија со 222,0 кругови, второто Сервер Ибрагимов од Узбекистан со само половина круг помалку или 221,5 кругови, а третото Олексеј Денисјук од Украина со 199,0 кругови.

Третиот и последн ден, се стрелаше дисциплината воздушен пиштол, мажи и жени. Во оваа дисциплина настапија сите наши натпреварувачи. Најнапред настапи Лидија Крстеска во 11 ч. во конкуренција на 12 жени и со резултат од 361 кругм се пласира како 6-та во финалните борби.

Во финалето кое започна во 15 ч. го освои конечното 5-то место.

Мажите настапија во 17 часот и во конкуренција беа 35 стрелци.

Ванчо Каранфилов со резултат од 555 кругови се пласира на 10-тото место, Бранимир Јовановски со 546 кругови го зазеде 20-тото место, додека Александар Јовановски со 541 круг беше 23-ти.

Норма во оваа дисциплина за идното Светско првенство во Кореа 2018 година, беше 340 кругови за жените, односно 541 круг за мажите и сите наши стрелци ја исполнија.

Екипно, машката репрезентација го зазеде 3-тото место со 1642 кругови, за 8 помалку од второпласираната Турција, односно за 14 помалку од првопласираната Полска.