На 11.03.2024 година, претседателот на Меѓународниот параолимписки комитет (ИПЦ), Ендрју Парсонс, извршниот директор на ИПЦ, Мајк Питерс, и други членови на тимот на ИПЦ, одржаа онлајн конференциски повик со сите заинтересирани Национални Параолимписки комитети, членки на ИПЦ.
НПЦ Северна Македонија, на конференцијата ја застапуваше претседателот, Бранимир Јовановски.
На конференцискиот повик беа презентирани повеќе теми опфатени за време на неодамна завршениот 97. состанок на Управниот одбор на ИПЦ, како и други ажурирања на комитетот во однос на претстојните Параолимписки игри во Париз 2024. Присутните членови на конференцијата имаа можност да дискутираат и да поставуваат прашања за време на конференцијата.
По воведниот збор на претседателот на ИПЦ, Andrew Parsons, во кој во кратки црти ги образложи заклучоците од последниот состанок на Управниот одбор, меѓу кои и за Временска рамка за преглед на кодот за класификација, активност која започна во јануари 2021 година и по многу одржани сесии драфт верзијата на материјалот се очекува да биде завршена деновиве, за да биде конечно одобрена на Генералното собрание во мај месец, со примена во пракса од јануари 2025 година.
Исто така, претседателот Парсонс детално ја образложи одлуката и начинот на учеството на спортистите од Русија и Белорусија на квалификациските натпревари за учество на Параолимписките игри во Париз 2024, како и на самите игри. Тој истакна дека спортистите од овие држави ќе се натпреваруваат само во поединечна конкуренција, ќе настапат во дресови кои нема да имаат никакво државно обележје или да бидат во боја на државата од каде потекнуваат спортистите, под бело знаме на кое со црни букви ќе биде испишано НПА (Neutral Paralympic Athlete), Неутрален параолимписки спортист, а евентуално освоените медали од нивна страна нема да бидат запишани во збирната табелите на освоени медали на игрите. Овие спортисти нема да учествуваат на дефилето на спортистите и спортските работници за време на отварањето и затварањето на игрите.
Исто така објави дека конечно канцеларијата на ИПЦ се преселува на друга локација во Бон, а адресата беше споделена со присутните земји учесници.
Во натамошниот тек на конференцијата, извршниот директор на ИПЦ, Мајк Питерс, зборуваше за финансиската поддршка која ИПЦ им ја дава на Националните параолимписки комитети преку соодветни мали грантови за директна поддршка на тренинг камповите, тренажниот процес на спортистите, учество на натпревари, како и за тренинг на лидери и вклучување во спорт на лицата со инвалидност. Истакна дека во 2023 година 310 спортисти директно биле финансирани за учество на квалификациски натпревари, дека од Грантот за развој биле поддржани 38 НПЦ со 94 спортисти (37 жени и 57 мажи). Очекува во 2024 година преку ова програма да бидат поддржани 54 НПЦ со 216 спортисти и тренери.
Исто така од страна на експертите на ИПЦ биле посетени и била извршена инспекција на 75 НПЦ (меѓу кои и на нашиот) на која биле разгледани Статутот, неговата комплементарност со Статутот на ИПЦ, други развојни документи, начин на избор на органите и телата, мандатот на избраните претставници, застапеност на жените и друго.
Во натамошниот тек на конференцијата беше претставена програмата за поддршка на НПЦ за добивање на опрема од спонзорите на игрите во Париз 2024, новините за транспорт во олимпиското село од целосно компјутеризирани електрични пристапни возила на Тојота, како и електрични додатоци за инвалидски колички и електрични трицикли, како и други детали во однос на игрите во Париз 2024 кои можеме и мораме да ги пронајдеме и проучиме во дополнетите изданија на прирачниците, прикачени на официјалната страница на игрите.
Поврзани објави
СПОРТСКИ НАТПРЕВАР ВО ЧЕСТ НА 11 НОЕМВРИ – ДЕН НА ОСЛОБОДУВАЊЕ НА КУМАНОВО
СПРОВЕДЕНА ОБУКА ЗА ПАРА СПОРТ ЛИДЕРСТВО ЗА ЖЕНИ
ОДРЖАНО ДРЖАВНО ПРВЕНСТВО ВО СТРЕЛАШТВО СО ВОЗДУШНО ОРУЖЈЕ 2024