НФСРИСМ – ПКСМ

Национална федерација за спорт и рекреација на инвалиди на Северна Македонија – Параолимписко комитет на Северна Македонија

Бронзен медал за Оливера Наковска – Бикова

Бронзен медал за Оливера Наковска-Бикова на Светското првенство во стрелаштво за инвалиди 15-25.07.2010 г. Загреб

На 22.07.2010 година на Светското првенство во стрелаштво за спортисти со инвалидност, на стрелиштето “Врапчански поток” во Загреб, во дисциплината воздушен пиштол – жени, македонската репрезентативка Оливера Наковска Бикова во конкуренција на 26 натпреварувачки го освои 3-то место и бронзениот медал со резултат од 462,4 (366 во основен дел) кругови. Првото место го освои Марина Клименченко од Русија со 477,9 (379) кругови, а второто Мјунгсун Парк од Јужна Кореја со резултат од 466,4 (369) кругови.

“Тоа беше многу тежок меч за Оливера. После долга и исцрпна борба, пред се со самата себе си, влезе во финалето како трета и по истреланите десет истрели го задржа третото место. Оливера стрелаше во втората партија и ги знаеше резултатите на девојките од првата група како и податокот дека русинката Марина Клименченко стрелаше во основен дел 379 кругови што претставува нов светски рекорд. Тоа беше дополнително оптоварување кое во првата половина од натпреварот ја спречуваше нашата репрезентативка да го постигне својот максимум, оптоварување кое едвај успеавме да го анулираме и дури во втората половината од натпреварот, во последните 20 истрели, Оливера профункционира како само таа што знае и докажа дека е мајстор на овој спорт искачувајќи се на третото место по основниот дел и умешно одржувајќи ја разликата и бранејќи го медалот се до крајот на натпреварот, иако едно време, некаде по шестиот истрел во финалето и се доближи на второпласираната кореанка Мјунгсун Парк на само 0,4 поени. Како и да е, голем меч и тешко освоен медал во исклучително силна конкуренција во која беше поставен нов европски и светски рекорд и во основниот дел и во финалниот дел” – изјави тренерот на Оливера, Бранимир Јовановски.

“Многу сум среќна за освоениот медал. Ова беше многу тежок натпревар за мене. Исклучителен терет ми претставуваше податокот дека токму од мене на овој натпревар се очекуваше да се пласирам најмалку на второто место и да освојам квота за следните Параолимписки игри. Без оглед на сите совети кои ги добивав од мојот тренер, и со целото искуство кое го имам од големи светски натпреварувања, денес на почетокот на натпреварот многу тешко успевав да ги реализирам моите перформански, но се борев до крај за секој круг, што се покажа како исправно. Влегов во финале во кое разликата меѓу мене како третопласирана и осмото место беше само 3 круга. Тоа во пиштолски дисциплини е лесно дофатливо. Меѓутоа во финалето стрелав со голема доза на концентрација и успеав да се закитам со медал. Штета што за малку ми побегна второто место кое носи и директна квалификација за Параолимписките игри во Лондон 2012 година, но што е тука е, ќе има уште два натпревари на кои ќе ја “ловам” квотата. Сега сакам само малку да се одморам од долгиот тренажен процес и од стресниот настап, а потоа, се разбора започнува новата тренажна година. Сакам да и се заблагодарам на Агенцијата за млади и спорт и на Федерацијата за спорт и рекреација на инвалидите на Македонија – Македонски параолимписки комитет за обезбедените средства за учество на овој исклучително силен светски настан на кој учествуваат 247 спортисти од 43 држави, како и на спонзорот Макпрогрес од Виница за донираната спортска опрема” – истакна бронзената Оливера Наковска-Бикова.

Нашата втора натпреварувачка Лидија Крстеска со резултат од 350 кругови се пласира на 20-то место.