НФСРИСМ – ПКСМ

Национална федерација за спорт и рекреација на инвалиди на Северна Македонија – Параолимписко комитет на Северна Македонија

ПРЕС КОНФЕРЕНЦИЈА, СКОПЈЕ

Националната федерација за спорт и рекреација на инвалидите на Македонија – Македонски параолимписки комитет денес во Скопје одржа прес конференција на која ги промовираше заклучоците од проектот „Променете го начинот на размислување-Спорт за сите“, во рамките на Ерасмус + спортската програма на Европската Унија, чија цел е да се промовира потребата од спорт и телесна активност за лицата со ивалидност како здрав начин на живот и можност за социјална инклузија во општеството преку спортот.

Детектирани недостатоци за помасовно и непречено вклучување на младите лица со инвалидност во спортско-рекреативни активности:
– непристапност на спортските објекти заради архитектонските бариери;
– недостаток на опрема и специфични спортски реквизити;
– недостаток на прилагоден јавен превоз, градски и меѓуградски;
-недостаток на посебни образовни програми за работа на часови по физичко образование со деца и младинци со инвалидност;
-недоволно едуцирани тренери за работа со спортисти со инвалидност;
– недоволно финансиски средства.

Адекватни мерки за надминување на овие состојби предлжени од страна на претставниците на институциите на РМ на 27.03.2018 година на тркалезна маса на која учествуваа: министерот за труд и социјална политика, Мила Царовска, директорот на Агенција за млади и спорт Дарко Каевски, повеќе раководители на сектори, пратеници во Собранието на РМ, советници и други компетентни лица, за подобра инклузија на младите лица со инвалидност во телесни активности се:
-Да се воспостави база на податоци за лицата со инвалидност;
-Министерството за труд и социјална политика да ја зајакне поддршката за социјална инклузија на младите лица со инвалидност преку физичка вежба и спорт, со поддршка на соодветни програми;
-Агенцијата за млади и спорт да продолжи со финансиската поддршка за врвните спортисти со инвалидност;
-ЗЕЛС да упати апел до единиците на Локалната самоуправа, по примерот на градот Скопје, да определат пристапни училишни спортски сали, опремени со потребни реквизити и специфични справи за непречено вежбање и тренирање на младите лица со инвалидност;
-Факултетот за физичко образование, спорт и здравје да воведе дополнителна едукација за своите студенти за пристапот и методите во работа со различни видови и степени на инвалидност во одделни спортови;
-Институциите да поддржат и иницираат кампањи, јавни настапи и трибини за подигање на свеста за потребите на лицата со инвалидност од телесна активност и нивна социјална инклузија во општеството преку физичката вежба и спортот;
-Доследно почитување на законските одредби во сите области, а особено нормативите за непречена пристапност и градење на опкружување еднакво за сите;
-Вклучување на разни профили на стручни лица (тренери, психолози, педагози, специјални едукатори, лекари, физиотерапевти, нутриционисти) во тимови кои ќе работат на вклучување на младите лица со инвалидност во физичка вежба и спорт;

Македонскиот параолимписки комитет е убеден дека преку спроведените активности успеа да допре до граѓаните на РМ, до претставниците на институциите кои носат одлуки, да го променат начинот на размислување дека младите лица со инвалидност заслужуваат еднаков третман и можност да ги искажат своите афинитети и таленти, да ги надоградат и преку спортот достојно да ја презентираат Република Македонија во светот. Благодарност до претставниците на електронските и пишани медиуми кои континуирано го следеа спроведувањето на проектот и одвојуваа простор за афирмација на активностите врзани со истиот. Преку вашите објави, голем број на лица во Република Македонија се запознаа со пречките и тешкотиите со кои се соочуваат лицата со инвалидност при практикување на телесната вежба и спортот, и што се е потребно да се подобри состојбата.