НФСРИСМ – ПКСМ

Национална федерација за спорт и рекреација на инвалиди на Северна Македонија – Параолимписко комитет на Северна Македонија

МАКЕДОНСКИОТ ПАРАОЛИМПИСКИ ТИМ НА ПРИЕМ КАЈ МИНИСТЕРОТ ЗА СПОРТ, БОРКО РИСТОВСКИ

Денес, македонскиот параолимписки тим кој за неколку дена заминува на учество на Параолимписките игри во Париз, беше примен од министерот за спорт, Борко Ристовски.
Во разговорот со министерот ја афирмиравме работата на Параолимпискиот комитет, спортовите кои се активни при истиот, напорите на македонските спортисти во повеќе спортови да се изборат за квота во олимпискиот циклус за Париз 2024, како и очекувањата од нашата единствена спортистка квалификувана за игрите, Оливера Наковска Бикова, достоинствено и гордо да ги брани боите на нашата држава во дисциплините во кои ќе настапи.
Од министерот добивме уверување дека во иднина ќе ја следи и подржува нашата работа на полето на развојот на спортот на лицата со инвалидност, и дека ќе ни помага во рамките и надлежностите на министерството околу обезбедување на стрелиште, опрема и финансиски средства за непречен тренажен процес и настап на натпревари кои придонесуваат за афирмација на нашата прекрасна Македонија во светот.
Се разделивме со надеж дека наскоро повторно ќе се сретнеме, искрено се надеваме со убави спортски вести, да го прославиме успехот и да направиме стратегија за новиот параолимписки циклус и предизвиците кои стојат пред нашите спортисти во истиот.