НФСРИСМ – ПКСМ

Национална федерација за спорт и рекреација на инвалиди на Северна Македонија – Параолимписко комитет на Северна Македонија

Од Активностите на ФСРИМ – МПК

Дел од активностите на ФСРИМ – МПК.

– Потпишан договор за спонзорство

– Светско првенство во стрелаштво

– Одржани завршни подготовки во Охрид

– Поединечно светско првенство во шах за слепи

– Намалени средства од Агенцијата за млади и спорт

– Потпишан договор за спонзорство на спортска опрема со Макпрогрес Виница

Националната федерацијата за спорт и рекреација на инвалидите на Македонија – Македонски параолимписки комитет на 01.07.2010 година потпиеша договор со Макпрогрес Доо Виница, со кој македонската стрелачка репрезентација за инвалиди ќе се опреми со комплети на спортска опрема (тренерки, дресови, патики и маици) во износ од 70.000,00 денари. На опремата поред симболите на НФСРИМ-МПК ќе се отпечати и логото на спонзорот. Опремата е веќе набавена и во фаза на печатење, а нашите спортисти ќе ја афирмираат оваа активност на прес конференцијата планирана за 11.07.2010 година.

– Светско првенство во стрелаштво

Стрелачката репрезентација на Националната федерацијата за спорт и рекреација на инвалидите на Македонија – Македонски параолимписки комитет во состав: Бранимир Јовановски селектор, тренер и стрелец, Оливера Наковска-Бикова, Ванчо Каранфилов, и Лидија Крстеска – стрелци, Далибор Јовановски – асистент и Драган Дојчиноски – генерален секретар на НФСРИМ-МПК од 15-25.07.2010 година ќе учествува на Светското првенство во стрелаштво што ќе се одржи во Загреб, Хрватска.

Селекторот Јовановски планира репрезентацијата на пат за Загреб да замине три дена порано како би можеле да се адаптираат и да тренираат на стрелиштето во Врапчански поток, на кое пред една година се одржа и Светското првенство во стрелаштво за “здрави”. Инаку нашите најдобри стрелци имаат настапувано на ова стрелиште за време на одржување на Светскиот куп во 2007 година на кој постигнаа исклучително високи резултати, особено Јовановски кој победи во дисциплината воздушен пиштол мажи.

Со оглед на високите спортски постигнувања од Светските купови кои се одржаа во месец мај, спроведените подготовки и искуството на нашите спортисти, без оглед на сите проблеми во однос на немање на доволно средства за затворање на финансиска конструкција, недостаток на опрема и муниција, се очекуваат високи резултати и освојување на медали во поединечна и екипна конкуренција, но и квоти за учество на Параолимписките игри во Лондон 2012 година. Мирна рака и бистро око.

– Одржани завршни подготовки во Охрид

Од 21-30.06.2010 година во Охрид беа одржани завршните подготовки на стрелачката репрезентација на Македонија во состав: Бранимир Јовановски селектор, тренер и стрелец, Оливера Наковска-Бикова, Ванчо Каранфилов – стрелци и Драган Дојчиноски – асистент.

На подготовките присуствуваше и Дијана Петрова, младинска репрезентативка на Македонија во стрелаштво и учесничка на Првите младински олимписки игри кои ќе се одржат во Сингапур од 14-26.08.2010 година, која под стручно раководство на тренерот Јовановски се подготвува за настап.

Тренинзите се одржуваа на стрелиштето Бејбунар во Охрид, а спортистите беа сместени во гарсоњерата на НСТИЛМ. Првите пет дена се одржуваа тренинзи во полн состав, додека останатите пет дена Ванчо Караснфилов и Оливера Наковска Бикова тренираа во Охрид, додека Бранимир Јовановски и Дијана Петрова заминаа на Светски куп во Белград, на кој Дијана постигна резултат од 361 круг и ја потврди минимум олимписката норма.

До заминувањето за Загреб, стрелците ќе продолжат со тренинзи на стрелиштата во Битола и в о Скопје.

– Поединечно светско првенство во шах за слепи

Учеството на слепите и слабовидни шахисти на Светскиот тимски куп во шах за слепи и слабовидни во Романија беше откажано, и се донесе одлука екипата да се пријави за учество на Светското поединечно првенство во шах за слепи и слабовидни лица кое од 26.08-04.09.2010 година ќе се одржи во Белград, Србија. За настап се пријавени 8 шахисти и 1 придружник – водич.

– Намалени средства од Агенцијата за млади и спорт

Од Агенцијата за млади и спорт на РМ и поред ветувањето дека ќе се заложат да не се намалуваат средствата за меѓународен спорт, на НФСРИМ-МПК за 2010 година за меѓународен спорт и се намалени средствата за 30% и изнесуваат 750.000,00 денари, сума со која не може да се покрие ниту учеството на Светските купови, а камо ли на останатите значајни натпревари во тековната година. Од друга страна, за среќа, средствата се префрлени во целост на наша жиро сметка така да усе деблокира учеството на нашите спортисти на меѓународните натпревари.