НФСРИСМ – ПКСМ

Национална федерација за спорт и рекреација на инвалиди на Северна Македонија – Параолимписко комитет на Северна Македонија

????????????????????????????????????

Во посета на Амбасадата на НР Кина во Скопје

На 23.09.2008 година, македонската параолимписка делегација, заедно со олимпискиот тим на Република Македонија, на покана на амбасадорот на Народна Република Кина во Македонија, неговата екселенција, беше во посета на амбасадата. Од страна на амбасадорот беше организиран коктел на кој поред другото беше сервирана и храна од традиционалната кинеска кујна. Цел на поканата беше да се евоцираат спомени на штотуку завршените олимписки и параолимписки игри кои со огромен успех се одржаа во Пекинг и ќе останат силно врежани во сеќавањето на сите учесници. Македонскиот параолимписки тим беше во комплетен состав: Драган Дојчиноски – Шеф на мисија, Бранимир Јовановски – селектор и тренер, Далибор Јовановски – асистент и Ванчо Каранфилов – спортист.

За жал Оливера Наковска-Бикова заради семејни обврски со малата Викторија, на која и недостасуваше подолго време не можеше да ни се приклучи и да биде дел од оваа средба која помина во мошне пријатна атмосвера.
Во своето обраќање амбасадорот на НР Кина истакна дека искрено му е жал и дека по малку ни завидува што за разлика од нас не бил во можност директно да ги следи настаните на олимписките и параолимписките игри и што најголемата спортска манифестација што ја организирала неговата земја заради работни обврски можел да ја прати само на телевизија и по пат на дипломатска пошта добиените снимки и пишани материјали. Заради тоа искрено се интересираше за нашите впечатоци од олимпиското село, спортските објекти, транспортот, безбедноста и секако гостопримливоста на кинеските волонтери ангажирани за потребите на олимписките и параолимписките игри. Тој истакна дека околу 1,5 милиони волонтери на некој начин помалку или повеќе дале свој придонес и помогнале игрите да поминат во совршен ред.
Претседателот на Македонскиот олимписки комитет, г-дин Васил Тупурковски, истакна дека олимписките игри беа совршено организирани, без можност да се даде било каква забелешка во било кој сегмент. Организациониот комитет на олимписките и параолимписките игри совршено ја одработи својата работа и тој смета дека во иднина олимписките игри ќе се бројат до оние во Пекинг и после оние во Пекинг.
Претседателот на Македонскиот параолимписки комитет, Бранимир Јовановски, истакна дека е импресивно што се членовите на организациониот комитет имаа направено Пекинг да го направат пристапен за лицата со инвалидност без оглед на тоа дали се со телесни оштетувања или пак со оштетување на видот. Значи не само олимпиското село, приодите до него и спортските борилишта, туку и културно историските споменици, трговските центри, и мноштво на други позначајни објекти беа потполно пристапни за самостојно движење на лицата со инвалидност. За лицата со оштетување на видот по средината на тротоарите беа поставени посебни рапави плочки кои им сигнализираа правец на движење, премини преку улици, влез во простории, потоа мноштво на звучни семафори, лифтови со браеви ознаки и звучни информации на кој кат се наоѓаат и сл, додека за лицата со телесни оштетувања рампи за непречено премостување на висински бариери со инвалидска количка. Сето ова и не е чудно кај новоизградените објекти, но на “Кинескиот Ѕид”, “Забранетиот Град”, “Гробницата на 13 императори од династијата Минг”, “Летната Палата” итн. кои се милениумски стари е навистина потег за пофалба. Затоа во името на комплетниот параолимписки тим несебично му се заблагодари на кинескиот народ за вложениот труд Параолимписките игри да останат во трајно сеќавање кај сите учесници како досега најуспешни игри во историјата на параолимпиското движење.