fsrim.org.mk

Национална федерација за спорт и рекреација на инвалиди на Северна Македонија – Параолимписко комитет на Северна Македонија

ПРВ ТРЕНИНГ НА ЗОРАН ЈОВАНОВСКИ НА ПАРАОЛИМПИСКИТЕ ТЕРЕНИ ВО КОРТИНА

Денес, 04.03.2026 година, нашиот натпреварувач Зоран Јовановски, со своите тренери, за прв пат го почувствува снегот на велеслаломската патеката на Tofane Alpine Skiing Centre во Cortina d’Ampezzo, обавувајќи го првиот тренинг на параолимписката патека. Сите тренинзи досега беа откажани од страна на организаторите заради мек снег и неподготвени патеки. Тренерите и спортистите, учесници на игрите, малку се загрижени заради топлото време и недостаток на нови снежни падавини, меѓутоа очекуваат организаторите добро да ја подготват патеката, особено кога ќе започнат натпреварите од седми март па натаму.
Инаку расположението во нашиот тиме е добро, здравствената состојба на нашите учесници исто така добра, тековно ги вршиме сите потребни работи на дневна основа и полека се подготвуваме за отворањето на игрите кое ќе се случи на 06.03.2026 година во Верона.
Зоран Јовановски ќе настапи во дисциплината СЛАЛОМ која е на програмата на последниот ден на игрите на 15.03.2026 година. Утре, 05.03.2026 година, според параолимписката програма, Зоран ќе го направи првиот тренинг на слаломската патека.
Согласно пропозициите,секоја држава учесничка може да учествува во дефилето само со по еден спортист (машко и женско) и двајца официјални лица, без оглед на тоа колкав број на учесници имаат.
Бидејќи ние имаме само еден натпреварувач, на церемонијата на отварање, согласно одлуката на стручниот тим, ќе учествуваат Зоран Јовановаки и Вангел Тркаљанов.
Согласно одлуката на Организацискиот комитет на игрите, знамиња на државите учеснички на игрите ќе бидат носени исклучиво од волонтерите. Учесниците на церемонијата на отварање на игрите ќе заминат од Параолимпиското село во Кортина со организиран превоз до Верона во 14:30, и се очекува да пристигнат во Верона помеѓу 18:15-18:30. Таму ќе бидат сместени под тенда каде ќе им биде обезбедено јадење и освежителни пијалоци, во 19:15 ќе започне поредувањето на тимовите за излегување на арената, а во 20:00 ќе започне програмата на свеченото отварање која се очекува да трае приближно 2 часа. Враќањето на учесниците во параолимпиското село во Кортина се очекува во 02:30 наутро.
Утре наутро, за време на состанокот на шефовите на мисиите ќе бидат соопштени сите детали во врска со церемонијата на отварање.