Во организација на Балканската пингпонгарска федерација, од 22-26.04.2025 година во Врњачка Бања, Србија, се одржува првото Балканско првенство во пара пинг понг на кое учествуваат 47 натпреварувачи од 5 држави: Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Бугарија.
Во составот на македонската репрезентација, според одлуката на селекторот Страшко Коцевски се натпреваруваат Игорчо Постолов во класа 6, Марјан Зафировски во класа 7, Рубинчо Ристески во класа 8 и Тони Митровски во класа 8.
Натпреварите, заради мал број на пријавени натпреварувачи, се одржуваат во споени класи 6-7 и 8-10.
На 23.04.2025 година се одржаа натпреварите по групи во поединечна конкуренција. Во класите 6-7 имаше пријавено 10 натпреварувачи кои разигруваа во три групи. Првопласираните двајца натпреварувачи од секоја група ги продолжуваат борбите во четвртфинале.
Во споената класа 6-7, Марјан Зафировски настапи во група од 3 натпреварувачи, ги загуби и двата натпревари и не ја помина групата завршувајќи на третото место во групата.
Игорчо Постолов настапи во група со 4 натпреварувачи, извојува една победа која за жал не беше доволна да ги продолжи борбите во четвртфиналето и заврши како третопласиран во својата група.
Во класата 8-10, настапија 14 натпреварувачи. Рубинчо Ристески настапи во група од 3 натпреварувачи, ги изгуби и двете борби и не ја помина групата, а Тони Митровски настапи во група со 4 натпреварувачи, ги загуби сите три дуели и исто така не ја помина групата.
За жал четвртфиналните борби ќе поминат без учество на наши натпреварувачи.
Денес претпладне нашите натпреварувачи се слободни, а на турнирот се игра четвртфинале, полуфинале и финале во поединечна конкуренција.
На 24.04.2025 година во 16:00 започнаа борбите во двојки. Беа пријавени 11 парови, од кои 1 од Бугарија, 2 од Македонија, 2 од Црна Гора и 6 од Србија.
Македонија настапи со две екипи.
Во едната настапија Рубинчо Ристески и Марјан Зафировски во група со два дубла од Србија и еден дубл од Црна Гора. Тие ги загубија сите три натпревари и ја завршија борбата на четврто место без да ја поминат групата.
Втората двојка (дубл) ја сочинуваа Игорчо Постолов и Тони Митровски кои исто така разигруваа со два дубла од Србија и еден од Црна Гора. И тие ги загубија сите натпревари во групата и со тоа заврши настапот на нашите спортисти на шампионатот.
Поврзани објави
УСПЕШЕН НАСТАП НА МАКЕДОНСКИТЕ ПАРА АТЛЕТИЧАРИ НА МИТИНГОТ ВО КРУШЕВАЦ
ОДРЖАНО ДРЖАВНО ПРВЕНСТВО ВО ПИНГ ПОНГ 2025
ДРЖАВНО ПРВЕНСТВО ВО СТРЕЛАШТВО 2025