Се „истопи“ медалот во брза стрелба

  • PDF
Се „истопи“ медалот во брза стрелба

branimir jovanovski 1 120Македонската репрезентација во стрелаштво за инвалиди во состав Бранимир Јовановски, Оливера Наковска-Бикова и Ванчо Каранфилов денес го имаше првиот настап во дисциплината спорт пиштол. Во оваа дисциплина по првиот дел кога се стрела прецизно имавме резултат од 841 круг и бевме на првото место од шесте пријавени екипи. Меѓутоа во вториот дел од дисциплината, во брзата стрелба која е мошне специфична и бара многу автоматизам и концентрација, а пред се многу малокалибарски куршуми за тренинг, нашите спортисти потфрлија. За да се стекне автоматизам во брза стрелба потребен е “тон” муниција, а ние за жал имавме на располагање само “грамови”.

Бранимир Јовановски  имаше два промашаи (неиспалени истрели на време) во првата и третата серија од брзата стрелба, Ванчо Каранфилов не беше ни близу до неговите реални можности, додека Оливера Наковска-Бикова истрела солиден резултат и го постигна најдобриот пласман од нашите стрелци, 12 место со 555 кругови.

Екипно Русија прва со 1681 круг, второто место и припадна на Германија со 1630 кругови, третото на Шпанија со 1623 кругови, четвртото на Македонија со 1621 круг. За само 2 круга се “истопи” медалот и големата шанса уште во првиот настап да се освои медал од овој голем светски настан на кој учествуваат 247 спортисти од 43 држави.

Нашите спортисти поправен испит имаат во среда во дисциплината малокалибарски пиштол слободен избор.

You are here