МЕЃУНАРОДЕН ТУРНИР ВО ПИНГ ПОНГ „БУРГАС 2018“

1Во Бургас, од 13-15.09.2018 година, во организација на Бугарскиот параолимписки комитет, се одржа меѓународен пингпонгарски турнир за лица со инвалидност, на кој настапија натпреварувачи од три држави: Македонија, Црна Гора и Бугарија.

На покана на Бугарскиот параолимписки комитет, нашата репрезентација ја сочинуваа спортистите: Страшко Коцевски-тренер и спортист, Рубинчо Ристески, Марјан Зафировски и Зоран Трајановски. Во состав на екипата беа и Бранимир Јовановски-претседател на Одборот за параолимписки игри при федерацијата и Драган Дојчиноски-генерален секретар на федерацијата.

Натпреварот се спроведе во поединечна конкуренција и во парови, а на крај беа прогласени и севкупните победници.

Во поединечна категорија, Рубинчо Ристески од Прилеп во класа 8, во конкуренција на седум натпреварувачи го освои третото место и бронзениот медал. Истиот успех го оствари и Страшко Коцевски во класа 10, каде во конкуренција на седум играчи го освои третото место и а бронзениот медал, а во оваа класа Зоран Трајановски од Скопје го освои шестото место. Марјан Зафировски од Скопје во класа 7 во конкуренција на пет натпреварувачи го освои четвртото место.

Во парови, нашиот пар во класа 8, Рубинчо Ристески и Марјан Зафировски, во конкуренција на три парови го освои првото место, додека во класа 10, Страшко Коцевски и Зоран Трајановски во конкуренција на четири парови го освоија четвртото место.

Во конечниот пласман, екипата на Македонија го освои второто место, Прва беше екипата на Бугарија, а на третото место се пласира екипата на Црна Гора.

Медалите и пехарите на најуспешните им ги доделика Илија Лалов, претседател на Бугарскиот параолимписки комитет, потоа Бранимир Јовановски и претставник на општина Бургас.

Претседателите на Параолимписките комитети на Бугарија и Македонија договорија натамошна соработка и учество на подготовки и турнири со цел да се развие спортот на лицата со инвалидност. Во духот на досегашната плодна соработка, Македонскиот параолимписки комитет на домаќинот Илија Лалов му врачи поклон –„Реплика на Камениот мост во Скопје“.

Конечен биланс на македонските спортисти: два поединечни бронзени медали, еден златен во парови и севкупно пехар за освоено второ место.

You are here