МАКЕДОНИЈА НА ПАРАОЛИМПИСКИТЕ ИГРИ ВО РИО 2016

  • PDF

2МАКЕДОНИЈА НА ПАРАОЛИМПИСКИТЕ ИГРИ ВО РИО 2016

На петнаесеттите Параолимпски игри што се одржаа од 07-18.09.2016 година во Рио, Бразил, настапија 4.333 спортисти (2.663 мажи и 1.670 жени) од 159 држави (плус репрезентацијата на спортисти избеглици) во 22 спортови од програмата на игрите. Најбројна делегација беше кинеската со 308 спортисти. Беа доделени 528 комплети на медали, беа подобрени 220 светски и 432 параолимписки рекорди, продадени 2,15 милиони билети (86 проценти од понудените на продажба) со што и самите игри го срушија рекордот и се впишаа како најуспешни во историјата. 
Македонската репрезентација која настапи во Рио беше во состав: Оливера Наковска-Бикова и Ванчо Каранфилов – спортисти, Бранимир Јовановски – тренер, Драган Дојчиноски – шеф на мисија, др.Елвис Алексовски – лекар и Александар Келешов – помошник тренер. Нашите спортисти од 05-12.09.2016 година ги придружуваше и амбасадорот на РМ во Бразил, Ивица Боцевски во улога на параолимписки аташе.


На 05.09.2016 година во 10 часот во Олимпиското село беше одржана церемонијата на добредојде за тимот од Република Македонија со кревање на знамето, интонирање на националната химна и размена на зборови на благодарност и поклони со градоначалникот на Олимпиското село.
Свеченото отварање на игрите се случи на популарната „Маракана“ на 07.09.2016 година. Пред преполниот стадион 55-та по ред продефилира и нашата репрезентација, а знаменосец беше нашиот најдобар спортист Оливера Наковска-Бикова. Прекрасната вечерна програма под назив „Срцето нема граници. Сите имаме срце“,постојано беше пратена со френетични аплаузи, а дури ни дождот кој заврна пред самиот крај не успеа да ја намали убавината на настанот. Бразилскиот пливач Клодоалдо Силва имаше чест да го запали олимпискиот огин, а игрите за отворени ги прогласи претседателот на Бразил, Мишел Темер.
Првиот настап нашите спортисти го имаа на 09.09.2016 година во дисциплината воздушен пиштол. Најнапред во 9 часот наутро по бразилско време настапи Оливера Наковска-Бикова во конкуренција на 19 жени. Се одеше според планот и со солиден резултат од 374 кругови, Оливера се пласира во финалето како третопласирана. Во самото финале, во кое се бришат резултатите од квалификациите и сите спортисти стартуваат од нула, после првите 3 истрели Оливера беше на првото место. „Мирисаше“ на медал и после втората серија од 3 истрели кога Оливера го задржа високиот пласман, беше второпласирана. После осмиот истрел во финалето, на секои два истрели испаѓа по еден спортист. По 8 истрели во финалето, прва борбите ги заврши како осмопласирана извонредната натпреварувачка од Иран, Алиех Махмудокордхеили, а нашата спортистка и натаму беше второпласирана. И тогаш, во само 2-3 минути мала деконцентрација и два кикса, Оливера исстрела два (за неа слаби) погодоци и од второто место се спушти на седмото место за само 0,1 круг од шестопласираната, што практично во тој момент значеше и крај на натпреварот за неа. Штета, бидејќи беше подготвена да го брани медалот од Лондон 2012, а можеби токму тоа и беше преголемиот притисок кој не успеа да го издржи. Во подготвителниот период, сите финални борби кои ги стрелаше и резултатите кои ги постигнуваше беа повисоки резултатски од резултатот кој го донесе златниот медал на градите на втората иранка во финалето Сара Јаванимардидодмани. Среброто го освои Олга Ковалчук од Украина, а бронзата блесна на градите на Ајсеѓул Пехливанлар од Турција.
Од 12 часот, непосредно по завршувањето на финалето во категоријата жени, на огнена линија своето деби го имаше и нашиот втор натпреварувач Ванчо Каранфилов. Иако ова не беше фаворит дисциплина на Ванчо, тој стрелаше извонредно, најдобро во целиот олимписки циклус и со резултат од 556 кругови го освои 16-то место во конкуренција на 32 натпреварувачи. 
Вториот настап нашите спортисти го имаа во дисциплината спорт пиштол 25 метри на 11.09.2016 година. Ова е микс дисциплина (настапуваат мажи и жени во иста конкуренција) во која нашите спортисти ги освоија квотите за учество на Параолимписките игри. Дисциплина која на тренинзите во подготвителниот период „ветуваше“ влез во финале и за двајцата наши спортисти. Беа подготвени да се соочат со предизвикот и одлучно влегоа во борбата, меѓутоа во жарот на борбата почна да преовладува желбата за висок пласман па се случија неколку слаби погодоци и кај двајцата. На крајот од натпреварот, Оливера Наковска-Бикова со резултат од 558 кругови го зазеде конечното 14-то место, а Ванчо Каранфилов со резултат од 542 круга го зазеде конечното 24-то место, во конкуренција на 31 натпреварувач. 
На 14.09.2016 година, беше последен натпреварувачки ден во спортско стрелаштво на Параолимписките игри во Рио 2016. Настапија двајцата наши учесници во дисциплината Малокалибарски пиштол слободен избор 50 метри. Оваа дисциплина се смета за „кралска“ во пиштолски дисциплини бидејќи е исклучително напорна и тешка за изведба, метата се наоѓа на оддалеченост од 50 метри, а кругот на десетката е во дијаметар само 5 сантиметри. Исто така треба да се земе во предвид дека се стрела на отворен простор, при што атмосферските услови, особено лошите (ветер, сонце, облак, дожд...), се од пресудно значење за прецизноста и пласманот на стрелецот. Оливера Наковска-Бикова и Ванчо Каранфилов подготвени и со однапред договорена стратегија влегоа во натпреварот. И двајцата беа дополнително оптоварени од помислата дека во претходните настапи можеа да извлечат подобар пласман и резултат, што резултираше со малку понесигурен старт во пробните истрели и на почетокот на натпреварот, но како натпреварот одминуваше, така се подобруваа и перформансите на нашите спортисти. Тие го дадоа максимумот од себе во борбата за повисок пласман, не само во овој натпревар туку и во претходните два, и за тоа треба искрено да им се честита. После едно и половина часовна борба, со себе и со временските прилики (беше малку ветровито, но идеално сончево време), Оливера Наковска-Бикова со резултат од 528 кругови влезе во финалето како осмо пласирана. Одличен перформанс и храбра битка буквално до последниот истрел и второ финале за неа на игрите. Ванчо Каранфилов го заврши натпреварот на 30-то место со за него скромни 500 кругови во конкуренција на 34 натпреварувачи. 
„Стрелците дадоа се од себе. Таков е спортот, некогаш оди како подмачкано, некогаш колку и да се трудите работите испаѓаат далеку од посакуваното. Во текот на целиот натпревар (како впрочем и на сите други натпревари) им сугерирав на стрелците на што да обрнат внимание за време на изведбата. Ванчо релативно доцна успеа да го исконтролира настапот и не успеа да постигне подобар резултат, кој со својот квалитет реално и го заслужува. Оливера, иако не го стрелаше својот најдобар резултат од квалификациите (534 кругови), успеа да се избори за финале. Борбата траеше буквално до последниот 60-ти истрел во квалификациите. Во финалето се стрелаат дополнителни 20 истрели и сите стартуваат од нула. Оливера максимално се трудеше да се држи до договорената стратегија, меѓутоа за разлика од финалето во воздушниот пиштол каде што имаше два несреќни погодоци кои ја спуштија од второ на седмото место, овде во почетокот стрелаше постабилно и до самиот крај беше на разлика од 1,8-2,5 круга до бронзениот медал. Во четиринаесеттиот истрел погоди седумка и се оддалечи од третопласираниот на 5 кругови, разлика која не успеа да ја надополни со, за неа последните, петнаесетти и шеснаесетти истрел и го освои конечното четврто место, кое според мене е еднакво на освоен медал. Стрелаше во конкуренција на 34 најдобри стрелци на планетава во овој момент и „машки“ се избори за финале и висок пласман. Искрено им честитам на моите стрелци за борбата која ја прикажаа за време на Параолимписките игри, за храброста, пожртвуваноста и гордоста со која ги бранеа боите на нашата држава на игрите, за постигнатите резултати и пласмани. Им се заблагодарувам на: Агенцијата за млади и спорт, на Министерството за труд и социјална политика кои со значителни средства ја финансираа програмата, опремувањето, подготовките и патувањето на нашата репрезентација за Рио. Исто така им се заблагодарувам на Министерството за одбрана за донираната малокалибарска муниција, на Специјалната болница „Филип Втори“, на Заводот за ортотика и протетика „Славеј“, на „Мелмакс“, на „Фила Фарм“, на „Осигурување Македонија“, на Фудбалска федерација на Македонија, на Град Скопје и на Општина Куманово, кои издвоија дел од сопствени средства да го помогнат успешниот настап на нашите параолимпијци. Се надевам дека достојно им се оддолживме. Благодарност и до целиот параолимписки тим кој функционираше како „прецизен швајцарски часпвник“: на Драган Дојчиноски-шеф на мисија, на др.Елвис Алексовски-лекар на репрезентацијата и на Александар Келешов-помошник тренер, и на амбасадорот на РМ во Бразил, Ивица Боцевски, кој на игрите ја имаше улогата на параолимписки аташе. Сите тие, секој на свој начин, дадоа голем придонес во успешниот настап на нашите спортисти стрелци на Параолимписките игри во Рио 2016.“-истакна тренерот на параолимпијците Бранимир Јовановски.
Оливера го задржа во сопственост и во наредните 4 години параолимпискиот рекорд во квалификации во дисциплината воздушен пиштол, 381 круг од Лондон 2012.

You are here