ИНТЕРНАЦИОНАЛНО ПРВЕНСТВО ВО СТРЕЛАШТВО НА ХАНОВЕР, ГЕРМАНИЈА

  • PDF

2ИНТЕРНАЦИОНАЛНО ПРВЕНСТВО ВО СТРЕЛАШТВО НА ХАНОВЕР, ГЕРМАНИЈА
Во Хановер, Германија од 05-12.05.2016 година се одржа јубилејното десетто издание на Интернационалното првенство во стрелаштво на Хановер на кое традиционално настапуваат натпреварувачи со и без инвалидитет. Со оглед на тоа дека ова беше последен натпревар на кој се стрелаше полн параолимписки програм (воздушно и малокалибарско оружје) конкуренцијата беше значително посилна, но сепак недостасуваа неколку врвни спортисти и тимови.
Во Хановер македонската репрезентација настапи во состав: Бранимир Јовановски-тренер и стрелец, Оливера Наковска-Бикова и Ванчо Каранфилов – стрелци и Драган Дојчиноски – асистент. И Хановер ги сруши рекордите според бројот на држави учеснички. Во параолимпискиот програм настапиа спортисти од 33 држави во вкупно 14 дисциплини во кои се доделуваа медали во пердинечна и екипна конкуренција (девет дисциплини во пушка и пет во пиштол).


Првиот натпреварувачки ден на 09.05.2016 година се стрелаше дисциплината Спорт пиштол 25м. Во оваа дисциплина екипно (В.Каранфилов, О.Наковска-Бикова, Б.Јовановски) го освоивме третото место и бронзениот медал со исстрелани 1641 круг. Со малку спортска среќа требаше да бидеме најмалку второпласирани, меѓутоа првиот настап после седуммесечна пауза со малокалибарско оружје си го зеде данокот. Како и да е, голем успех на македонските параолимпијци и уште еден медал во низа. Поединечно, во конкуренција на 35 натпреварувачи, најдобар пласман освои Ванчо Каранфилов кој го освои 15-то место со резултат од 550 кругови, веднаш зад него 16-та беше Оливера Н.Бикова со 549 кругови и Бранимир Јовановски на 22-ро место со 542 кругови. Сите наши спортисти стрелаа над пропишаната минимум олимписка норма.
Вториот натпреварувачки ден на 10.05.2016 година се стрелаше дисциплината МК пиштол слободен избор 50м. Во оваа дисциплина во конкуренција на 35 натпреварувачи Оливера Наковска-Бикова со резултат од 534 кругови во квалификациите го освои 4-то место и влезе во финалето меѓу осумте најдобри. Ванчо Каранфилов со 499 кругови го зазеде 29-то место. Во финалето, Оливера Н.Бикова беше елиминирана после 12 истрели и го освои конечното 6-то место со резултат од 105,0 кругови. Првото место во оваа дисциплина го освои Сарах Јаванмардидодмани од Иран, второто Олексиј Денисјук од Украина а третото Стјуарт Ненџел од Велика Британија.
Најголем спортски успех во Хановер нашите спортисти постигнаа третиот натпреварувачки ден на 11.05.2016 година во дисциплината воздушен пиштол. Оливера Н.Бикова во конкуренција на 16 жени во квалификациите со одличен резултат од 378 кругови го освои првото место и влез во финалето. Во финалето Оливера го освои конечкото второ место и сребрениот медал со 190,1 поен. Првото место го освои Сарах Јаванмардидодмани од Иран со 192,3 кругови, додека бронзениот медал и припадна на уште една иранка Алиех Махмудикодкхеили со 169,7 кругови. Во истата дисциплина во категоријата мажи во конкуренција на 39 натпреварувачи настапи нашиот спортист Ванчо Каранфилов. Со резултат од 554 кругови го освои 18-то место. За финале беа потребни 561 круг.
Со овој натпревар завршија меѓународните натпревари пред одржувањето на Параолимписките игри во Рио во септември годинава. Тоа претставува мал хендикеп за спортистите, меѓутоа ние ќе се обидеме да организираме неколку двомечи со репрезентациите од опкружувањето со цел подобро да ја контролираме формата на нашите параолимпијци во подготвителниот период. Прв таков настап ќе се случи во Нови Сад, Србија во втората половина на јуни годинава.

You are here