СВЕТСКИ КУП ВО СТРЕЛАШТВО ВО ШЌЕЌИН, ПОЛСКА

  • PDF

4СВЕТСКИ КУП ВО СТРЕЛАШТВО ВО ШЌЕЌИН, ПОЛСКА
Во Шќеќин, Полска од 28.04-05.05.2016 година се одржа последниот ИПЦ Светски куп во стрелаштво за спортисти со инвалидност во организација на Меѓународниот параолимписки комитет. Ова беше и прв меѓународен настап на македонските спортисти-параолимпијци годинава, бидејќи за претходно одржаните два светски купа во јануари во Ал Аин, Обединети Арапски Емирати и во март во Бангкок, Тајланд едноставно немаше финансиски средства за настап.
Македонската репрезентација, со финансиска подршка од Агенцијата за млади и спорт настапи во проширен состав и тоа: Бранимир Јовановски-тренер и натпреварувач, Оливера Наковска-Бикова, Ванчо Каранфилов, Александар Јовановски и Лидија Крстеска – стрелци, и Драган Дојчиноски-асистент.


Се стрелаше само воздушен програм и нашите натпреварувачи настапија само во дисциплината воздушен пиштол во конкуренција на мажи и жени. Најголем успех постигна Оливера Наковска-Бикова која по квалификациите го освои второто место со 372 кругови (на првото место по квалификациите се плаира Олга Ковалчук од Украина со 377 кругови) и во финалето го освои конечното трето место со 170,5 кругови. Првото место го освои Ирина Лиаку од Украина со 190,6 кругови, додека второто место и припадна на Наталиа Далекова од Русија со 189,5 кругови. Оливера беше во водство од првиот до петнаесеттиот истрел кога по едно недоразбирање и вознемирување од судијата (без посебна причина мислеше дека таа е елиминирана наместо украинката), и по тој гест, Оливера едноставно „излезе“ за момент од концентрацијата и исстрела слаб погодок со кој од првото се спушти на третото место. Сето тоа се случи секавично, во само неколку секунди и ништо повеќе не можеше да се направи. Без оглед на очигледната штета (наместо златен освои бронзен медал) сепак ова е добро искуство за во иднина, да се игнорираат судиските вознемирувања, особено кога се неосновани. Во оваа категорија настапи и нашата втора спортистка Лидија Крстеска. Лидија стрелше во рамките на своите најдобри меѓународни резултати, одлично ја искористи шансата од неприсуството на неколку врвни конкурентки, влезе во финалето и се стекна со уште едно значајно искуство за нејзината натамошна стрелачка кариера. Во конкуренција на 16 натпреварувачки во квалификациите Лидија со 359 кругови го освои седмото место, се пласира во финалето и го освои конечното петто место со резултат од 129,5 кругови. 
Од мажите, кои генерално стрелаа далеку под своите можности, најдобар пласман оствари Ванчо Каранфилов со 545 кругови, потоа Бранимир Јовановски со 534 и Александар Јовановски со 533 кругови. Сите беа далеку од потребниот резултат за финале. Тренерот Бранимир Јовановски имаше долга расправија со судиите на натпреварот кои го оспоруваа стрелачкиот став со кој настапуваше Александар Јовановски. На крај после получасовно убедување дојдоа до заклучок дека судиите беа претенденциозни, дека и другите натпреварувачи кои настапуваат од инвалидска количка ја користат истата „финта“ за стабилизација на ставот потпирајќи се со грбот на шипката од задниот дел на количката, го оставија да го заврши натпреварот со малку изменета положба на торзото отколку тој што ја навикнал, но тоа го „исфрли“ од концентрација Александар и не можеше да го постигне својот просечен резултат. Како и да е, уште едно добро искуство за младиот Александар и укажување за промена на техника на заземање на став и баланс во натамошниот тренажен процес.
На натпреварот настапија 139 спортисти од 36 држави (16 држави освоија медал, меѓу кои и Македонија), беше срушен еден светски и еден европски рекорд, но за жал многу квалитетни спортисти од Кина, Кореја, Иран, Унгарија, Азербејџан...кои ќе земат учество на Параолимписките игри во Рио, не беа присутни во Шќеќин. Останува можноста на Интернационалното првенство во стрелаштво на Хановер, кое започнува непосредно по завршување на овој натпревар, Оливера и Ванчо и со нив да ги одмерат силите.

You are here