Свечено отворени XIV Параолимписки игри во Лондон

  • PDF

Свечено отворање на Параолимписки игри во ЛондонНа 29.08.2012 година во 21 часот по локално лондонско време во амбиент на целосно исполнет стадион, со присуство на 80.000 гледачи, започна церемонијата на отворање на четиринаесеттите Параолимписки игри Лондон 2012, на кои ќе настапат 4200 спортисти од 164 држави. Во церемонијата на отворањето учествуваше најпознатиот физичар на денешницата, инаку лице со телесен инвалидитет, Stephen Hawking кој во младоста заболел од амиотрофична латерална склероза (ATS) пренесувајќи му ја на светот пораката: „Немојте да гледате во земја, во своите стопала, гледајте во небото и звездите, бидете радознали“. Темата на свеченото отворање беше борбата за правата на лицата со инвалидност, наречена „Просветување“, презентирана преку мноштво на идеи кои се испреплетуваа на сцената изведени од 3.000 волонтери од кои голем број лица со инвалидност. Прекрасно беше да се присуствува во четиричасовното шоу на бои, звуци и енергија со постојано праќање пораки за поддршка и подобрување на  правата на лицата со инвалидност, повик на рамноправност и еднаквост.

Олимпискиот факел се спушти од небото носен во рацете на маринецот Joe Townsend кој ги изгубил двете нозе во Авганистан, а олимпискиот огин на стадионот го запали 84 годишната Margaret Maughan, првата носителка на златен медал за Велика Британика во стреличарство на параолмписките игри одржани 1960 година во Рим.

На церемонијата во Кралската ложа присуствуваа: Британскиот премиер David Cameron, градоначалникот на Лондон, Boris Johnson, принцот William, неговата сопруга Kate, а игрите за отворени ги прогласи кралицата Елизабета втора. 

Знамето на Република Македонија на свеченото отворање на игрите го носеше Бранимир Јовановски, носител на златен параолимписки медал од Барцелона 1992 година, а во Лондон за медали ќе се борат Оливера Наковска-Бикова и Ванчо Каранфилов. Двајцата спортисти ќе настапат во по три дисциплини во спортско стрелаштво. Тимот го предводи Драган Дојчиноски во улога на шеф на мисија.

You are here