Одбележан 3-ти Декември 2010

  • PDF
 Одбележан „3-ти Декември“, меѓународен ден на лицата со инвалидност
 
Одбележување на 3-ти Декември

На 03.12.2010 година во големата сала во ДХО „Даре Џамбаз“ во Скопје беше одржана пригодна манифестација на одбележување на Меѓународниот ден на лицата со инвалидност.

Одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со инвалидност „3-ти Декември“ има за цел да го промовира разбирањето на проблемот на инвалидноста и да мобилизира поддршка од општествената заедница за достоинството, правата и благосостојбата на лицата со инвалидност. Одбележувањето на овој датум, исто така има за цел да ја подигне свеста за придобивките од интеграцијата на лицата со инвалидност во сите аспекти на политичкиот, економскиот и културниот живот.

Главен фокус на одбележувањето е нашето настојување за натамошното имплементирање на меѓународните норми и стандарди за лицата со инвалидност во Република Македонија.

На манифестацијата присуствуваа: министерот за труд и социјална политика, г-дин Џељаљ Бајрами, пратеничката г-ѓа Лилјана Поповска, претставници од кабинетот на Владата на РМ, од разни министерства и институции, претставници од членките на НСИОМ, како и членови на НСТИЛМ од повеќе општински здруженија.

Претседателот на НСИОМ, Бранимир Јовановски ја отвори манифестацијата со следниве зборови: „Намалете го тонот на вашиот телевизор и со внимание  проследете ги домашните вечерни вести, подгответе си јадење со врзани очи или појдете на работа со инвалидска количка низ градскиот метеж. Скоро невозможно, нели?“

Повеќе од шестотини милиони лица се соочени со состојба на инвалидност како резултат на ментални, физички или сензорни оштетувања и без разлика во кој дел од светот живеат, нивните животи често се ограничени со физички или социјалните бариери, како и од недоволно развиената свест на луѓето без инвалидност да се надминат овие и другите бариери.

Заради заложбата максимално да им се помогне на лицата со инвалидност целосно да се вклучат и да живеат под еднакви услови за живот со другите граѓани, а не да станат само една од маргинализираните групи на општеството, од страна на Обединетите Нации 1981 година беше прогласена за „Меѓународна година на лицата со инвалидност (International Year of Disabled Persons)“. Потоа следуваше меѓународната Декада на лицата со инвалидност која траеше од 1983-1992 година и имаше за цел да им овозможи на владите и организациите да ги спроведат пропишаните мерки за подобрување на животот на лицата со инвалидност и да послужи за промоција на "еднаквост" и "целосното учество" на лицата со инвалидност во социјалниот живот и развој.  На 14 октомври 1992 година, со оглед на тоа дека декадата се придвижуваше кон крај, а резултатите од спроведувањето на Светската програма на акции во врска со лицата со инвалидност се уште беа незадоволителни, Генералното собрание на ОН го прогласи „3-ти Декември“ за Меѓународен ден на лицата со инвалидност. Како дополнување на Светската програма на акции во врска со лицата со инвалидност, во 1993 година беа донесени Стандардните правила за изедначување на можностите за лицата со инвалидност. Иако истите не беа задолжителни за Владите, претставуваа силна морална и политичка посветеност на земјите да се изедначат можностите на лицата со инвалидност. За таа цел, Стандардните правила содржат преглед на специфични принципи за одговорност, акција и соработка.

Секако најсилна алатка во процесот на изедначување на можностите на лицата со инвалидност и нивна потполна инклузија во општеството е Конвенцијата на ОН за правата на лицата со инвалидност и нејзиниот Опцион протокол, донесени од страна на Обединетите нации на 13 декември 2006 година. До денес, Конвенцијата ја потпишале 147 држави од кои 96 и ја ратификувале, додека Опциониот протокол го имаат потпишано 90 држави од кои 60 го ратификувале.

Република Македонија на 30.03.2007 година ја потпиша Конвенцијата, а на 29.07.2009 го потпиша и Опциониот протокол. Имавме ветување дека набргу потоа ќе се случи и нивната ратификација, меѓутоа до ден денес истите не се ратификувани, со што останавме единствена земја во нашето опкружување со таков статус. Гледано во глобала, Конвенцијата не предвидува нови права, меѓутоа јасно кажува кои мерки државите потписнички треба да ги преземат за подобрување на правата и положбата на лицата со инвалидност во сопствените држави. Очекуваме во најскоро време Владата на РМ да предложи Закон за ратификација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со инвалидност и нејзиниот Опцион протокол до Собранието на РМ.
You are here