Спортски Оскар 2010 за Оливера Наковска - Бикова

  • PDF

Спортски Оскар 2010Крајот на годината е проследен со повеќе манифестации кои го сумираат стореното во изминатата година и одлична можност уште еднаш да се потсетиме на врвните достигнувања и да ги наградиме најуспешните.

Во спортот, таква врвна манифестација е „Спортскиот Оскар“ во организација на Агенцијата за млади и спорт, a во коорганизација со Сојузот на спортските федерации на Македонија.

Годинава манифестацијата се одржа во преполната Универзална сала во Скопје на 25.12.2010 година со директен пренос на телевизијата Канал 5 и со присуство на повеќе министри, пратеници, луѓе од јавниот живот на Република Македонија, великани на македонскиот спорт, спортисти и спортски работници од веројатно сите спортски федерации во државата и секако најмладите спортисти од повеќе спортови за кои ова беше несекојдневно доживување и силен мотив да истрајат во спортот.

Беа прогласени најдобрите во повеќе категории, а ледот го „скрши“ Оливера Наковска-Бикова која беше прогласена за најдобар спортист со инвалидитет за освоениот бронзен медал на Светското првенсво во стрелаштво во Загреб, како и за освоената квота за учество на Параолимписките игри во Лондон 2012 година. Во оваа категорија беа номинирани и: Ванчо Каранфилов кој освои 1-во место на Светски куп во стрелаштво во Волмеранж ле Мин, како и Андреј Петровски кој го освои 5-то место на Европското првенство во пливање за глуви и наглуви лица.

„Чест е да се држи вакво признание во раце, јас ветувам дека и во годината која следи ќе постигнувам вредни резултати кои конечно ќе ме приближат кон освојување на златниот медал во Лондон 2012 година. Им се заблагодарувам на Агенцијата за млади и спорт за прекрасната организација на овој настан и за финансиската подршка заедно со Националната федерација за спорт и рекреација на инвалидите на Македонија – Македонски параолимписки комитет, потоа на мојот тренер Бранимир Јовановски за планирање и реализација на мојата тренажна програма, на моето семејство за севкупната поддршка, како и на спонзорот „Макпрогрес“ од Виница кој се погрижи да не опреми со спортска опрема за меѓународните настапи“- изјави лауреатот Оливера Наковска-Бикова.

Ова нејзина изјава беше пропратена со бурни аплаузи од присутните.

Спортски оскари за 2010 година беа доделени во следните категории:

  1. Најуспешен спортист на годината  -  Атанас Николовски
  2. Најуспешна спортистка на годината  -  Наташа Илиевска
  3. Најуспешен млад спортист на годината  -  Бранко Манев
  4. Најуспешна млада спортистка на годината  -  Наташа Андонова
  5. Најуспешен македонски спортист во странство  -  Горан Пандев
  6. Најуспешна машка репрезентација  -  Кошаркарска федерација
  7. Најуспешна женска репрезентација  -  Ракометна федерација
  8. Најуспешна спортска федерација  -  Карате федерација
  9. Најуспешен тренер-селектор  -  Марин Докузовски
  10. Најуспешен спортист со инвалидност  -  Оливера Наковска-Бикова
  11. Најуспешен спортски клуб од основните училишта  -  ОУ. Блаже Коневски - Прилеп
  12. Најуспешен спортски клуб од средните  училишта  -  Гимназија Орце Николов - Скопје
  13. Најуспешен спортски клуб од универзитетите е карате-ката тимот од универзитетот Св. Кирил и Методиј
  14. Оскар за животно дело  -  Кирил Дојчиновски
Во годината која е пред нас не очекуваат многу силни натпревари, се очекува освојување на многу вредни медали и квоти за Лондон 2012 година. НФСРИМ-МПК и за идната година ќе има сериозен кандидат за ова престижно признание.
You are here