Стрелаштво - Програма 2013

  • PDF

Стрелаштво - Програма 2013

Подготвил:   Бранимир Јовановски, виш тренер по стрелаштво, ISSF тренер, селектор и тренер  на репрезентацијата на РМ во стрелаштво за инвалиди.

Во првата година од олимпискиот циклус за Параолимписките игри во Рио де Жаниеро, Националната федерацијата за спорт и рекреација на инвалидите на Македонија - Македонски параолимписки комитет ќе преземе интензивни активности во однос на дефинирање на потенцијални учесници кои ќе ја преставуваат Република Македонија во спортско стрелаштво, како и во активностите за што подобри и содржајни подготовки и учество на контролни домашни и меѓународни натпревари за тестирање на формата. Секако ќе се продолжи со тренажен процес на репрезентативци од А и Б тимот и заедничко учество на барем еден меѓународен натпревар во 2013 година. За А тимот се предвидува учество на најмалку 3 меѓународни натпревари.

Во натпреварувачката 2013 година се планира:

  1. Тренажни денови 210 од кои 25 заеднички подготовки;
  2. Учество на 3 светски купови;
  3. Учество на Европско првенство 2013;
  4. Набавка на оружје, муниција и друга опрема;
  5. Предвидувања;
  6. Витаминизација

A) Тренажен процес

Во оваа година од олимпискиот циклус спортистите ќе тренираат 210 дена и ќе работат со темпо од минимум 4 дена во неделата со поединечна програма за работа во која ќе бидат опишани задачите од тренажниот процес. Секој поединечен тренинг ќе трае 3-5 часа со можност тренинзите да бидат поделени во два дела во текот на тренажниот ден.

Тренажниот процес во индивидуалниот дел кој опфаќа 185 тренажни денови во назначениот период ќе се одвива на стрелиштата во Скопје и  Битола, а по потреба и во Охрид и Прилеп. Од поширокиот список на кандидати за состав на репрезентацијата, Бранимир Јовановски од Куманово, Ванчо Каранфилов, Лидија Крстеска, и Тони Митровски (сите од Скопје) ќе тренираат во Скопје, Оливера Наковска-Бикова ќе тренира во Битола со перманентна интернет и телефонска консултација со тренерот и селекторот на репрезентацијата Бранимир Јовановски, кој пак најмалку два пати месечно заради континуитет во работењето ќе присуствува на нејзин тренинг. Секако дека и на други спортисти кои во меѓувреме ќе ги исполнат пропишаните минимум норми, НФСРИМ-МПК ќе им овозможи подготовки во рамките на своите можности.

Тренажниот процес за време на  заедничките подготовки опфаќа 25 тренажни денови и во назначениот период ќе се одвива на стрелиштата во Охрид и Скопје. Заедничките подготовки ќе бидат поделени во 3 (три) дела и тоа:

- Физички подготовки во втората половина од месец февруари, а најдоцна до првата половина од месец март во траење од 10 дена. Истите ќе бидат спроведени во објект кој поседува затворен базен (најверојатно хотел “Цар Самуил” с.Банско, Струмица). Имено поради телесната инвалидност што ја поседуваат спортистите, Бранимир Јовановски и Ванчо Каранфилов, потребата од циклична активност можат да ја задоволат само со пливање. Поред пливањето за време на овие тренажни денови ќе биде планирана и друга физичка активност со што задачите на тренингот ќе бидат планирани и реализирани процентуално 80% физички подготовки и 20% техничко тактички подготовки.

- Заеднички подготовки пред учество на меѓународните контролни натпревари во траење од 5 дена во месец април. Имено се планира учество на најмалку 3 Светски купови во мај и во јуни и нормално е пред заминување на истите да се изгради соодветна тактика за настап која би се дефинирала за време на овие подготовки.

- Завршни подготовки во траење од 10 дена пред заминувањето на Европско првенство. Овие подготовки ќе се организираат на стрелиштето во Охрид а задачите на тренингот ќе бидат планирани и реализирани процентуално 20% физички подготовки и 80% техничко тактички подготовки.

Б) Учество на 3-4 Светски купови

За правилно темпирање на формата на спортистите ќе бидат планирани повеќе контролни натпревари. На домашно ниво ќе се планираат 3-5 натпревари во текот на годината, но секако се наметнува потребата од учество на меѓународни натпревари на кои освен тестирање на моменталниот степен на тренираност, ќе се постигне и вториот ефект, а тоа е чувство на сигурност и влез во натпреварувачка форма пред учество на Европското првенство. Мошне битно е од психолошка гледна точка, спортистите да имаат неколку “спортски контакти” со своите директни противници во подготвителниот период. Тоа ќе доведе до стекнување на поголема самодоверба на спортистите и ќе се намали притисокот кој се јавува при учеството на меѓународните натпревари посебно ако на истите учествува светската спортска елита.

Во 2013 година се планира учество на 5 спортисти и 1 тренер и 1 асистент на следните Светски купови во стрелаштво:

- 2013 IPC SHOOTING WORLD CUP, Poland Szczecin, 15th - 21st April 2013

- 2013 IPC SHOOTING WORLD CUP, Turkey, Antalya, 11nd - 20th May 2013

- 2013 IPC SHOOTING WORLD CUP - Great Britain, 2nd July 2013 - 4th July 2013

- 2013 IPC EUROPEAN CHAMPIONSHIPS, Alikante, Spain, 18th - 26th October 2013

- 2013 SH BRASILIAN OPEN CHAMPIONSHIPS, Brasil, Rio de Janeiro, 1st - 06th October 2013

Учеството на горе наведените натпревари го планираме согласно најавените натпревари за 2013 година од страна на Меѓународниот параолимписки комитет www.ipc-shooting.org.

Во текот на годината доколку се појави потреба може да биде заменето учество на некое од наведените натпревари со друго во зависност од комплетниот спортски календар кој ќе биде објавен и потребите кои ќе произлезат од тренажниот процес.

В) Учество на Eвропско првенство

Во 2013 година ќе се одржи Европско првенство во стрелаштво во Аликанте, Шпанија.

Република Македонија ќе биде застапена со најмалку 5 спортисти на европското првенство. Федерацијата со својот стручен тим ќе преземе бројни активности за што е можно подобар тренажен процес на нашите спортисти од чија реализација директно ќе зависи и самиот спортски успех на нашите спортисти на првенството. Потенцијалите, дел од нашите спортисти се повеќекратни носители на меѓународни трофеи и нема да биде нескромно ако се каже дека од првенството  очекуваме продолжување на традицијата на освојување на медали на големи спортски натпревари и повеќе настапи во финале. Проценката на селекторот е настап во најмалку 2 финални борби и освојување на минимум 1 медал.

Г) Набавка на оружје, муниција и друга опрема

За целосно спроведување на тренажниот процес, но и за поуспешно учество на нашите спортисти на меѓународните првенства потребно е да се набават:

- 2 воздушни пиштоли (Feinwerkbau или Walther);

- 25.000 дијаболи (H&N pistol Match) за воздушно оружје;

- 50.000 дијаболи (H&N pistol Match) за воздушно оружје;

- 60.000 парчиња малокалибарска муниција;

- 10.000 мети за воздушен пиштол;

- 1.000 мети за малокалибарски дисциплини ;

- 10 комплети спортска опрема (тренерки, маици, патики ...).

Дел од оружјето со кое натпреваруваат нашите спортисти во пиштолски дисциплини е обновено благодарение на посебните наменски средства кои ги донираше Агенцијата за млади и спорт во 2007, но има потреба од набавка пред се на два воздушни пиштоли (Feinwerkbau или Walther).

Наведеното количество на муниција и мети е оптимум за успешно исполнување на задачите од тренажниот процес и основен проблем е во тоа што не можат или мошне тешко можат да се најдат во продажба во нашата држава. Спортската опрема е потребна во функција на тренажниот процес, но и за настап на меѓународните првенства во работниот и во парадниот дел.

Д) Предвидувања

Со оглед на тоа дека станува збор за искусни спортисти, повеќекратни освојувачи на медали од европски купови, европски и светски првенства, како и од параолимписки игри, нашите спортисти се сериозни кандидати за освојување на медали и на претстојните меѓународни натпревари во стрелаштво.

Од настапите на подготвителните натпревари од тројцата наши спортисти-параолимпијци во трите пиштолски дисциплини се предвидува учество во три финални борби (пласман меѓу најдобрите 8 спортисти) и освојување на најмалку 1 медал во поединечна конкуренција и 1 медал во екипна конкуренција.

На Европското првенство се очекува најмалку влез во 2 финални борби и освојување на најмалку еден медал.

Нормално сето ова ќе зависи од процентот на реализација на Програмата во однос на однапред предвидените и искажани подготовки, тренажни денови и набавена муниција.

 На стручно поле со спортистите стрелци како тренер и селектор на македонската репрезентација во стрелаштво за инвалиди ќе работи Бранимир Јовановски, виш тренер по стрелаштво и тренер со меѓународна ISSF (International Sports Shooting Federation) лиценца, кој од страна на Федерацијата е назначен тренер и селектор на македонската репрезентација во стрелаштво за инвалиди. Помошник тренер на репрезентацијата е Александар Келешов, професор по физичко образование. 

Ѓ) Витаминизација

За зајакната исхрана и витаминизација на спортистите стрелци за 2013 година се предвидува сума од 120.000,00 денари.

You are here