Претседателот на ФСРИМ-МПК, Бранимир Јовановски, и генералниот секретар, Драган Дојчиноски, присуствуваа на изборната седница на 8-то Генерално Собрание на Европските параолимписки комитети кое од 18-20.09.2009 година се одржа во Виена, Австрија.
Седницата беше од изборен карактер и за кандидати за претседател на ЕПЦ за наредниот четиригодишен мандат беа предложени Ратко Ковачич, претседателот на Параолимпискиот комитет на Хрватска и Џон Петерсон, подпретседател на Данскиот параолимписки комитет. По тајното гласање, со 24 гласа од присутни 41 претставник на европските параолимписки комитети со полно право на глас, за нов претседател беше избран Џон Петерсон од Данска. Ратко Ковачич освои 17 гласа.
Беа избрани и другите органи и тела на Европскиот параолимписки комитет. За генерален секретар повторно беше избран Лука Панкали од Италија, нови членови на извршниот орган се: Петра Хубер од Австрија, Денис Јекен од Белгија, Михаил Терентиев од Русија и Витаутас Квиеткаускас од Литванија. За нов благајник е избран Креиг Карскаден од ЦП-ИСРА, додека технички офицер е Самуел Роско од Словачка.
Седницата на Собранието беше организирана во хотелот Пирамида во висок стил, а нашите претставници активно учествуваа во целиот тек од работата на истата. Бранимир Јовановски беше нашиот претставник со полно право на глас и гласаше при усвојување на извештаите и избор на новите претставници во органите и телата на ИПЦ. Она што е исклучително важно е дека во паузите од седницата беа воспоставени повеќе контакти со претставници од европски параолимписки комитети и беа отворени вратите за идна билатерална соработка на спортско и организациско поле.
Поврзани објави
СПОРТСКИ НАТПРЕВАР ВО ЧЕСТ НА 11 НОЕМВРИ – ДЕН НА ОСЛОБОДУВАЊЕ НА КУМАНОВО
СПРОВЕДЕНА ОБУКА ЗА ПАРА СПОРТ ЛИДЕРСТВО ЗА ЖЕНИ
НА ПРИЕМ ВО МАКЕДОНСКАТА АМБАСАДА ВО ПАРИЗ