На 12.04.2023 година во арената Борис Трајковски во Скопје, беше одржан првиот инклузивен спортски саем „Спорт за сите”, со целосно почитување на човековите права во интерес на сите граѓани. Настанот „Спорт за сите”, беше инициран од заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска во рамки на проектот „Од знаење и образование до зајакнување и учество“ со фокус на промоција на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост и практикување на пристап заснован на човекови права, а организиран во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации и во партнерство со Националните сојузи и организации на лица со попреченост, и се фокусираше на промоција на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост и пристап заснован на човекови права.
Панелисти на спортскиот саем беа: Славица Грковска-Заменик на претседателот на Владата на РСМ, Армен Григоријан-постојан претставник на Програмата за развој на Обединетите нации, Јетон Шаќири-Министер за образование и наука, Ристо Пенов-Министер за локална самоуправа, Наумче Мојсовски-директор на Агенција за млади и спорт и Бранимир Јовановски-претседател на Параолимпискиот комитет на Северна Македонија.
„Овозможувањето спорт за сите, преку отстранување на архитектонските и други видливи и невидливи бариери и инвестирање во опрема и посебни програми, не е само начин да се подобри животот и благосостојбата на луѓето со попреченост, туку и начин како општеството да станува подобро и поправедно“, истакна заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на отворањето на првиот инклузивен спортски саем „Спорт за сите“.
Претседателот на Параолимпискиот комитет на Северна Македонија, Бранимир Јовановски, во својата дискусија истакна дека телесното вежбање и спортот не се резервирани само за “здравите” лица. Лицата со инвалидност исто така, ако не и повеќе од тоа, имаат потреба од телесна активност со програмиран напор и правилно дозирани физички оптоварувања. Поред другите промени во животните навики и однесувања на лицата со инвалидност, овие оштетувања придонесуваат истите да го редуцираат своето движење, да бидат подложени на подолготрајно седење или лежење, кое пак неминовно доведува до потполна атрофија на мускулатурата на оштетениот екстремитет (или екстремитети), како и драстично намалување на кондицијата на преостанатата мускулатура и комплетно физичко слабеење на единката, особено кај младите кои се уште не го завршиле потполниот телесен развој. Физичката неактивност придонесува и до слабеење на други органски системи, пред се кардиоваскуларниот, така да овие лица се подложни на зголемен ризик од кардиоваскуларни заболувања. Најголемите недостатоци за помасовно и непречено вклучување на лицата со инвалидност во спортско-рекреативни активности се:
– непристапност на спортските објекти заради архитектонските бариери (не се мисли само на влез во спортските сали, туку и внатрешна пристапност на тоалети, соблекувални, туш кабини, лифт за премостување на висински разлики и друго);
– недостаток на опрема и специфични спортски реквизити (специфични протези за тркачки и фрлачки атлетски натпреварувања, специјални столови за атлетски фрлачки дисциплини, специјачлни колички за кошарка, за тенис, за скијање и друга специфична опрема);
– недостаток на прилагоден јавен превоз, градски и меѓуградски (во Скопје има некаков адаптиран превоз, шпрашањето е дали е во доволна мера, меѓутоа во внатрешноста на републиката неможе да стане збор за адаптиран градски превоз);
-недоволно едуцирани тренери за работа со спортисти со инвалидност (тренерите поретко се определуваат да работат со лицата со инвалидност бидејќи се плашат да не им нанесат поголемо оштетување од тоа што го имаат, но и поради фактот дека не ги познаваат специфистиките на адаптираниот спорт кои и не се разликуваат во голема мера од правилата во редовниот спорт. Во повеќе наврати се обидувавме Факултетот за физичко образование и спорт да воведе посебна програма за изучување на овие разлики, меѓутоа засега се уште безуспешно) ;
– недоволно финансиски средства за спроведување на тренажен процес и учество и организација на спортски натпревари.
Врвните спортисти со нивните врвни постигнувања ја афирмираат Република Северна Македонија низ сите меридијани на светот. Тие се вистински спортски амбасадори и најефтина реклама на државата. За да ги постигнат своите врвни резултати и да бидат конкурентни за освојување на медали од светската сцена, тие тренираат неуморно 6 дена во недела по 6-8 сати дневно единаесет месеци во годината, и тоа повеќе години без никаква гаранција дека ќе го остварат сонот и ќе станат шампиони. Притоа го запоставуваат своето образование, пријателите, роднините, дури и сопствените семејства и заслужуваат државата да им се реваншира и да ги поддржи соодветни награди за високи пласмани. За жал, таква уредба во нашата држава не постои и Владата треба под итно да ја донесе и да се стави во редот на државите од опкружувањето и пошироко кои тоа прашање на многу чесен и достоинствен начин го имаат етаблирано.
Овој настан беше организиран на иницијатива на вицепремиерката Грковска, а е поттикнат од минатогодишната евалуацијата на EPAS (Enlarged Partial Agreement on Sport), тело на Советот на Европа, кое претставува платформа за меѓувладина соработка на земјите-членки на полето на спортот.
„Почитувањето на начелата „Никој да не биде изоставен” и „Ништо за нас без нас“, треба да се водилки и во сите останати области. Бидејќи само со целосно почитување на човековите права и со широка вклученост на засегнатите страни кога се носат и спроведуваат мерки и политики, можеме да изградиме одржлив систем на добро управување, кој ќе функционира во интерес на сите граѓани”, изјави вицепремиерката Грковска, и ги охрабри присутните спортисти и спортски работници да се вклучат со свои коментари во подготовката на новата Национална стратегија за правата на лицата со попреченост 2023 – 2030, која во моментов е поставена на ЕНЕР.
Саемот се одржа во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации и во партнерство со Националните сојузи и организации на лица со попреченост.
„Лицата со попреченост многу често се соочуваат со бариери во секојдневниот живот, и за жал оваа целна група е генерално исклучена од скоро сите социо – економски текови. Во таа смисла, спортот претставува идеална средина каде што тие можат на еднаква основа со сите да се занимаваат со спортски активности без разлика дали се соочуваат со одредена попреченост или не. За да го засили позитивното влијание на спортот, а во насока на промовирање и на Целите за одржлив развој, УНДП во своите проектни активности е партнер со националните институции, спортските асоцијации и клубови за да обезбеди можности сите лица да се вклучат во одредена физичка активност на еднаква основа со сите“, потенцираше Армен Григорјан, постојан претставник на Програмата за развој на Обединетите нации.
Целта на настанот бешее да се поддржат отворените дискусии меѓу Владата и организациите на лицата со попреченост за пристапот до спортот на професионално и рекреативно ниво на еднакви основи како и другите. Во таа насока, со свои излагања се вклучија и министрите за образование и локална самоуправа, Јетон Шаќири и Ристо Пенов, директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски.
Исто така, од страна на претседателот беше промовирана брошурата „HEPA guidelines for children with disabilities based on gymnastic after COVID-19“ која е во фаза на изработка во рамките на проектот GYM4ALL – Gymnastics for children with disabilities, поддржан од Еразмус+ во кој учествува и Параолимпискиот комитет на Северна Македонија, како патнер.
Поврзани објави
СПОРТСКИ НАТПРЕВАР ВО ЧЕСТ НА 11 НОЕМВРИ – ДЕН НА ОСЛОБОДУВАЊЕ НА КУМАНОВО
СПРОВЕДЕНА ОБУКА ЗА ПАРА СПОРТ ЛИДЕРСТВО ЗА ЖЕНИ
НА ПРИЕМ ВО МАКЕДОНСКАТА АМБАСАДА ВО ПАРИЗ